Економија
АЕК ќе спроведува физибилити-студија за влијанието на 5Г-мрежата врз здравјето на луѓето
Агенцијата за електронски комуникации набргу ќе распише меѓународен тендер за избор на компанија што ќе изработи физибилити-студија за влијанието на 5Г-мрежата врз здравјето на луѓето како основ за натамошните чекори што ќе се преземат поврзани за развој на 5Г-мрежата во земјата.
На овој начин се очекува да се расчистат многу дилеми шот постојат во јавноста за новата генерација широкопојасни мобилни мрежи.
„Во светот се спроведени стотици научни истражувања на тема за влијанието на 5Г-технологијата врз здравјето на луѓето и напишани се илјадници научни статии, што го прави прашањето за штетноста на електромагнетното зрачење една од најистражуваните теми во науката на глобално ниво. Мислењето на релевантни меѓународни експерти и институции е дека доколку се почитуваат препорачаните гранични вредности, електромагнетните полиња што ги користи оваа технологија не претставуваат опасност за здравјето на луѓето. Односно, природата на зрачењето генерирано од базните станици и мрежните терминали 5Г е идентично со онаа на мрежите од претходната генерација. Сепак, и покрај ваквите студии, ние сакаме да обезбедиме сопствена студија, која не само што ќе влијае на понатамошните чекори што ќе ги преземаме туку веруваме дека ќе има значење при градење сеопфатен консензус за потребата од развој на новата технологија во Северна Македонија“, вели Сашо Димитријоски, директор на АЕК.
Петтата генерација мобилни системи вклучува употреба на радиобранови во одредени фреквенции, првично слични или малку повисоки од фреквенциите што се користат за постојните 4Г-мобилни мрежи. Овие радиобранови емитуваат нејонизирачко зрачење, што е помалку штетно од јонизирачкото.
Светската здравствена организација (СЗО) на својата официјална веб-страница наведува дека до денес, и по многу истражувања, никакви штетни ефекти врз здравјето не се каузално поврзани со изложеноста на безжичните технологии. Основа за ова е ставот и студиите на Меѓународната комисија за заштита од нејонизирачко зрачење (ICNIRP), која е независна научна комисија формирана од Меѓународната асоцијација за заштита од радијацијата, со цел заштита на луѓето и околината од радијација. СЗО ја признава оваа организација како референца за сите прашања поврзани со радиофреквенциите и здравјето на луѓето.
Европската комисија има донесено акциски план за 5Г, според кој, до 2020 година, барем во еден поголем град во секоја земја членка на ЕУ треба да бидат воведени 5Г-комерцијални мрежи, а до 2025 година овие мрежи треба да бидат достапни до сите урбани подрачја и поголеми транспортни линии.
Моментното ниво на имплементација на 5Г-мобилните мрежи во Европа е ограничено во неколку земји. Во Германија, „Водафон“ и „Дојче телеком“ имаат делумно покривање само во неколку поголеми градови, како Берлин, Франкфурт, Хамбург, Минхен и други. Во Ирска, Италија, Романија и во Велика Британија ситуацијата е слична.
Во нашата земја, слично како и во другите европски земји, се спроведуваат првични тестирања на мобилните 5Г-мрежи. „Македонски телеком“ и „А1“, кои поседуваат привремени одобренија за тестирање на 5Г-мрежи, веќе ги направија првите тестирања. Притоа АЕК спроведе и мерења на нејонизирачко зрачење со цел да се види придонесот на новата 5Г НР-технологија од тест-мрежата на „Македонски телеком“.
Во меѓувреме, АЕК подготви и нов план за намена на радиофреквенциските опсези за кој е во тек јавната расправа, која ќе трае до средината на идниот месец. Радиофреквентниот спектар потребен за воведување 5Г-мобилни мрежи во Северна Македонија е слободен, а се планира тогаш кога ќе биде одлучено, предвидените опсези за 5Г-мобилни мрежи да бидат издадени на јавен тендер, каде што операторите ќе може сами да учествуваат во определувањето на комерцијалната вредност на радиофреквенциските опсези преку јавно наддавање.
За целата постапка, неопходно е да се направат и измени на Законот за електронските комуникации во поглед на усогласување на делот што се однесува на сајбер-безбедноста со стандардите утврдени за земјите членки на НАТО.
„Ние секако можеме многу бргу да распишеме тендер за доделување фреквенции за развој на 5Г, но тоа нема да вреди ако нема кој да се пријави и да се наддава за овој фреквентен опсег. Едноставно, потребно е операторите да бидат мотивирани да инвестираат во 5Г-мобилни мрежи, a услов за тоа е да има значително поголема побарувачка за побрз пристап до интернет од страна на корисниците на мобилните електронски комуникациски услуги. Во моментот кај нас не постои доволна искористеност на постојните мрежи (3Г и 4Г) за да е неопходно итно инвестирање во нови технологии за побрз пристап до интернет, a слично е и во многу европски земји“, истакнува Димитријоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.
Економија
Биткоинот забележа силен пад
Цената на биткоинот денеска падна под 67.000 долари, првпат од ноември 2023 година, во услови на засилена распродажба и намалена доверба кај инвеститорите, објави Си-Ен-Би-Си.
Биткоинот се тргуваше по цена од околу 67.500 долари, откако претходно во текот на денот падна под психолошката граница од 70.000 долари, што дополнително ја засили распродажбата. Само оваа недела вредноста на криптовалутата е намалена за околу 20%, а во однос на рекордното ниво од октомври минатата година е пониска за речиси 47%.
Аналитичарите предупредуваат дека нивото од 70.000 долари претставува клучна техничка и психолошка граница и дека нејзиното пробивање отвора простор за понатамошен пад, потенцијално кон опсегот од 60.000 до 65.000 долари.
Падот на биткоинот се случува паралелно со слабеењето на технолошките акции во САД и зголемените присилни ликвидации на криптопазарот. Според податоци на Coinglass, оваа недела се ликвидирани повеќе од 2 милијарди долари во долги и кратки позиции.
Во исто време, институционалните инвеститори се повлекуваат. Аналитичката куќа CryptoQuant наведува дека побарувачката од институционални инвеститори значително се намалила. Другите криптовалути исто така бележат значителни загуби.
Економија
„Сетек“ отвора нов продажен салон во Godi Retail Park
Сетек – ја зацврстува својата лидерска позиција на македонскиот пазар со повеќе од 32 години доверба и врвна понуда на најновите производи од најпрестижните светски брендови.
Брендот продолжува со својата мисија да ја донесе технологијата поблиску до своите потрошувачи, да ги понуди најдобрите услови, најповолните цени и најдобрата услуга.
Големото отворање ќе се одржи од 6 до 8 февруари, ново место, нова енергија, нов, модерен Сетек продажен салон во Godi Retail Park – Скопје, со промотивни цени, најголеми попусти и над 300 подароци за најверните купувачи.
Во текот на отворањето, посетителите ќе имаат можност да уживаат во интерактивни демо-зони со тестирање и дегустации на врвни производи, како и специјална забавна програма.
СПЕЦИЈАЛНА ПРОГРАМА:
Петок, 6 февруари – забава со Гораст и Тони Зен
Сабота, 7 февруари – забава со Викса и DJ Дела
Подароци ве очекуваат со секоја сметка над 10.000 денари.
Посетете нè и бидете дел од најголемата технолошка забава во градот!
Количините се ограничени. Промотивните цени важат исклучиво во СЕТЕК Godi Retail Park – Скопје.
(ПР)

