Економија
Јавен повик за давање под закуп на земјоделско земјиште до 3 хектари
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство објави јавен повик за доставување понуди за давање под закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост до 3 хектари. Се работи за повик наменет за неатрактивно земјиште, поточно од пониска класа и на поголеми надморски височини. Врз земјиштето не смее да има востановено право на закуп или плодоуживање, да биде предмет на тековни јавни огласи или денационализација.
Целта на овој повик е да се стави во функција секоја педа земја што може да овозможи добро производство. Со воведување на оваа олеснителна процедура им овозможуваме на сите заинтересирани со нивен пројавен интерес да добијат државно земјоделско земјиште и на тој начин директно да се зголеми површината на обработено земјоделско земјиште.
Понудата се доставува за земјоделско земјиште на кое нема подигнато долгогодишни насади и кое во катастарот на недвижности е запишано со катастарска класа 4, 5, 6, 7 и 8. Рокот за аплицирање е 30 дена од денот на објавата во дневните весници, односно од 12.12.2018 година.
Јавниот повик се однесува на земјоделско земјиште во државна сопственост за сите катастарски општини во регионите Берово, Битола, Валандово, Велес, Виница, Гевгелија, Гостивар, Дебар, Делчево, Демир Хисар, Кавадарци, Кичево, Кочани, Крива Паланка, Кратово, Крушево, Куманово, Македонски Брод, Неготино, Охрид, Свети Николе, Струга, Струмица, Прилеп, Пробиштип, Радовиш, Ресен, Тетово, Штип, Карпош, Кисела Вода, Гази Баба и Чаир.
Намената и времетраењето на закупот за кое се издава земјоделското земјиште во државна сопственост е за:
-подигање на долгогодишни насади (лозја, овоштарници, хмељ) и оранжерии за период до 30 години,
– подигање на долгогодишни насади со лешник за период до 70 години,
– подигање на маслинарници за период до 50 години,
– одгледување на други земјоделски култури за период до 15 години,
– ливади за период до 15 години,
– за одгледување на брзорастечки дрвја на земјоделско земјиште кое се наоѓа на надморска висина над 700 метри, за периодот до 30 години,
– рибници до 20 години и
– спортско-рекреативни активности и рурален туризам до 30 години
Откако ќе се приберат сите понуди, комисија формирана од страна на Владата на РМ ги разгледува понудите и донесува одлука за избор на најповолен понудувач, по донесување на одлуката министерот склучува договор со сите избрани понудувачи.
Доколку има двајца понудувачи за иста катастарска парцела, Комисијата врши избор на најповолен понудувач врз основа на критериумите утврдени во член 25-а и член 27 од Законот за земјоделското земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр.135/07, 18/11, 148/11, 95/12, 79/13, 87/13, 106/13, 164/13, 39/14, 130/14, 166/14, 72/15 и 98/15) и член 3 од Правилникот за поблиските критериуми за избор на најповолен понудувач на земјоделско земјиште во државна сопственост кое може да се даде во закуп и определување на големината на површината на земјоделското земјиште кое може да се даде во закуп („Службен весник на Република Македонија“ бр.12/08, 26/12, 02/13,158/13, 110/15, 120/15 , 129/15 и 27/16) и тоа:
-оддалеченоста на местото на живеење, односно седиштето на понудувачот во однос на земјоделското земјиште кое се нуди на јавниот повик – 65 бодови;
-понудената годишна закупнина по хектар – 25 бодови и
-правниот статус на понудувачот – 10 бодови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
УЈП: Секоја четврта контрола открива неиздавање фискална сметка
Управата за јавни приходи (УЈП) спроведува засилени контроли во пресрет на новогодишните и божиќните празници, со особено внимание на ресторани, кафе-барови, дискотеки, сендвичари и други угостителски објекти.
Пред контролите, УЈП реализирала околу 3.500 советодавни посети, овозможувајќи време за отстранување на најчестите неправилности кај фискалните уреди, како што се несоодветна адреса, оштетени пломби или недостасување на налепница од сервисер. Дополнително, инспекторите проверувале и неуплаќање на дневниот промет во банка и неводење на книгата на дневни финансиски извештаи.
„Истовремено, УЈП спроведе детални анализи на податоците од ГПРС системот, теренските контроли и ДДВ пријавите. Резултатите покажуваат ризично однесување кај некои субјекти кои особено ќе бидат таргетирани за контрола: низок или идентичен регистриран дневен промет, отстапки на регистрираниот промет од капацитетот на локалот, разлика меѓу прометот во фискалните каси и пријавениот во ДДВ-пријавите и др.“, информираат од Управата за јавни приходи.
До крајот на ноември УЈП извршила околу 4.000 контроли. Изречени биле околу 2.500 глоби, а запечатени над 100 локали.
„Секоја четврта контрола открива неиздавање фискална сметка – појава што значи неевидентиран промет, загуби за буџетот и нелојална конкуренција. Казнетите обврзници добија персонализирани повици за корекција на пријавите и пријавување на прометот. Доколку не постапат, следуваат дополнителни контроли со индиректни методи“, велат од УЈП.
Економија
Најважната задача која пред себе ја имаме е да го подобриме животот на граѓаните, рече Мицкоски
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешниот 18-ти Конгрес на партијата кој се одржува во спортскиот комплекс „Јасмин” во општина Кавадарци под мотото „Визија што гради држава – За генерацијата што доаѓа 2030“, имаше свое обраќање во кое се осврна на темата за стандардот. Тој истакна дека треба да се работи на системски мерки и решенија, а воедно и дека економијата треба да се раздвижи и домашните компании да се поддржат затоа што, како што вели тој, тие се рбетот на стопанството.
„Најважната задача, која пред себе ја имаме, е да го подобриме животот на граѓаните. Свесен сум дека нашиот народ живее тешко. Ние изминатите нешто повеќе од година и половина власт го посветивме на изградба на темели кои ги затекнавме разрушени. Но од годината што следи нашата основна задача е жилава борба за стандардот на граѓаните. За подобар живот и за создавање на систем кој нема да зависи од субјективните карактеристики на поединецот, туку од моралниот кодекс на заедницата. Систем кој служи на општеството и на она што претставува наша заедничка цел секој човек да има повеќе, да има повеќе пари, повеќе среќа и повисок стандард“, рече Мицкоски.
Мицкоски истакна дека и покрај намалениот наталитет, радува последниот податок на раст на бројот на новороденчиња во земјава. Тој посочи дека треба да се работи на системски мерки и решенија.
„Потребно е младите да ја добијат вистинската шанса која нема да зависи од политичката или било каква друга припадност, освен од сопствените капацитети и способности. Мора да го подобриме образованието. Знаењето и наобразбата е најважниот и најсигурниот клуч за излез од сиромаштијата. Економијата мора да се раздвижи дополнително, иако до сега се раздвижи најмногу во последната деценија, а домашните компании да се поддржат затоа што тие се рбетот на стопанството. Имаме тешка задача да се бориме против нашето исчезнување како држава и народ, а тоа е демографијата и намалениот наталитет. Радува последниот податок на раст на бројот на новороденчиња, но далеку сме од она што треба да биде вистински мотор на општеството, човечкиот фактор. И затоа треба да работиме на системски мерки и решенија. Помалку луѓе значи послаба економија. Послаба економија значи незадоволни луѓе. Така ја губиме државата. А ние сме премали за да се раситнуваме во секој поглед“, кажа Мицкоски и дополни:
„И кога ја говорам оваа тема за зголемен наталитет, мора да се даде одговор на две клучни прашања. Да се има чувство и грижа за оние кои имаат потешкотии да имаат свој пород, и државата ќе направи се за да помогне за зголемена и подостапна медицинска грижа. И второто прашање е да се помогне младите парови да стигнат до свој дом, затоа што навистина цените на недвижностите се нереални и свесен сум дека претставуваат голема грижа за многу луѓе“.
Економија
Мицкоски: Економијата мора да излезе од замката на ниски плати, до 2030 мора да направиме премин кон економија со високи компетенции
Македонската економија мора да излезе од историската замка на ниските плати, евтината работна сила и ограниченото производство. До 2030 година, земјата мора да направи структурен премин, од економија на евтина продукција кон економија на знаење, високи компетенции и додадена вредност, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во своето прво обраќање во отворениот дел на XVIII конгрес.
„Економската сила ја определува државната сила. Затоа Македонија мора да го напушти моделот на ниска продуктивност и зависност од увоз, и да премине кон економија којашто ќе се темели на знаење, технологија и иновации“, истакна Мицкоски.
Додаде дека овој премин бара системски реформски циклус во повеќе области:
„Индустрии базирани на знаење, технологија, ИКТ, биотехнологија, фармација, инженеринг, креативни индустрии. Ова е новата економска матрица. Земјата мора да вложува во области што создаваат висока додадена вредност и конкурентност на глобалниот пазар. Дигитализацијата и автоматизацијата се предуслов за приклучување кон европските и светските производствени синџири. Модернизацијата на бизнис секторот, новите дигитални технологии и технолошките паркови ќе создадат работни места со висока додадена вредност и ќе го зголемат извозниот капацитет“, рече Мицкоски.
Домашните компании, додаде Мицкоски, мора да станат мотор на раст преку силна институционална поддршка, капитално вбризгување, кредитни линии, намалени административни бариери и поддршка за раст.
„Националната економија е силна само ако домашните претпријатија се силни. Предвидлива фискална политика, стабилни даночни правила и долгорочно стратегиско планирање, усогласено со европските стандарди се предуслов за развој. Ниту една компанија не инвестира во држава во која даночните правила се менуваат со дневната политика. Довербата се гради со долгорочност, јасност и транспарентност“, посочи, меѓу другото, Мицкоски.

