Економија
ФИТР преку „Стартапувај 2“ на 53 фирми ќе додели 1,5 милиони евра
Вицепремиерката задолжена за економски прашања, Мила Царовска, и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски, ги објавија добитниците на кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва „стартап“ и „спин-оф“, преку јавниот повик за „Стартапувај 2“ на ФИТР.
Станува збор за 53 микро и мали компании, кои ќе реализираат проекти во вкупна вредност од 1,88 милиони евра, од кои дури 80%, или 1,5 милиони евра се грант средства од Фондот за иновации и технолошки развој.
Деспотовски посочи дека ова е прв бран на одобрени проекти и подвлече дека од 53-те избрани компании, дури 55% се компании понови од 1 година.
„Жал ми е што не можевме да објавиме уште поголем број бидејќи буџетот на јавниот повик се покажа очигледно недоволен за интересот што го имавме. Оваа година имавме 30% поголем интерес од она што го регистиравме како интерес во 2019 година, што само кажува дека младите луѓе сакаат да инвестираат, со вистинска мерка сме ги поттикнале да развиваат свој бизнис, меѓутоа имаат и доверба во процедурите коишто ги реализира ФИТР и се охрабруваат, подготвуваат свој деловен план и го презентираат во рамки на програмите“, нагласи директорот на ФИТР.
Деспотовски објасни дека вкупниот обем на планираните инвестиции со првиот инвестициски бран е околу 1,9 милиони евра, што е навистина значителна бројка особено во услови на криза, од коишто 80%, односно 1,5 милиони евра се средства што ги обезбедува Владата во соработка со Светска банка.
Деспотовски презентираше дека 90% од избраните компании се микро, а останатите 10% се мали компании. Според локацијата, најголемиот број на компании се од Скопје (67,92%), но има и компании од Штип (7,55%), Кавадарци (5,66%), Струга, Прилеп, Неготино, Струмица, Битола, Велес и Кочани.
Кога се гледа по индустрии, доминираат компаниите од ИТ-индустријата (22), а има и од технолошката индуструја (6), здравство/медицина (5), маркетинг/продажба (4), земјоделство (3), текстилна и кожарска индустрија (3) и други сектори.
Директорот на ФИТР истакна дека со реализација на инвестициските проекти, ќе се отворат нови добро платени работни места за млади луѓе, односно овие компании кои моментално вработуваат 220 лица, ќе вработат дополнителни 149 луѓе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.
Економија
Компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска со донација за погодените семејства од поплавите во Кичево
По поплавите во Кичево што доведоа до евакуација на околу 250 луѓе од 63 домаќинства, компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска уште еднаш ја потврдија својата општествена одговорност преку донација на средства за лична хигиена за лицата кои се привремено згрижени во градската спортска сала „Христо Узунов“.

Пакетите, кои содржат основни производи за секојдневна хигиена, како и вода и храна се наменети за најзагрозените домаќинства со цел да им помогнат полесно да се справат со последиците од природната непогода.


Со оваа хуманитарна иницијатива, компанијата испраќа силна порака за солидарност и поддршка во моменти кога заедништвото е најпотребно, останувајќи доследна на својата општествено одговорна мисија.
(ПР)

