Економија
Услужната комора бара К15 да се одложи или да се укине за оваа година

Услужната комора на Македонија ја презентира состојбата во секторот транспорт, кој во моментот се соочува со многубројни предизвици. Транспортерите имаат голема одговорност да се испорача сè што е потребно за граѓаните и индустријата во услови на силен притисок предизвикан од глобалната пандемија, беше истакнатo на денешната прес-конференција.
Филип Манојловски ги презентира главните мерки, кои е неопходно да се преземат за ублажување на шокот и предизвиците како од здравствен така и од економски аспект со цел размената и транспортот на стоки да се одвиваат непречено. Бараат нивно итно донесување бидејќи моментната состојба налага компаниите да се затворат и да чекаат подобри времиња кога би почнале со дејност повторно бидејќи со секој изминат ден се соочуваат со големи тековни трошоци, а наплата на побарувањата речиси и да нема.
„Во насока на тоа да се зачува здравјето на возачите, што е неопходен предуслов за работа, Владата треба да обезбеди пунктови, кои ќе бидат функционални за возачите, каде што ќе се прават брзи тестови со цел да не се губи време како досега со закажување кај матичен доктор и чекање термин за да може да бидат тестирани. Транспортерите и натаму треба да останат клучен фактор во синџирот на снабдување на населението со неопходните продукти во оваа ситуација, како и одржување на индустријата. Возачите на товарни возила се најизложени исто како и докторите, полицијата, војската, медиумите, кои се носители на одговорност и висок ризик во оваа ситуација за зачувување на здравјето, снабдување со основни продукти за живот на нашите граѓани, како и одржување на економијата. Доколку транспортерите запрат со работа, рафтовите во маркетите би останале празни, економијата би ризикувала застој, фабриките би имале проблеми со дистрибуција на производите, а во тој случај и многу граѓани би останале без работа“, изјави Манојловски.
Додаде дека покрај големиот број совесни возачи, голем дел од компаниите се соочуваат со ситуации на злоупотреба во овие тешки времиња и одбивање на работа по донесување на вонредната состојба во земјава, а немаат насоки како да постапат и да се заштитат.
Услужната комора побара Царинската управа и царинските службеници да работат со полн капацитет, бидејќи во одредени случаи на поднесени барања за издавање на одобренија од страна на компаниите, истите се проблематизираат поради редуцираниот капацитет на царинското работење.
„Во овие вонредни времиња, Услужната комора апелира на пролонгирање на рокот за регистрација на товарните и патнички моторни возила до завршувањето на кризата, бидејќи претставува дополнително оптоварување и трошок како за компаниите, така и за сите граѓани, а со тоа и осигурителните компании да ја продолжат важноста на полисите за истиот рок. Транспортните компании и натаму ги обезбедуваат и ги запазуваат сите превентивни мерки донесени од Владата за заштита и превенција од Ковид 19, секојдневно се врши дезинфекција на возилата, обезбедување заштитни маски, ракавици, средства за дезинфекција, заштитни навлаки за обувки во согласност со сите препораки. Потребно е во овие вонредни услови да се преземат и вонредни мерки, како генерално одложување на обврските за рати на кредити овие 3 месеци во целост. По завршиувањето на кризата, да се продолжи со нормално враќање на ратите, а тоа да се примени и за одложување на лизинг-обврските“, потенцира Манојловски и додаде дека треба да се разгледа можноста К15 за вработените да се одложи со уредба за наредната година или да се укине обврската за годинава.
Некои од мерките што се преземени во Словенија во оваа насока, додаде тој, се зголемување на платите на оние гранки што во моментот најмногу се оптоварени, како медицинскиот персонал, вработените во трговија, транспорт и сл.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Франција го казни „Шеин“ со 40 милиони евра за лажни попусти

Франција го казни кинескиот онлајн-продавач на облека „Шеин“ со 40 милиони евра за заведување на клиентите со тврдења за попусти.
Од 1 октомври 2022 година до 31 август DGCCRF анализира наводно намалени цени за илјадници производи на француската веб-страница на „Шеин“.
Истрагата откри дека некои цени на платформата биле зголемени непосредно пред попустите или не ги вклучувале претходните попусти, објави регулаторот. Цените на повеќе од половина од анализираните производи, 57 проценти, воопшто не биле намалени, откри DGCCRF, а речиси една петтина од попустите биле помали од рекламираните.
Во 11 проценти од случаите цената била уште повисока, објави DGCCRF. „Шеин“ исто така не успеа да достави докази на својата веб-страница за да ги поткрепи своите тврдења за еколошки свесно работење, како што е намалувањето на емисиите на стакленички гасови за 25 проценти.
(Фото: ЕПА)
Економија
(Видео) Николовски: Власта удри по земјоделците, крати 478 милиони денари во ребалансот

Власта предлага антинароден и расипнички ребаланс на буџетот, со кој се кратат 478 милиони денари од поддршката за земјоделците. Во најголемиот буџет власта нема пари за земјоделците, нема пари за поголеми субвенции, но затоа има повеќе пари, 30 милиони евра за владиниот луксуз, обвини пратеникот од СДСМ, Љупчо Николовски.
Тој додаде дека во време кога земјоделците се соочуваат со драстично зголемени трошоци за нафта, ѓубрива, механизација и работна рака, власта им го завртува грбот. Наместо поддршка, рече Николовски, добиваат игнорирање.
„Спротивно на оваа антинародна политика, СДСМ останува цврсто на страната на земјоделците. Пратеничката група на СДСМ поднесува амандмани со кој бара да се врати предвидената сума за субвенции и дополнително бара конкретни мерки за реална поддршка на земјоделското производство“, рече тој.
Николовски додаде дека СДСМ предлага враќање на поддршката од 12.000 денари по грло говедо за сточарите; зголемување на поддршката за оризова арпа за реколта 2024; интервентна субвенција од 8 денари по килограм сончоглед; поддршка од 5 денари по килограм за предадена пченица; мерка од 3 денари за продадена пченка во откупни капацитети; враќање на мерката од 1.000 денари за предадено јагне и итна распределба на картичките за зелена нафта за 50.000 земјоделци.
Николовски кажа дека СДСМ и во време на ковид пандемија и војна во Украина не кратела од земјоделците туку напротив, интервенирала со дополнителни субвенции, закони и програми.
„Апелираме до Владата: наместо да уриваат што е создадено, продолжете ги добрите практики кои функционираа. Не ги оставате земјоделците сами, не им кратете од она што им припаѓа! Земјоделството не смее да биде жртва на вашата расипничка политика“, рече Николовски.
Економија
Конституенцата на ММФ и СБ: Народната банка e столб на макроекономската и на финансиската стабилност

Гувернерот Трајко Славески, и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, ја предводеа делегацијата на годишниот состанок на Конституенцата на Меѓународиот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка (СБ), на која ѝ припаѓа нашата земја, а којшто годинава се одржува во Луксембург.
Дел од делегацијата е и вицегувернерката Ана Митреска. На билатералните средби коишто ги остварија беше потврдена улогата на Народната банка како столб на макроекономската и финансиската стабилност во земјава.
За време на средбите со високите претставници од ММФ и Светската банка − Јерун Клик, Марникс ван Рај, Марк Хортон и Јуџин Ругенаат − се водеа плодни дискусии за сегашните предизвици на централните банки.
Во рамките на дијалогот беше истакната важноста на координацијата меѓу централните банки и меѓународните финансиски институции за унапредување на финансиската вклученост, дигитализацијата на финансискиот систем и унапредувањето на регулативните рамки. Се разговараше и за начините на кои Народната банка ја поддржува макроекономската стабилност преку ефикасно управување со монетарната политика и силна регулаторна улога.
Овие средби ја потврдија довербата во капацитетот и посветеноста на Народната банка како стабилен и кредибилен партнер, што придонесува кон создавање отпорна и успешна економија, со подобри услови за граѓаните и за стопанските субјекти.
Народната банка и во иднина ќе биде посветена на својата мисија за обезбедување сигурност и стабилност на финансискиот систем, како основа за одржлив економски развој и напредок на земјава.