Економија
„Алкалоид АД Скопје“ со програма за практикантство за студенти по фармација и хемија
Компанијата „Алкалоид АД Скопје“ потпиша меморандум за соработка за програмата за практикантство со Фармацевтскиот факултет и Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет, обата при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје. Оттаму додаваат дека ваквиот потег е во насока на исполнување на заложбите за корпоративна општествена одговорност, кои се на врвот на приоритетите во оперативната агенда на компанијата.
Практикантството во „Алкалоид АД Скопје“ е заеднички проект меѓу компанијата, респективните образовни институции и студентите, кои ја претставуваат идната работна сила во Република Македонија. Во рамките на овој проект, на студентите кои се на додипломски и подипломски студии на горенаведените факултети ќе им се овозможи вклучување во секојдневните компаниски процеси и активности со цел да се зајакнат нивните професионални вештини и заемно да се поттикне научно-истражувачката работа.
„Целта на овој меморандум за соработка за програмата за практикантство е да се поттикне развојот на креативноста кај студентите, нивното лично и професионално профилирање, како и подготвеноста за соочување со идни професионални предизвици. Со овој проект, ние како компанија, во соработка со највисоките научно-образовни институции во земјава, сакаме да им овозможиме на младите талентирани и амбициозни студенти стекнување и практикување нови вештини во реални процеси во рамки на компанијата. Сакаме да изградиме синергија од која бенефит ќе имаат сите инволвирани страни, а преку имплементирање на најновите научни достигнувања во развојни процеси, научно-истражувачката работа очекуваме да се подигне на ново, повисоко ниво“, изјави Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на УО на „Алкалоид АД Скопје“.
„Алкалоид АД Скопје“ со овој проект оди чекор понапред и не само што разработува програми за развој на практикантите, туку структурно ги усогласува со образовните институции, адаптирајќи ги во обем кој е максимално прилагодлив на образовните програми.
Светлана Кулеванова, декан на Фармацевтскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ го нагласи задоволството од отпочнувањето на нов вид соработка со компанијата и ја истакна важноста на усогласувањето на програмските содржини со светските трендови и практичната работа:
„Потпишувањето на меморандумот за соработка за програмата за практикантство во сферата на научната и стручната дејност од областа на фармацијата е од особено значење за сите страни кои се опфатени со истиот, но највеќе за самите студенти. Големиот интерес кој беше предизвикан кај студентите при дистрибуирањето на првичната информација за новата можност што им ја пружаме заедно со нашиот верен партнер ‘Алкалоид АД’ е доказ за квалитетот на оваа програма“, рече Кулеванова.
Деканот на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Ицко Ѓоргоски, истакна дека потпишувањето на меморандумот за соработка е своевиден чин на верификација на долгогодишната и успешна соработка со „Алкалоид“.
„Ние се радуваме што потпишуваме меморандум за соработка со ваква реномирана компанија, не само во македонски туку и во светски рамки. Години наназад голем дел од нашите најдобри дипломирани студенти од областа на хемијата своите кариери ги продолжуваат во ‘Алкалоид’. Голем дел од нашите професори се надворешни соработници во развојните лаборатории на оваа компанија и учествувале во голем број заеднички научни проекти. Убедени сме дека ова е само еден нов почеток, со кој нашата соработка уште повеќе ќе се прошири и продлабочи, а користа секако ќе биде обострана“, изјави Ѓоргоски.
Контурите и основите на овој проект беа поставени во август 2017 година, а праксата на првата група студенти ќе почне во текот на јуни 2018 година. На студентите кои ќе ги исполнат условите за влез во програмата за практикантство од страна на компанијата ќе им биде доделен обучен ментор, а од страна на матичната образовна установа ќе им биде зададен практичен проект кој ќе треба да го завршат во рок од 3 месеци. По завршувањето на практикантската задача, студентите ќе треба да ги презентираат добиените резултати кои ќе бидат евалуирани од страна на стручните ментори од компанијата и претставниците од респективната образовна установа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Зголемување од 15 проценти на откупот и продажбата на земјоделски производи во последното тримесечје, споредбено со лани
„Минатата година, следејќи ги сите тримесечја во споредба со 2024 година, и последниот извештај потврди позитивни трендови во земјоделството. Според официјалните податоци, откупот и продажбата на земјоделските производи во последното тримесечје изнесуваат 12,5 милијарди денари, што претставува раст од 15% во однос на истиот период од 2024 година“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски од Струмица.
Тој додаде дека растот не се однесува само на откупните и продажните цени, туку и на зголемениот квантитет на земјоделски производи.
„Според табелите објавени од Државниот завод за статистика, речиси кај сите земјоделски производи се бележи зголемување на количините. Особено се издвојуваат грозјето, пченицата и јаболката, како и производството во сточарството, особено во свињарството, овчарството и производството на говедско месо“, појасни Трипуновски.
Тој додаде дека зголемувањето на количините е забележано и кај останатите земјоделски култури, што претставува значаен показател дека 2025 година може да се оцени како успешна, со зголемен интензитет и на откупот и на извозот на земјоделски производи.
Економија
Мицкоски: Очекувам инфлацијата да биде под 3%, односно во рамките на она што го проектираме
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дека Државниот завод за статистика излезе со извештај за инфлацијата и какви се очекувањата за оваа година, изјави:
„Во делот на храната, минатата година имаше „божиќна кошничка“, „јануарска кошничка“ и така ќе биде и во април. Инаку ценам дека ќе се движиме во рамките на проекцијата под 3% на ниво на годишна инфлација оваа година. Кога ќе ја споредиме стапката, горе-долу е иста како во регионов. Освен во соседна Србија каде што е 2,2 – 2,3 поради тоа што они имаат мерка, онаа мерка со ограничување на цените на производите. Првиот момент кога ќе ја напуштат таа мерка, тогаш сето ова ќе се нивелира и наеднаш ќе имаат пик, бидејќи ние тоа го видовме една година пред они тоа да го имплементираат и затоа одлучивме преку други механизми да се бориме против инфлацијата.
Инаку што се однесува до другите месеци, јас очекувам да бидат под 3%. Да речеме има држави во Европа како што е Романија, каде што инфлацијата во јануари е 9,8%, има Турција каде што е двоцифрена инфлацијата, преку 30%, соседна Бугарија, Хрватска и така натаму, да ги редам, голем број примери во Европа, каде што инфлацијата е многу поголема од таа што е кај нас. Јас очекувам кај нас инфлацијата оваа година на годишно ниво да биде под 3%, односно во рамките на она што го проектираме.“
Економија
Дурмиши: Со системски мерки и партнерство ја намалуваме неформалната економија и го јакнеме формалниот сектор
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска се обрати на конференцијата „Формализација на неформалната економија: Преку соработка до успех“, посветена на системските мерки и заедничките политики за намалување на сивата економија и јакнење на формалниот сектор.
Во своето обраќање, министерот Дурмиши истакна дека неформалната економија е сложен и долгорочен предизвик кој ја нарушува конкуренцијата, ги оштетува работниците и го намалува фискалниот капацитет на државата.
Тој нагласи дека за дел од граѓаните непријавената работа не е избор, туку нужност, што бара одговор преку креирање пристојни и стабилни работни места.
„Секој компромис со сивата економија значи понизок економски раст, помалку јавни услуги и понизок квалитет на живот. Затоа ни се потребни системски, конзистентни и одржливи решенија“, потенцираше министерот.

