Економија
Јанкулоски: Прекумерната употреба на антибиотици кај животните завршува на нашата трпеза

Неконтролираната употреба на антибиотиците во ветеринарната медицина е ризик нивните остатоци и метаболити да завршат во производите од животинско потекло, а со тоа и на трпезата на потрошувачите, предупредува проф. д-р Деан Јанкулоски, раководител на Институтот за храна при Факултет за ветеринарна медицина – Скопје.
„Прекумерната и несоодветна употреба на антимикробни средства и недостигот на практики за контрола на инфекциите ја трансформираат антимикробната (АМО) во глобална закана за ветеринарното и јавното здравје. Употребата на антибиотиците во ветеринарната медицина влијае врз појава на АМО на некои сапрофитски и патогени микроорганизми, кои подоцна се наоѓаат во храната од животинско потекло“, вели проф. д-р Јанкулоски.
Според Јанкулоски, на тој начин, ние, потрошувачите, без да знаеме, сме изложени на остатоци на антибиотици, кои меѓу другите штетни ефекти може да влијаат врз појавата на АМО на микроорганизми нормално присутни во нашето тело. Но, истовремено сме изложени и на микроорганизми со АМО, кои, не знаејќи, ги внесуваме преку храната. Инфекција преку храната со овие патогени отпорни на антибиотици може да биде причина за сериозни алиментарни инфекции и интоксикации, кои поради невозможноста да се третираат со вообичаените антибиотици може да бидат причина за многу сериозни опасности за здравјето.
„Антимикробната отпорност е способност на микроорганизмот да се спротивстави на ефектите од антимикробните супстанции што се користат за нивно уништување, односно да одолеат на дејството на антимикробните средства, а посебно на антибиотиците. Отпорноста се појавува на 3 начини: природна отпорност, генетска мутација и преку трансфер на гени од други микроорганизми“, додава проф. д-р Јанкулоски.
Како што појаснува Јанкулоски, АМО се појавува поради разни причини, а како најчести се вбројуваат несоодветна употреба на антимикробни супстанции за терапевтски цели, употреба на антимикробни средства за нетерапевтски цели, загадување на животната средина со отпадоци од антимикробни средства (резидуум во екосистемот), континуиран развој на отпорноста во животната средина, зголемувањето на глобалната трговија со храна од животинско потекло и живи животни, кои го пропагираат ширењето на АМО во светот.
„Масовната употреба на антиобиотиците во ветеринарната и хуманата медицина претставува сериозен ризик за развој на АМО и потребна е итна интервенција поради сериозните последици од неуспешниот третман и смртни случаи, патолофизиолошки последици и финансиски трошоци. АМО е комплексен проблем, кој го афектира целото општество и врз него влијаат многу меѓусебно поврзани фактори. Но, за справување со АМО единечните и изолирани активности и интервенции имаат само ограничено влијание. Единствениот здравствен прирачник за борба против АМО – ‘Едно здравје’ претставува светска стратегија за проширување на интердисциплинарни соработка на национално и глобално ниво и комуникација во сите аспекти на здравствената заштита за луѓето, животните и заштитата на животната средина. Постигнатиот синергизам ќе ја унапреди здравствената заштита за 21 век, а со забрзување на откритијата во областа на биомедицински истражувања, ќе се подобри ефикасноста на ветеринарното здравство, бргу ќе се прошири базата на научни знаења и ќе се подобрат ветеринарната едукација и третманот на животните“, вели Јанкулоски.
Според него, актуелната состојба се чини дека е критична. Иако постои широка информираност и ефективна национална и меѓународната соработка, подигната е свеста на јавноста и надлежните државни служби, преземени се разни мерки, воведена е мониторинг-програма на АМО за коменсални и зоонотски микроорганизми кај животните од кои се произведува храна, па сепак АМО не се намалува.
„Од тука е значењето на докторите на ветеринарна медицина за рационална и правилна употреба на антибиотиците кај животните од кои се произведува храната и кај домашни миленици. Што ќе се случува со АМО во иднина, навистина е непознато. Опасноста од сè позачестена појава од мултирезистентни микроорганизми поради големите количества употребувани антибиотици е сè поголема. Но, со преземање сите препорачани мерки од надлежните служби, ветеринарната професија и информирањето на јавноста за рационалната употреба на антибиотиците можеби ќе успееме да одржиме исто ниво на АМО и да ја спречиме спречи појавата на мултирезистенцијата и да ги зачуваме антибиотиците за иднина. Останува фактот дека ветеринарната професија е клучна алка во борбата со отпорноста на микроорганизмите кон антибиотиците, но и потребата од заеднички институционален настап и стратегија со хуманата медицина“, тврди проф. д-р Јанкулоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Франција го казни „Шеин“ со 40 милиони евра за лажни попусти

Франција го казни кинескиот онлајн-продавач на облека „Шеин“ со 40 милиони евра за заведување на клиентите со тврдења за попусти.
Од 1 октомври 2022 година до 31 август DGCCRF анализира наводно намалени цени за илјадници производи на француската веб-страница на „Шеин“.
Истрагата откри дека некои цени на платформата биле зголемени непосредно пред попустите или не ги вклучувале претходните попусти, објави регулаторот. Цените на повеќе од половина од анализираните производи, 57 проценти, воопшто не биле намалени, откри DGCCRF, а речиси една петтина од попустите биле помали од рекламираните.
Во 11 проценти од случаите цената била уште повисока, објави DGCCRF. „Шеин“ исто така не успеа да достави докази на својата веб-страница за да ги поткрепи своите тврдења за еколошки свесно работење, како што е намалувањето на емисиите на стакленички гасови за 25 проценти.
(Фото: ЕПА)
Економија
(Видео) Николовски: Власта удри по земјоделците, крати 478 милиони денари во ребалансот

Власта предлага антинароден и расипнички ребаланс на буџетот, со кој се кратат 478 милиони денари од поддршката за земјоделците. Во најголемиот буџет власта нема пари за земјоделците, нема пари за поголеми субвенции, но затоа има повеќе пари, 30 милиони евра за владиниот луксуз, обвини пратеникот од СДСМ, Љупчо Николовски.
Тој додаде дека во време кога земјоделците се соочуваат со драстично зголемени трошоци за нафта, ѓубрива, механизација и работна рака, власта им го завртува грбот. Наместо поддршка, рече Николовски, добиваат игнорирање.
„Спротивно на оваа антинародна политика, СДСМ останува цврсто на страната на земјоделците. Пратеничката група на СДСМ поднесува амандмани со кој бара да се врати предвидената сума за субвенции и дополнително бара конкретни мерки за реална поддршка на земјоделското производство“, рече тој.
Николовски додаде дека СДСМ предлага враќање на поддршката од 12.000 денари по грло говедо за сточарите; зголемување на поддршката за оризова арпа за реколта 2024; интервентна субвенција од 8 денари по килограм сончоглед; поддршка од 5 денари по килограм за предадена пченица; мерка од 3 денари за продадена пченка во откупни капацитети; враќање на мерката од 1.000 денари за предадено јагне и итна распределба на картичките за зелена нафта за 50.000 земјоделци.
Николовски кажа дека СДСМ и во време на ковид пандемија и војна во Украина не кратела од земјоделците туку напротив, интервенирала со дополнителни субвенции, закони и програми.
„Апелираме до Владата: наместо да уриваат што е создадено, продолжете ги добрите практики кои функционираа. Не ги оставате земјоделците сами, не им кратете од она што им припаѓа! Земјоделството не смее да биде жртва на вашата расипничка политика“, рече Николовски.
Економија
Конституенцата на ММФ и СБ: Народната банка e столб на макроекономската и на финансиската стабилност

Гувернерот Трајко Славески, и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, ја предводеа делегацијата на годишниот состанок на Конституенцата на Меѓународиот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка (СБ), на која ѝ припаѓа нашата земја, а којшто годинава се одржува во Луксембург.
Дел од делегацијата е и вицегувернерката Ана Митреска. На билатералните средби коишто ги остварија беше потврдена улогата на Народната банка како столб на макроекономската и финансиската стабилност во земјава.
За време на средбите со високите претставници од ММФ и Светската банка − Јерун Клик, Марникс ван Рај, Марк Хортон и Јуџин Ругенаат − се водеа плодни дискусии за сегашните предизвици на централните банки.
Во рамките на дијалогот беше истакната важноста на координацијата меѓу централните банки и меѓународните финансиски институции за унапредување на финансиската вклученост, дигитализацијата на финансискиот систем и унапредувањето на регулативните рамки. Се разговараше и за начините на кои Народната банка ја поддржува макроекономската стабилност преку ефикасно управување со монетарната политика и силна регулаторна улога.
Овие средби ја потврдија довербата во капацитетот и посветеноста на Народната банка како стабилен и кредибилен партнер, што придонесува кон создавање отпорна и успешна економија, со подобри услови за граѓаните и за стопанските субјекти.
Народната банка и во иднина ќе биде посветена на својата мисија за обезбедување сигурност и стабилност на финансискиот систем, како основа за одржлив економски развој и напредок на земјава.