Економија
„Алкалоид“ со раст на консолидираниот извоз, нето-добивка, инвестиции и нови вработувања
„Алкалоид“ со раст на консолидираниот извоз од 8%, раст на консолидираната нето-добивка од 4%, инвестиции во износ од 561,4 милиони денари и 105 нови вработувања во периодот јануари – јуни 2018
„Алкалоид АД“ Скопје оствари позитивни финансиски резултати во периодот јануари – јуни 2018 година, покажуваат неревидираниот единечен и неревидираниот консолидиран Биланс на успех.
Според единечниот Биланс на успех, во периодот јануари – јуни, продажбите достигнуваат 3.647.869.385 денари, што е за 4% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Добивката пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која изнесува 701.478.745 денари, бележи зголемување од околу 8%, единечната нето-добивка изнесува 400.335.106 денари и истата е зголемена за 7%.
Во периодот јануари – јуни, вкупните консолидирани продажби достигнуваат 4.787.739.685 денари, што е за 5% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се на исто ниво, додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 8%. Од вкупните консолидирани продажби, 37% се остварени на домашен пазар, додека 63% се остварени на странски пазари. Гледано по региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 35%, во Русија и другите земји од ЗНД се остварени 6%, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 20% и на останатите пазари се остварени 2% од вкупните консолидирани продажби. Најзабележителен раст е остварен во Полска со продажби од 24.857.778 денари што е 7,4 пати повеќе од лани, потоа во Унгарија со продажби од 70.759.053 денари, што претставува зголемување од 6 пати и САД со продажби од 97.149.017 денари што е двојно повеќе споредено со истиот период од минатата година. Кај извозните пазари пораст бележат и следните земји: Украина раст од 88%, Чешка раст од 48%, Србија раст од 24%, Косово раст од 23%, Хрватска раст од 4% итн.
Гледано по групи на производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот Фармација, и тоа 84%. Од нив поголем удел имаат ОТЦ препаратите со 21%, кардиолошките препарати со 17%, антибиотиците со 14%, невролошките препарати заземаат 13% од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот Хемија, Козметика и Билкарство учествува со 16% во вкупните консолидирани продажби или поточно Хемија учествува со 3%, Козметика со 10% и Билкарство учествува со 3%.
Консолидираната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која достигнува 710.685.721 денари бележи раст од 6%, додека нето консолидираната добивка во износ од 376.774.462 денари е зголемена за 4%.
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – јуни 2018 година изнесуваат 561.358.225 денари што е претставува зголемување за 74% во однос на истиот период од 2017 година.
Во периодот јануари – јуни 2018 година во Алкалоид се реализирани 105 нови вработувања во Република Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Потпишан договор за реализација на новата инвестиција на турската компанија Шахтерм во ТИРЗ
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, потпишаа договор за реализација на новата турска инвестиција во Македонија. Со договорот кој го потпишаа во Бурса, се предвидува закуп на земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со површина од над 20.000 м2 и изградба на објект со површина од над 13.000 м2. Ова е прва од двете фази на реализација на инвестицијата.
Потпишувањето на договорот следи само 4 месеци по најавата за новата турска инвестиција во земјава. Турската компанија ја зголеми и првично планираната инвестиција од 70 милиони евра на 100 милиони евра. Според деловниот план компанијата во наредните 10 години предвидува отворање на 1000 нови работни места. Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.
Потпишувањето на договорот е во рамки на посетата на Турција на делегација на ТИРЗ предводена од Деспотовски во рамки на која е предвидена и презентација на инвестициските можности пред турски компании. На потпишувањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.
Инаку компанијата “Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.
Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.