Економија
Азески го презеде раководењето со Асоцијацијата на балканските комори: За мене, Балканот не е само регион, туку предизвик што го прифаќам со почит
На седницата на Генералното собрание на Асоцијацијата на балканските комори (АБК), што се одржа на 13 декември во Солун, Грција, беше потврден изборот на претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, за претседател на Асоцијацијата во следната година.
Досегашниот претседател Јоанис Масутис, кој истовремено е и претседател на Унијата на трговско-индустриските комори на Грција, и официјално му го предаде раководењето со Асоцијацијата, при што од негова страна беше истакнато дека потребата од соработка меѓу коморите е голема зашто има влијание врз економиите од целиот регион.
Азески се заблагодари за можноста да придонесе за исполнување на зацртаните приоритети во заедничката агенда на АБК, кои во 2024 година преку нашето претседателство ќе бидат клучни приоритети на земјите од регионот сè со цел создавање поголем економски раст. Тој го истакна значењето од реализација на инфраструктурните проекти и поддршката што државите, но и меѓународните финансиски институции, треба да ја дадат за напредок на целиот регион.
Извозот, инвестициите и инфраструктурата ќе бидат ставени во фокусот за време на претседателството од страна на Стопанската комора на Северна Македонија.

„За мене, Балканот не е само регион, туку предизвик што го прифаќам со почит. И како лидер на Стопанската комора мојата цел е да го подигнам регионот на ново рамниште, со една мрежа што ја изградив во текот на годините. Балканот е прекрасно место, нема ниту тајфуни, ниту цунами, ниту циклони, што значи дека кафезот е од злато, ама ‘биљбиљот’ внатре не чини. За нас, извозот е излезното решение и треба да го удвоиме. Тој е алфа и омега на нашето постоење. Нашите компании работат одлично и со грчките, и со албанските, и со турските. Зошто тоа не го гледаат политичарите? Зошто не ги тргнат границите? Ние кои сме претставници на приватниот сектор не нè интересира политика. Пуштете нè да работиме“, истакна Азески на генералното собрание на АБК во Солун.
На седницата се расправаше и за актуелните прашања од економското опкружување на земјите од Балканот вклучувајќи ги и перспективите на балканските земји да им се приклучат на Европската Унија и на еврозоната, како и прашањето за трговската и економската интеграција на земјите од регионот.
На маргините на состанокот претседателот Азески имаше одделни средби со претседателот на Унијата на коморите и стоковите берзи на Турција, Рифат Хисарчиклиоглу, со Јоанис Масутис, претседател на Унијата на трговско-индустриските комори на Грција, како и со Цветан Симеонов, претседател на Стопанската комора на Бугарија.
АБК е здружение на 10-те стопански комори од Балканскиот Регион (членки и нечленки на Европската Унија), кое в година одбележува 30 години од своето постоење. Целта на Асоцијацијата е создавање интеграција и развој на стопанската соработка во регионот.
Членки на АБК, покрај Стопанската комора на Северна Македонија, се и Стопанската комора на Албанија, Стопанската комора на Бугарија, Надворешно-трговската комора на БиХ, Стопанската комора на Црна Гора, Унијата на трговско-индустриските комори на Грција, Стопанската комора на Кипар, Стопанската комора на Романија, Стопанската комора на Србија, Унијата на коморите и стоковите берзи на Турција и Стопанската комора на Косово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Средба Муцунски – Aзески: Фокус на извозот и економската дипломатија
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работна средба со претставници на Стопанската комора на Северна Македонија, предводени од претседателот Бранко Азески.
На средбата беа разгледани иницијативи и конкретни форми на поддршка за извозно ориентираните компании, вклучително и организација на тематски посети со активно учество на деловната заедница, унапредување на комуникацијата со дипломатско-конзуларните претставништва, како и промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор во државата.
Министерот Муцунски нагласи дека целта на овие средби е директно да се слушнат ставовите и размислувањата на коморите, како и да се добијат конкретни иницијативи за поддршка на компаниите, зајакнување на економската дипломатија и унапредување на извозот, што директно придонесува кон зајакнување на економијата и забрзување на економскиот развој.
Беше потврдена одличната досегашна соработка и изразено заемно задоволство од постигнатите резултати, при што се разговараше и за нејзино натамошно продлабочување, со цел обезбедување конкретни придобивки за компаниите и позитивно влијание врз вкупниот економски развој на државата.
Нагласувајќи ја важноста на дипломатско-конзуларните претставништва и на дипломатската мрежа во целост, претседателот на Стопанската комора истакна дека иницијативите за зајакнување на економската дипломатија доаѓаат во вистински момент, во насока на поддршка на стопанството и економското закрепнување.
На средбата беа разгледани и конкретни иницијативи и настани планирани за наредниот период, како можности за понатамошна соработка помеѓу Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и Стопанската комора.
Економија
Мој ДДВ не се укинува – налозите за исплата во февруари се подготвуваат, извести УЈП
Управата за јавни приходи ги демантира написите во дел од медиумите дека се укинува мерката „МојДДВ“.
„Јасно и недвосмислено истакнуваме дека не постои одлука за укинување на „МојДДВ“ – мерката се спроведува континуирано, а сите граѓани можат да ја користат апликацијата и да ги остваруваат своите права согласно законските одредби. За спроведување на мерката „МојДДВ“ се предвидени средства во Буџетот за 2026 година, со што се обезбедува нејзино непречено и континуирано спроведување“, велат од УЈП.
Во текот на 2025 година за редовна исплата исплатени се 3.458.885.995 денари, што е 56,2 милиони евра средства вратени на сметките на граѓаните по основ на „МојДДВ“.
Гледано по квартали, повратот на средства преку „МојДДВ“ во текот на 2025 година е следен:
•За К4 2024 година (исплата во февруари 2025) исплатени се 870.329.146 денари за 496.442 корисници;
•За К1 2025 година исплатени се 784.442.146 денари за 491.770 корисници;
•За К2 2025 година исплатени се 882.137.038 денари за 503.655 корисници;
•За К3 2025 година исплатени се 921.977.665 денари за 515.182 корисници;
•За К4 2025 година налозите се во обработка и согласно законските одредби исплатата на средства е предвидена за февруари 2026 година.
Во текот на 2025 година беа извршени и дополнителни исплати (од изминатите години) кон корисниците кои немале точни податоци во периодот кога биле редовните исплати:
•За скенирани сметки во 2020 година исплатени се 2.658.049 денари;
•За скенирани сметки во 2023 година исплатени се 7.552.401 денари;
•За сметки скенирани во 2024 година исплатени се 4.076.525 денари.
На сметките на граѓаните во 2025 година по основ на редовна и дополнителна исплата на средства преку „МојДДВ“, исплатени се вкупно 3.473.172.970 денари или 56,4 милиони евра.
УЈП ги известува граѓаните дека веќе ги подготвува налозите за исплата на средства за скенирани сметки во последниот квартал од 2025 година, која треба да се реализира во февруари 2026 година.
„Апелираме граѓаните да не потпаѓаат под шпекулации и да ги следат исклучиво официјалните информации и соопштенија на Управата за јавни приходи. Истовремено, УЈП ја информира јавноста дека апликацијата „Мој ДДВ“ функционира редовно. Во рамки на тековните технички подобрувања на системот, можно е повремено забавување при најавување на апликацијата од страна на корисниците или при вчитување на фискалните сметки. Овие појави се привремени, а надлежните технички служби континуирано работат на нивно отстранување, со цел да се обезбеди подобро корисничко искуство. Со ова уште еднаш потврдуваме дека апликацијата „Мој ДДВ“ останува во функција и не се разгледува нејзино укинување“, се додава во соопштението на УЈП.
Економија
Малите и средни претпријатија се ’рбетот на економијата – претставена Националната стратегија за МСП 2025–2030
Министерството за економија и труд денес ја презентираше Националната стратегија за мали и средни претпријатија 2025–2030, стратешки документ кој ја дефинира насоката за развој, конкурентност и отпорност на малите и средни претпријатија во Република Северна Македонија во наредните години.
Малите и средни претпријатија претставуваат ’рбет на националната економија, сочинувајќи околу 99 проценти од вкупниот број претпријатија и обезбедувајќи егзистенција за речиси три четвртини од вработените. Тие имаат клучна улога во економскиот раст, иновациите и социјалната стабилност на државата.
На настанот, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши истакна дека Стратегијата е повеќе од формален документ и дека таа претставува јасна определба за поддршка на домашните претприемачи.
„Малите и средни претпријатија не се само дел од нашата економија – тие се нашата економија. Секој нивен успех значи посигурна иднина за едно семејство и посилна држава. Со Стратегијата за МСП 2025–2030 создаваме услови тие да бидат лидери на промените, а не нивни следбеници,“ истакна министерот.

