Економија
Центар за стручно образование и обука за зелени иновации ќе се отвори во Скопје до крајот на годината

До крајот на годината, во рамките на проектот GREENOVET, ќе биде отворен регионален Центар за стручно образование и обука за зелени иновации што ќе биде единствен од ваков вид во регионот, а кој се формира со тесна соработка меѓу бизнис секторот, истражувачите од универзитетските институции и центри, како и стручните училиштата. Паралелно со центарот во Скопје се отвораат и центри во регионите: Штаерска – Австрија, Васа – Финска и во Лерија – Португалија.
Партнерите во проектот ја одржаa втората работилница на која се дискутираше за стратегијата за идниот регионален центар за стручно образование и обука. Проектот Greenovet – European VET Excellence Platform for Green Innovation во чии рамки се формираат овие центри, обединува партнери од четири држави во областа на стручното образование и обука на различни нивоа, локалните претпријатија, секторските здруженија, локалните власти, невладиниот сектор. Проектот ќе го поттикне развојот на стручното образование и обука во областа на зелените иновации низ Европа, со што ќе придонесе за развој на иновативна, инклузивна и одржлива економија.
Во нашата земја носители на проектот се Машински факултет при Универзитот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, заедно со Сојуз на стопански комори, АСУЦ „Боро Петрушевски, Раде Кончар ТЕП и Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење.
„Четирите центри ќе бидат формирани во исто време до крајот на оваа година. Иако овие центри имаат иста цел сепак ќе се имаат посебни стратегии за функционирање бидејќи секоја држава има свои специфики. Но, во секој случај предност на оваа соработка е тоа што имаме интересни и добри искуства кои може да ги размениме со партнерите од другите држави.“, истакна доц. д-р Трајче Велковски од Машинскиот факултет.
Во истражувањето кое беше направено на почетокот на 2021 година во рамките на проектот се детектираат компетенции кои се потребни за развој на зелените иновации. Во групата на најрелеватни вештини кои треба да се развиваат за развој на зелени иновации се дигитални вештини, претприемачки вештини и циркуларна економија, заштита на околината, етичко однесување, превземање на иницијативи, критичко размислување, економска писменост.
Со стратегијата за центрите ќе треба да се воспостави систем за надминување на најголемиот предизвик кој сега постои, а тоа е воспоставување на линк меѓу индустријата и образовните институции.
Недостигот на стручен и квалификуван кадар е голем предизвик со кој се соочува бизнис секторот, не само кај нас туку и пошироко во Европа, бидејќи стручните училишта не се доволно атрактивни за привлекување на поголем број на ученици, и бараат поддршка во следењето на брзорастечките потреби на бизнисите кои динамично се менуваат и прошируваат. Потресот кој го наметна здравствено-економската криза предизвикана од појава и ширење на вирусот Ковид-19 наметна уште поголема потреба за брза адаптација, согласно нови потреби и барања на индустриски и пазарни трендови, а потребата од заштита на животната средина се наметнува како неопходен сегмент кој ќе овозможи раст, развој и одржливост.
Регионалниот Центар за извонредност во стручно образование и обука за зелени иновации ќе нуди различни услуги за различни целни групи од регионот, како: високообразовни институции, понудувачи на стручно образование и обука, индустрии/компании, јавни власти, студенти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Објавен јавен повик за надомест на трошоци за одржување на висински пасишта и ливади и поддршка на традиционално сточарство

Денеска е објавен Јавниот повик 08/2025 за доставување на барање за исплата на средства од Програмата за финансиска поддршка на рурален развој за 2025 година.
Поддршката е наменета за надомест на трошоци за одржување на висински пасишта и ливади и поддршка на традиционално сточарство, со цел зачувување на руралните подрачја и промовирање на одржливо земјоделство.
Право на поддршка имаат земјоделски стопанства регистрирани согласно Законот за земјоделство и рурален развој во Единствениот регистар на земјоделски стопанства при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Висина на поддршката:
• 100% од исплатената просечна нето-плата во период од 1 јануари 2024 година до 31 декември 2024 година, како трошок за чување и напасување на добитокот (овци, кози и/или говеда) на пасишта и ливади, односно регистрирани одгледувалишта кои се наоѓаат во населени места со надморска висина еднаква или повисока од 700 метри;
• 60% од исплатената просечна нето-плата во период од 1 јануари 2024 година до 31 декември 2024 година, како трошок за чување и напасување на добитокот (овци, кози и/или говеда) на пасишта и ливади, односно регистрирани одгледувалишта кои се наоѓаат во населени места со надморска висина пониска од 700 метри.
Услови за доделување:
• 1 вработено лице на 150 овци;
• 1 вработено лице на 100 кози;
• 1 вработено лице на 50 говеда, но не повеќе од 620.000 денари по вработено лице.
Задржување на истиот број вработени најмалку една година по исплатата.
Барањата со потребната документација потребно е да се поднесат најдоцна до 30.07.2025 година.
Економија
Божиновска: Македонија ја гради новата енергетска мапа на Балканот

Македонија влегува во клучна фаза на трансформација на енергетскиот систем, земјата не само што вложува во стабилноста и модернизацијата на сопствената мрежа, туку стана активен играч во регионалното поврзување и енергетската интеграција, изјави министерката за енергетика, Сања Божиновска.
Според неа, со новите интерконектори, стратешките трансформаторски станици и инвестициите во паметна енергетска инфраструктура, државата го поставува курсот кон енергетска независност и улога на регионален енергетски коридор.
Божиновска најави дека во следните денови официјално започнува изградбата на гасниот интерконектор со Грција.
„Интерконекторот е долг 68 километри, ќе пренесува не само природен гас, туку и водород, остварена e заштеда од 12 милиони евра и ќе биде изграден од македонска компанија – директна корист за домашната економија“, рече таа.
Во меѓувреме, додаде Божиновска, Македонија и Србија направија значаен исчекор кон ново енергетско поврзување – минатата недела се потпиша Меморандум за соработка меѓу НОМАГАС и Србијагас за изградба на интерконектор меѓу Клечовце и Врање, со вкупна должина од 70 километри, од кои 23 километри ќе бидат на македонска територија. Во рамки на проектот ќе се изградат и мерни станици од двете страни на границата. Студиите за изводливост и за влијание врз животната средина се веќе во тек, со поддршка од Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).
„Преку овие две стратешки поврзувања, Македонија се позиционира како нова транзитна точка за природен гас на релација Југ – Север, односно од ТАП гасоводот и ЛНГ терминалот во Александруполис кон Србија и Средна Европа, со капацитет до 3 милијарди нормални метри кубни годишно. Ова е директна поддршка на енергетската диверзификација на целиот регион, со зголемена употреба на гас од различни извори“, рече таа.
Изградбата на 400/110 kV врската Охрид – Елбасан, пак, ќе го заокружи електроенергетското поврзување на Македонија со сите соседни држави – стратегиски проект за цел регион.
„Ова е новата сила на македонската енергетика. Со регионалните интерконектори, Македонија веќе не е само краен потрошувач – станува активен учесник во преносот и стабилноста на енергетиката во Југоисточна Европа. Ова е патот кон сигурна енергија, економска отпорност и стратешка позиција на енергетската карта на Балканот. Македонија ја гради новата енергетска мапа на Балканот.“, вели министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.
Економија
Министерката Димитриеска-Кочоска ќе учествува на 4. меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севилја

Министерката за финансии Гордана Димитриеска- Кочоска заедно со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од денеска ќе престојува во работна посета на Кралството Шпанија.
Министерката Димитриеска-Кочоска ќе се обрати на Тркалезна маса „Leveraging private business and finance“ во рамки на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот (FfD4), којашто под покровителство на Организацијата на Обединетите нации ќе се одржи во Севиља.
На Конференцијата, на којашто е најавено учество на педесетина шефови на држави и влади, министри, претставници на меѓународните организации, на бизнис заедниците и граѓанското општество, треба да биде усвоен „Договорот од Севиља“.
Целта на лидерскиот собир е изнаоѓање на решенија за справувањето со финансиските предизвици во исполнувањето на Целите за одржливиот развој и Агендата 2030, реформирање на меѓународната финансиска архитектура и поттикнување на инвестиции од страна на приватниот сектор.
Во рамки на посетата, предвидено е претседателката Сиљановска-Давкова да одржи билатерална средба со премиерот на Шпанија, Педро Санчез, а на средбата ќе присуствува и министерката Димитриеска -Кочоска.