Економија
Хоџа на средба со претставници од Стопанска комора: Приватниот сектор е силата што ја движи економијата
Министерот за земјоделство шумарство, Арјанит Хоџа, заедно со претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, денеска одржа работна средба со претставници на приватниот агросектор и членки на комората, на тема „Актуелни состојби и идни насоки за унапредување на земјоделско-прехранбениот сектор во Република Северна Македонија“.
Од Министерството за земјоделство велат дека заедно со Владата вложуваат силни напори да ги овозможат сите услови за стопанисување, како потврда на свесноста за значењето кое приватниот сектор го има во вкупната економија.
„Приватниот сектор е силата што ја движи економијата. За мене е исклучителна чест да бидам во вакво друштво на агробизнисмени кои го носат домашното производство на храна, бизнисмени кои се заслужни за влезот на девизи во државата, за ставањето во функција на нашите обработливи површини. Стопанственици кои вработуваат, плаќаат даноци, исплаќаат плати и се движечка сила на нашата вкупна економија“, изјави Хоџа на средбата.
Тој упати три клучни пораки. Ги охрабри стопанствениците да инвестираат во домашниот агрокомплекс бидејќи пандемијата покажала дека за секоја држава, за секој граѓанин, најсигурно и најевтино е домашното проозводство, истакнувајќи дека Владата преку сет мерки и програми ќе им помогне во таа мисија преку искористување на средства од ЕУ-фондовите и ИПАРД-фондовите за модернизирање на производството и добивање на конкурентен производ.
Втората порака е да ангажираат нови луѓе во секторот, да го развиваат договорното производство и кооперантските односи, да освојуват нови пазари и да наоѓаат странски партнери, со поддршка на МЗШВ.
Третата порака која ја упати министерот Хоџа е во насока на користење на домашна суровина и репроматеријали, со што ќе се иницира развој на домашни фирми, нови вработувања и зголемено домашно земјоделско производство и преработка.
Министерот исто така истакна дека МЗШВ ќе продолжи со директната поддршка преку субвенциите, ИПАРД, преку одговор на сите важни барања, како намалување на ДДВ за месо за преработка, поддршка на извозот на вино или милиони евра преку ИПАРД што ги користат сериозни компании.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Народна банка: Макроекономските движења се во рамките на проекциите
Советот на Народната банка, на редовната седница одржана во февруари, ги разгледа најновите макроекономски показатели и Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви во четвртиот квартал на 2025 година.
Според Информацијата за најновите макроекономски показатели, и натаму преовладуваат оцените за стабилен светски економски раст за периодот 2025 – 2027 година, но ризиците се надолни и главно произлегуваат од трговските и од геополитичките тензии.
„Во домашната економија, најновите показатели главно се во согласност со проекциите. Во третиот квартал од 2025 година, реалниот раст на БДП изнесува 3,8% и е малку над очекувањата, а расположливите високофреквентни податоци упатуваат на раст и во текот на четвртиот квартал. Просечната стапка на инфлација, во 2025 година, изнесува 4,1% и е близу до проекциите. Во јануари 2026 година, девизните резерви забележаа раст и се на ниво коешто, согласно прифатените меѓународни стандарди, е соодветно за одржување на стабилноста на девизниот курс. Податоците од монетарниот сектор покажуваат годишен раст на депозитите од 10% и на кредитите од 13%, во декември 2025 година, што е умерено над проекциите за крајот на годината“, соопшти НБРМ.
Според Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви, во четвртиот квартал од 2025 година, девизните резерви се зголемиле и на крајот на декември достигнале 4.925 милиони евра. Во согласност со инвестициската поставеност, околу 74,2% од девизните резерви се вложени во должнички хартии од вредност, главно во државни обврзници издадени од земји членки на еврозоната, по што следуваат монетарното злато (16,5%) и депозитите и паричните средства (9,3%).
„Сигурноста и ликвидноста во управувањето со девизните резерви се обезбедуваа преку пласмани во финансиски инструменти со висок кредитен рејтинг коишто овозможуваат брза достапност до ликвидни средства, а условите на меѓународните финансиски пазари и внимателниот и врамнотежен пристап кон инвестирањето придонесоа за поволни финансиски остварувања во 2025 година“, се наведува во соопштението од Народната банка.
Економија
Дизелот поскапува
Од ноќеска на полноќ, цените на дизелот и на Екстра лесното масло за домаќинство ќе се зголемат за два денари, додека цените на бензините остануваат исти, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 28.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
Економија
АЛКАЛОИД АД Скопје ќе исплати за 14,3 % поголема дивиденда во однос на минатата година
АЛКАЛОИД АД Скопје објави дека седницата на годишното Собрание на акционери на Друштвото ќе се одржи на ден 30.03.2026 година со почеток во 08:00 часот во деловните простории на Друштвото, Бул. Александар Македонски бр. 12, Скопје, Република Северна Македонија.
Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на ден 26.02.2026 година донесе Предлог-Одлука со која му предлага на Собранието на акционери исплата на дивиденда за 2025 година во износ од 720,00 денари бруто односно 648,00 денари нето по акција, што во однос на исплатената дивиденда по акција за претходната година од 630,00 денари бруто односно 567,00 денари нето е поголема за 14,3%.
За исплатата на дивиденда и персонален данок на личен доход компанијата ќе издвои над 1 милијарда денари. Во согласност со предлог одлуката, исплатата на дивидендата ќе започне од 13.05.2026 година.
(ПР)

