Економија
Усвоен најновиот квартален извештај со есенските макроекономски проекции на Народната банка

Советот на Народната банка одржа редовна седница на која беше разгледан и усвоен најновиот квартален извештај во чии рамки се вклучени и макроекономските проекции на Народната банка. По усвојувањето на извештајот, гувернерката ги претстави макроекономските проекции пред јавноста на конференцијата за печатот.
Макроекономската слика за периодот 2023 – 2026 година во овој циклус проекции не е значително променета во споредба со проекциите од април. Во однос на растот, и натаму се очекува умерено забавување во 2023 година и негово постепено засилување во следниот период. Сепак, во услови на малку понеповолно надворешно окружување, на краток рок, закрепнувањето на економијата е малку послабо од претходните очекувања. Така, се очекува дека во 2023 година економскиот раст умерено ќе забави и ќе се сведе на 1,9 %, а со подобрувањето на надворешниот амбиент и спроведувањето на јавниот инфраструктурен циклус во земјата растот би забрзал искачувајќи се до 3 % во 2024 година. На среден рок се очекува натамошно закрепнување, односно раст од околу 4 % под услов да нема позначителни шокови. Во поглед на структурата на растот, за 2023 година се очекува позитивен придонес од нето-извозот и од домашната побарувачка, а за следните две години се очекува дека растот ќе произлезе од домашната побарувачка, со најголем позитивен придонес од бруто-инвестициите поради засилената изведба на капиталните инфраструктурни проекти поврзани со изградбата на патните коридори и приватните домашни и странски инвестиции, известуваат од Народната банка.
Инфлацијата и натаму ќе се намалува и на среден рок ќе се сведе на историскиот просек од 2 %. Според податоците објавени од Државниот завод за статистика, годишната инфлација во октомври забави сведувајќи се на 3,5 %. Притоа, со оглед на повисоките годишни стапки од почетокот на годината просечната инфлација за периодот јануари – октомври изнесува 10,7 %. Во натамошниот период се очекува дополнително забавување на просечната инфлација, која за 2023 година би изнесувала околу 9,5 %. Инфлацијата и во 2024 година значително ќе се намалува до 3,5 до 4 % во просек, а понатаму ќе се сведе на приближно 2 %.
Последните оцени за кредитната активност на банкарскиот сектор се непроменети во однос на очекувањата од априлските проекции, односно се задржуваат оцените за забавување на растот на кредитите во 2023 година и постепено забрзување на растот во наредниот тригодишен период. Кредитниот раст на крајот на 2023 година би се свел на 5,7 %, а со постепеното забрзување на економскиот раст и стабилизирањето на очекувањата се очекува забрзување на растот на кредитната активност за периодот 2024 – 2026 на 6,9 % во просек. Со оглед на попривлечните услови за штедење како одраз на мерките преземени од страна на Народната банка и зголемената доверба во домашната валута, како и очекуваниот раст на паричните примања на населението, на крајот на 2023 година се очекува солиден раст на вкупните депозити од 8,4 %, повисок од очекувањата во април. За следниот период се проектира натамошен солиден раст на депозитите, кој во просек би изнесувал 7,8 % во периодот 2024 – 2026 година, исто како во априлската проекција.
Октомвриските согледувања за надворешната позиција на домашната економија се значително поповолни во однос на априлските оцени, особено кај тековната сметка како резултат на помалите увозни притисоци. За 2023 година дефицитот во тековната сметка на билансот на плаќања би изнесувал 1,2 % од БДП. Значителното стеснување на дефицитот произлегува од пониските цени на енергијата и храната, но и на понискиот количински увоз на суровини и енергенти во услови кога сè уште има високи резерви од претходната година. За 2024 година се предвидува благо влошување на дефицитот кај тековната сметка, кој би изнесувал 2,4 % од БДП, што ќе произлезе од постепеното зголемување на трговската размена и стабилизацијата на приватните трансфери. На среден рок се очекува стабилизирање на дефицитот во тековната сметка на нивото од 2024 година, кое е блиску до претпандемичното ниво. Очекуваните финансиски нето-приливи ќе овозможат целосно финансирање на дефицитот на тековната сметка, како и дополнителен раст на девизните резерви. Се очекува дека во целиот период на проекцијата девизните резерви ќе се задржат на ниво што е соодветно на меѓународните стандарди за одржување на стабилноста на девизниот курс.
Општо земено, макроекономската слика во поглед на патеката на економскиот раст и на забавувањето на инфлацијата за целиот период на проекциите не се многу променети во однос на априлскиот циклус. Од друга страна, екстерната позиција на домашната економија се оценува како значително поповолна во споредба со претходната проекција, со помал притисок врз тековната сметка, особено оваа година, и со солидни финансиски приливи, што следствено ќе овозможи задржување на соодветното ниво на девизните резерви на среден рок. Клучните ризици за основното макроекономско сценарио се слични на оние од априлските проекции, при што ризиците од надворешното окружување и на краток и на среден рок и натаму се неповолни. Во овој контекст, неопходно е следење и на политиките што влијаат врз агрегатната побарувачка во домашната економија. Народната банка внимателно ги следи макроекономските податоци и ризиците и како и досега ќе ги презема сите неопходни мерки користејќи ги сите расположливи инструменти заради одржување на стабилноста на девизниот курс и стабилизирање на инфлацијата на среден рок, се додава во соопштението на Народната банка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Дурмиши од Струга: Инвестираме 40 милиони евра за граѓаните да останат и напредуваат дома

Денеска во Струга, Министерството за економија и труд и Агенцијата за вработување ја одржаа јавната презентација на Оперативниот план за вработување 2025. Настанот привлече голем интерес кај граѓаните, бизнисите и локалните институции, а главниот фокус беше ставен на мерките што директно ја засилуваат вработеноста и ја стимулираат економијата.
На презентацијата присуствуваше и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, кој порача дека Владата вложува во граѓаните – нивните идеи, капацитети и амбиции.
„Не нудиме празни ветувања, туку конкретни мерки, средства и поддршка. Оперативниот план е алатка за секој кој сака да започне, да се дообучи или да се вработи. Целта е јасна – да создадеме можности тука, дома“, истакна министерот Дурмиши.
Планот за 2025 година предвидува инвестиција од 40 милиони евра, насочена кон повеќе од 10.000 граѓани, а oд Министерството велат дек досегашниот одѕив покажува дека мерките веќе го даваат посакуваниот ефект.
Мерката за практикантство обезбедува вклучување на 1.352 млади лица до 29 години, од кои 40 преку онлајн практикантство. Секој учесник ќе добива месечен надомест од 12.000 денари во период од три месеци.
„Субвенционираното вработување за микро, мали и средни претпријатија веќе има над 2.000 апликации – доказ за високиот интерес на приватниот сектор да учествува во креирање нови работни места“, велат од Министерството.
Се додава и дека финансиската поддршка за започнување сопствен бизнис е успешно затворена со над 6.000 апликации, а во тек е селекцијата на корисниците, додека мерката 3.1 – Обука кај познат работодавач и понатаму останува една од најефикасните алатки за вработување.
„Овие бројки не се само статистика – зад секоја апликација стои приказна, надеж и одлука да се направи чекор напред. Нашата задача е да ја поддржиме таа одлука со реални алатки“, додаде министерот Дурмиши.
Настанот во Струга е дел од поширока теренска кампања, со која Министерството и Агенцијата за вработување ги претставуваат мерките директно пред граѓаните. Следуваат презентации во Гостивар, Кичево, Сарај, Липково и други општини со висока стапка на невработеност.
Економија
Франција го казни „Шеин“ со 40 милиони евра за лажни попусти

Франција го казни кинескиот онлајн-продавач на облека „Шеин“ со 40 милиони евра за заведување на клиентите со тврдења за попусти.
Од 1 октомври 2022 година до 31 август DGCCRF анализира наводно намалени цени за илјадници производи на француската веб-страница на „Шеин“.
Истрагата откри дека некои цени на платформата биле зголемени непосредно пред попустите или не ги вклучувале претходните попусти, објави регулаторот. Цените на повеќе од половина од анализираните производи, 57 проценти, воопшто не биле намалени, откри DGCCRF, а речиси една петтина од попустите биле помали од рекламираните.
Во 11 проценти од случаите цената била уште повисока, објави DGCCRF. „Шеин“ исто така не успеа да достави докази на својата веб-страница за да ги поткрепи своите тврдења за еколошки свесно работење, како што е намалувањето на емисиите на стакленички гасови за 25 проценти.
(Фото: ЕПА)
Економија
(Видео) Николовски: Власта удри по земјоделците, крати 478 милиони денари во ребалансот

Власта предлага антинароден и расипнички ребаланс на буџетот, со кој се кратат 478 милиони денари од поддршката за земјоделците. Во најголемиот буџет власта нема пари за земјоделците, нема пари за поголеми субвенции, но затоа има повеќе пари, 30 милиони евра за владиниот луксуз, обвини пратеникот од СДСМ, Љупчо Николовски.
Тој додаде дека во време кога земјоделците се соочуваат со драстично зголемени трошоци за нафта, ѓубрива, механизација и работна рака, власта им го завртува грбот. Наместо поддршка, рече Николовски, добиваат игнорирање.
„Спротивно на оваа антинародна политика, СДСМ останува цврсто на страната на земјоделците. Пратеничката група на СДСМ поднесува амандмани со кој бара да се врати предвидената сума за субвенции и дополнително бара конкретни мерки за реална поддршка на земјоделското производство“, рече тој.
Николовски додаде дека СДСМ предлага враќање на поддршката од 12.000 денари по грло говедо за сточарите; зголемување на поддршката за оризова арпа за реколта 2024; интервентна субвенција од 8 денари по килограм сончоглед; поддршка од 5 денари по килограм за предадена пченица; мерка од 3 денари за продадена пченка во откупни капацитети; враќање на мерката од 1.000 денари за предадено јагне и итна распределба на картичките за зелена нафта за 50.000 земјоделци.
Николовски кажа дека СДСМ и во време на ковид пандемија и војна во Украина не кратела од земјоделците туку напротив, интервенирала со дополнителни субвенции, закони и програми.
„Апелираме до Владата: наместо да уриваат што е создадено, продолжете ги добрите практики кои функционираа. Не ги оставате земјоделците сами, не им кратете од она што им припаѓа! Земјоделството не смее да биде жртва на вашата расипничка политика“, рече Николовски.