Економија
„Алкалоид“, резултати од работењето за периодот јануари-декември 2019 година
„Алкалоид“ со раст на консолидираните продажби од 13%, раст на консолидираната нето-добивка од 18%, инвестиции во износ од над 1 милијарда денари и 218 нови вработувања во периодот јануари – декември 2019
Приходи од продажби
Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари-декември 2019 година продажбите достигнуваат 8.428.009.344 денари, што е за 12% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 11.102.808.123 денари, што е за 13% повеќе во споредба со истиот период од минатата година.
Продажби по региони и земји
Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за 8%, додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 17%. Од вкупните консолидирани продажби, 35% се остварени на домашен пазар, додека 65% се остварени на странски пазари. Гледано по региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 33%, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 20%, во Русија и другите земји од ЗНД се остварени 9% и на останатите пазари се остварени 3% од вкупните консолидирани продажби.
Најзабележителен раст е остварен во САД со продажби од 268.202.851 денари, што е 2 пати повеќе од лани, Русија со продажби од 742.189.553 денари, што претставува раст од 91%, Германија со остварени 75.689.421 денари и раст од 57% и Велика Британија со продажби од 315.923.440 денари, што претставува раст од 56% споредено со истиот период од минатата година. Кај извозните пазари пораст бележат и следните земји: Романија раст од 42%, Украина раст од 35%, Бугарија раст од 16%, Косово раст од 16%, Црна Гора раст од 9%, Србија раст од 7%, Словенија раст од 7%, Хрватска 5% итн.
Продажби по групи на производи
Гледано по групи на производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби, најголемо учество заземаат производите од сегментот Фармација, и тоа 86%. Од нив поголем удел имаат ОТЦ-препаратите со 22%, кардиолошките препарати со 15%, антибиотиците со 15%, невролошките препарати заземаат 13% од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот Хемија, Козметика и Билкарство учествува со 14% во вкупните консолидирани продажби или поточно Хемија учествува со 2%, Козметика со 8% и Билкарство учествува со 4%.
Резултати од работењето
Единечната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која изнесува 1.774.492.371 денари, бележи зголемување од околу 20%, додека единечната нето-добивка изнесува 1.007.811.167 денари и е зголемена за 19%.
Консолидираната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), достигна 1.857.857.478 денари и бележи раст од 19%, додека нето консолидираната добивка во износ од 1.015.259.965 денари е зголемена за 18%.
На ниво на групација нето профитната маржа за 2019 година изнесува 9,1%, оперативната маржа е 10,8%, додека ЕБИТДА маржата изнесува 16,7%.
Инвестиции
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – декември 2019 година изнесуваат 1.091.631.671 денари. Вложувањата главно се наменети за проширување на производните капацитети.
Во 2019 година почнаа инвестициите во новите производни одделенија што ќе се простираат на површина од 7.000 м² и кои како и останатите, ќе се изведуваат во согласност со строгите барања за Добра производствена практика (GMP). Ова ќе овозможи зголемување на капацитетите за производство за најмалку 50%, односно од сегашниот капацитет од речиси 2 милијарди таблети и капсули годишно, на повеќе од 3 милијарди парчиња цврсти фармацевтски форми. Вкупниот износ на инвестицијата е проценет на 11 милиони евра. Комплетирањето на оваа инвестиција, планирано за првата половина од 2020 година, ќе создаде услови за реализирање на околу 200 нови вработувања во сегментот Фармација.
Со цел подобрување на енергетската ефикасност и намалување на штетни емисии во воздухот, во 2019 година започна реализација на проектот за гасификација на локалитетот Алкалоид – Ѓорче Петров. Проектот е вреден над 1 милион евра, а неговата финализација е предвидена во текот на 2020 година.
Вработени
Во периодот јануари – декември 2019 година во Алкалоид се реализирани 218 нови вработувања во РС Македонија. Со тоа на крајот на декември 2019 година во Алкалоид АД Скопје работат 1.653 вработени, додека во друштвата и претставништвата во земјата и во странство има вкупно 574 вработени или вкупно 2.227 вработени во групацијата.
Со одлука на Управен одбор на Алкалоид АД Скопје, во март 2019 година, одобрен е и исплатен, регрес за користење на годишен одмор на вработените во компанијата, во висина од 27.709 денари бруто, односно 24.938 денари нето, додека во август 2019 година, одобрено е зголемување на нето-платата на вработените за 5,2% почнувајќи од 01.09.2019 година со што просечната исплатена нето-плата за декември 2019 година достигна 46.686,00 денари.
Податоци за акциите
Акциите на Алкалоид АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидни акции на берзата. Цената на акцијата во периодот јануари – декември 2019 година се движеше од 8.200,00 денари до 11.901,00 денари или просечно 9.508,11 денари за една акција, што претставува раст од 18% во споредба со просечната цена во истиот период од 2018 година. Пазарната капитализација на компанијата во 2019 година надмина 17 милијарди денари.
Бизнис-план
Остварените продажби и остварениот профит за 2019 година го надминаа бизнис-планот за 2019 година донесен со одлука на Управниот одбор на Алкалоид АД Скопје на седницата одржана на 27.12.2018.
Бизнис-планот за 2020 година донесен со одлука на Управниот одбор на Алкалоид АД Скопје на седницата одржана на 27.12.2019 година предвидува инвестирање на околу 14% од консолидираните приходи од продажби во материјални и нематеријални средства, раст од најмалку 7% на консолидираните продажби во однос на 2019 година, како и раст од најмалку 7% на консолидираниот профит пред оданочување во однос на проекциите за 2019 година.
(ПР текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
(Видео) Мицкоски: 17 нови проекти вредни 650 милиони евра ќе донесат до 5.000 работни места
Премиерот Мицкоски денеска изјави дека во моментов се во почетна фаза на реализација или во фаза на потпишување договори за државна помош се околу 17 проекти, со вкупна вредност од над 650 милиони евра. Очекува дека овие проекти ќе обезбедат помеѓу 4.500 и 5.000 нови директни работни места, а најголемиот дел од нив годинава ќе започнат со производство, што ќе ја зголеми и вредноста на бруто-домашниот производ.
„Во овој момент работиме на овие 17 проекти само преку ТИРЗ, а има и проекти кои што ги работиме а кои што се надвор од ТИРЗ, како што е инвестицијата на Алказар во Источна Македонија, која што е во фаза на одобрение за градба. Очекувам некаде на пролет и на терен да започне реализирањето на оваа инвестиција, која што е во вредност од половина милијарда долари“, кажа Мицкоски.
Тој посочи дека земјоделството доживува позитивен пресврт и станува сериозен економски столб. Во четвртиот квартал од минатата година извозот на земјоделски производи бил повеќе од двојно поголем од увозот, со износ од околу 12,5 милијарди денари, додека за целата година извозот достигнал над 450 милиони евра, во споредба со околу 200 милиони увоз.
Премиерот истакна дека Владата ќе продолжи да ги поддржува вистинските земјоделци и дека новата програма ќе ја насочи поддршката кон оние кои реално произведуваат и придонесуваат, додека ќе се спречи злоупотреба на субвенциите.
Економија
(Фото+видео) Николоски: Со одлична динамика се гради автопатот Гостивар – Букојчани
Задоволство е да се гледа прогрес и да се гледааат добри резултати во изградбата на автопатот Гостивар – Букојчани. Имаме силна динамика, државата овозможува навремена логистика и со средства и во делот на експропријацијата и силната динамика ќе продолжи во следниот период за до крајот на 2029 година да возиме по овој автопат, изјави заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.
Тој денеска заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, времениот вршител на работите во Амбасадата на САД, Никол Варнс, заменици министри, пратеници, градоначалници и директорот на ЈПДП Коце Трајановски извршија увид во изградбата на автопатот Гостивар-Букојчани.

„Работиме доста интензивно на оваа секција 2, односно на автопатот кој што оди од Гостивар до Букојчани, кој што од другата страна треба да се поврзе на автопатот Гостивар до Тетово, а во долната страна треба да се поврзе со автопатот кој ќе се гради од Букојчани до Кичево. Оттаму се поврзуваме на автопатот до Охрид и Струга кој веќе е во прогрес, така што ова е целиот автопат кој што оди на западното крило на Коридор 8, автопат кој што треба да го поврзе целиот овој регион, да донесе голем економски бенефит, повеќе бизнис и многу повеќе туристи” изјави вицепремиерот Николоски.



Тој истакна дека експропријацијата е завршена речиси 90 % што е за успех, а финансирањето е навремено што директно значи и навремена реализација на овој проект. Дополнително како што потенцира, градежништвото има историски раст од 21 %.
„Она што ми е драго е тоа што градежништвото расте, во третиот квартал минатата година растот беше од 21 %, што не е запаметено во независна Македонија и така ќе продолжиме во периодот што е пред нас. Обврските што ги имаше државата се веќе завршени, околу 90 % од експропријацијата е завршена, до сега исплатени се околу 470 милиони евра што за буџет како Македонија е огромна сума. Исто така целата логистика државата ја дава и останува компаниите да си ја завршат работата. Драго ми е што стоиме на мост што е 40 метри висок, ова е добро за македонските градежни компании и оние што ќе се занимаваат со градежништво во иднина, тука се вклучени Градежниот факултет, Архитектонскиот факултет и следните генерации да можат на конкретни и живи проекти да учат” истакна Николоски.


Упати благодарност до премиерот Мицкоски за подршката што ја дава за овој проект и најави силна динамика и крајот на 2029 година да биде завршен овој автопат без отстапки од рокот. Додаде дека интензивно се работи и на автопатите од Тетово до Гостивар како и автопатот од Прилеп до Битола.
Економија
Божиновска во теренска посета на „Мермерен Комбинат Прилеп“: Македонските ресурси мора да создаваат поголема додадена вредност дома
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини соопшти дека министерката Сања Божиновска реализирала теренска посета на рудниците и производствените капацитети на „Мермерен Комбинат АД Прилеп“.
Според соопштението на Министерството, Божиновска извршила непосреден увид во процесот на експлоатација на мермерот, условите за работа, механизацијата и технолошките процеси на комбинатот.
Раководството на компанијата ја информирало министерката за тековните инвестиции во модернизација на механизацијата, безбедноста при работа и мерките за рационално искористување на природните ресурси, со посебен акцент на одржливото користење на наоѓалиштето и заштита на животната средина.

Во соопштението се наведува дека на средбата се разговарало и за почитувањето на еколошките стандарди и обврските од концесиските договори, безбедносните услови за вработените, придонесот на компанијата кон локалната економија и можностите за зголемување на додадената вредност преку финална обработка на производите.

Божиновска истакнала дека теренските посети се клучни за реален увид во функционирањето на секторот и за креирање политики базирани на фактичка состојба.
„Природните ресурси се национален капитал и нивната експлоатација мора да значи поголема економска корист за државата и граѓаните. Наш приоритет е природните ресурси да носат долгорочна корист — преку инвестиции, нови технологии, безбедни работни услови и поголем степен на финална обработка. Рударството има силна економска улога, но неговиот развој мора да биде одговорен, транспарентен и во согласност со највисоките стандарди Нашата цел е јасна — модерно, одговорно и конкурентно рударство кое создава вредност дома, отвора работни места и обезбедува одржлив развој. Компаниите кои инвестираат во технологија, безбедност и заштита на животната средина се важен партнер во економскиот развој“, се наведува во соопштението.
Министерството додава дека посетата е дел од пошироките активности насочени кон засилено присуство на терен, подобра комуникација со индустријата и унапредување на надзорот и одржливото управување со минералните ресурси.

