Економија
„Фич” го потврди кредитниот рејтинг на Македонија ББ, со позитивен изглед
Aгенцијата „Фич” соопшти дека го потврдува кредитниот рејтинг на Македонија ББ, со позитивен изглед. Од Министерството за финансии соопштија дека на потврдата на рејтингот ББ влијаеjа историјатот на кохерентна макроекономска и финансиска политика, која го поддржува долготрајниот фиксен девизен курс. Позитивниот изглед, велат од Министерството, ја одразува стабилизацијата на политичкото окружување, што резултирало со суштински напредок кон членството во ЕУ и зголемена економска доверба.
„Во извештајот ‘Фич’ го нотира значителниот напредок во решавањето на проблемот со името со Грција, односно усвојувањето на уставните измени во Македонија и очекуваното усвојување на договорот од страна на Грција. Според ‘Фич’, ова ќе го асфалтира патот на Македонија кон членство во НАТО и ќе го поддржи почетокот на формални преговори за членство во ЕУ“, се вели во соопштението на Министерството.
Притоа, се забележува дека целиот процес го истакнува и подобрувањето на политичкиот амбиент во Македонија, односно дека процесот се реализирал без негативен ефект врз политичката стабилност и со широка поддршка од меѓународната заедница.
„Фич“ констатира дека подобрената политичка стабилност влијаела за закрепнување на економската активност. Се оценува дека растот на БДП ќе забрза од 2,3% во 2018 на 3,2% во 2019 година и 3,6% во 2020 година.
Според „Фич“, дефицитот е намален од 2,7% од БДП во 2017 на 1,8% во 2018 година како резултат на повисоките даночни приходи поради зајакнувањето на економијата и подобрената наплата на приходи, како и на потфрлањето кај капиталните расходи поради ре-оценката на проектите и затегнувањето на процесот на набавки.
„Фич“ очекува дека подобрувањето на капиталните расходи ќе резултира со дефицит од 2,7% од БДП во 2019, а потоа повисокиот раст и фискалните реформи ќе го намалат дефицитот на 2,5% од БДП во 2020. Притоа, се забележува дека се имплементираат подобрувања во управувањето со јавните финансии преку програма усогласена со ЕУ. Понатаму, „Фич“ нотира дека државниот долг од 40,8% од БДП на крајот на 2018 според официјалните оценки е под медијаната на групата на слични други земји од 47%, додека гарантираниот .долг изнесува 8% од БДП.
„’Фич’ оценува дека ризиците за политичката стабилност се сè уште повисоки од групата на слични други земји како резултат на политичката криза меѓу 2014 и 2017 година. Понатаму, се наведува дека врз подобрување на рејтингот може да влијаат подобрувањето на стандардите на владеењето и понатамошното намалување на политичкиот ризик, како и имплементацијата на среднорочна фискална консолидација конзистентна со стабилизација на учеството на јавниот долг во БДП. Наспроти ова, врз влошување на кредитниот рејтинг може да влијаат негативните политички движења кои би влијаеле врз стандардите на владеење и економијата, фискалната недисциплина или потенцијалните обврски, како и проширувањето на дефицитот на тековната сметка“, велат од МФ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Позначајни движења кај каматните стапки на банките и штедилниците
Годишен раст на просечната каматна стапка на вкупните депозити од 0,02 п.п., при што во јануари таа изнесува 2,20%, известува Народната банка.
Просечната каматна стапка на вкупните кредити бележи годишен пад од 0,48 п.п. и изнесува 4,73%.
Најновото соопштение за позначајните движења кај каматните стапки на банките и штедилниците е достапно на следната врска
Економија
Николоски: Растот на превезена стока во товарниот сообраќај е силен поттик за економијата и нови работни места
Вкупното количество на превезена стока во товарниот патен превоз во четвртиот кварат од 2025 година е за 66, 7 проценти зголемен во споредба со истиот период 2024 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика, информира министерот за транспорт, Александар Николоски.
Според него, големиот раст на превезнена стока во товарниот сообраќај е силен поттик за економијата и нови работни места.
„Државната статистика забележува и зголемување на карго превозот преку авиосообраќајот и тоа за 23, 7 проценти во четвриот квартал од 2025 година во споредба со истиот период 2024 година. Единствено се забележува намалување на железничкиот превоз за 13,4 проценти и тоа се должи на започнатите инфраструктурни проекти на железничката мрежа долж Коридор 10“, вели Николоски.
Ток, исто така, наведе дека во истиот пресметковен период во патничкиот транспорт превезени се вкупно 925 илјади патници, додека во воздухопловниот превоз регистрирани се 889 153 патници што, како што вели, покажува засилен раст како резултат на политиките за финансиска подршка што ги спроведува Министерството за транспорт за воведување на нови авиолинии.
Најмногу од патниците во делот на авиосообраќајот се превезени преку редовни авиолинии, а раст се забележува и кај чартер летовите.
Единствено намалување во четвриот квартал од 2025 година има во железнички превоз на патници и тоа според статистиката превезени се 34 илјади патници.
Економија
Од 1 март 2026 година – побезбедни онлајн плаќања, известува Народната банка
Народната банка ја информира јавноста дека од 1 март 2026 година стапува во сила законската обврска за банките за вршење засилена автентикација на клиентите при извршувањето онлајн плаќања со платежни картички. Засилената автентикација има за цел да обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите кај банките преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при извршувањето на плаќањата без физичко присуство.
Имајќи предвид дека граѓаните и компаниите имаат сѐ поголема потреба за извршување секојдневни онлајн купопродажби, а со тоа и плаќања преку интернет, заради нивната брзина и практичност, се зголемува и потребата од повисоко ниво на безбедност. Дигиталните напади и обидите за злоупотреба на податоците од картичките стануваат сѐ почести, па затоа се воведува дополнителна проверка на идентитетот на лицето кое го врши плаќањето, велат од Народната банка.
Засилената автентикација му овозможува на клиентот на банката, при плаќање на интернет, покрај внесувањето на податоците од картичката, да даде дополнителна потврда за трансакцијата преку официјална апликација на банката, којашто се инсталира на мобилен телефон и му овозможува безбедно да ги следи своите сметки и да одобрува плаќања. Наместо досегашната потврда со СМС-код, клиентот ќе добие известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобри трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање на лице. Без оваа потврда, плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежни услуги и платни системи. Таа се воведува постепено во земјава и веќе е во примена при извршувањето онлајн увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршувањето плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство. Со примената на засилената автентикација и при извршувањето на плаќањата преку интернет, од 1 март 2026 година, се заокружува процесот на усогласување со правилата и стандардите што се применуваат во Европската Унија за безбедно извршување онлајн плаќања.
Со оваа промена се зајакнува довербата во дигиталните плаќања и се унапредува заштитата на корисниците, се додава во соопштението на Народната банка.

