Економија
Ангеловска-Бежоска за „Гласот на Америка“: Денарот со децении е стабилен во однос на еврото

Стабилноста на денарот успешно се одржува и за време на тековната економска криза, што се должи на соодветното ниво на девизни резерви со кое располагаме, но и капацитетите на централната банка успешно да го одбрани курсот. Денарот со децении е стабилен во однос на еврото, валутата на нашиот најзначаен трговски партнер. Ова е најповолната монетарна стратегија за нашата економија, вели во интервју за „Гласот на Америка“ гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, која учествува на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка во Вашингтон, САД.
„Ние две и пол децении одржуваме стабилен денар, што јасно покажува дека централната банка има и капацитет, но и соодветни инструменти за одбрана на курсот на денарот. Во поддршка на ова фокусот треба да се стави на нивото на девизни резерви, коишто се клучниот инструмент кој служи како гаранција за одржување на стабилноста на курсот. Тие се одржуваат на високо ниво – во споредба со глобалната финансиска криза 2008-2009 година тие се двојно повисоки, а повисоки се и во однос на претпандемискиот период. Дополнително имаме на располагање и ликвидност од страна на Европската централна банка (ЕЦБ) во вид на репо-линија којашто ни е ставена на располагање и досега не е искористена, но може да се искористи доколку имаме потреба за тоа“, вели таа.
Гувернерката зборувајќи за трендот на апрецијација на американскиот долар, кој започна кон крајот на минатата, а забрза годинава, посочи дека има повеќе причини за тоа.
„Попогодени од овие трендови би биле оние економии, коишто се нето-должници во долари, односно имаат поголеми обврски отколку побарувања во долари. Тоа не е случај со македонската економија, бидејќи кај нас учеството на доларите во вкупниот надворешен долг на нашата економија е само околу 8% и тоа е главно кај јавниот сектор. Учеството на доларот во вкупната надворешна трговија, извозот и увозот, исто така е релативно помало, некаде околу 8-9%, додека останатата трговија е во евра, каде постои долгогодишна стабилност кај соодносот денар-евро и оттука тоа не се одразува на тој дел од трговијата“, вели гувернерката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Издадени првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги издаде првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори на компанијата ЕНЕРГО СОЛАР СИСТЕМИ.
Станува збор за два батериски системи со вкупна инсталирана моќност од 2 600 kW, што се инсталирани во склоп на две различни фотонапонски електроцентрали кои се веќе изградени и во функција.
„Издавањето на овие лиценци во кои се вклучени батериски системи за складирање на електрична енергија, всушност го означува почетокот на еден нов инвестициски циклус во енергетиката. Воведувањето на батериите во пракса значи забрзана енергетска транзиција преку создавање на одржлив, ефикасен и еколошки енергетски систем во земјава. Во РКЕ очекуваме голем број сопственици на ФЕЦ да поднесат барање за инсталирање на “сториџи“, но исто така очекуваме интерес да појават и компании кои би биле самостојни оператори на складишта само со батериски системи. Употребата на батериите ќе придонесе за сигурно и доверливо функционирање на системите, а едновремено и за економски посигурен и поефикасен енергетски пазар. Истите можат да даваат услуги на операторот на електропреносниот систем за балансирање на истиот, како и одржување на одредени параметри на мрежата во пропишани граници. Складирањето на енергија во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите од електричната енергија се зголемуваат се очекува дека ќе влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот.“ посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Условите, постапката и потребната документација за добивање на лиценца за складирање на електрична енергија се уредена во Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, .
Економија
Владата усвои измени: Се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра

Со цел зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места, Владата усвои измени и дополнувања на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра. Законските измени веќе се во собраниска процедура, а нивното спроведување се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании.
Со оваа мерка, околу 4 милиони денари месечно, колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените.
Ова претставува значаен чекор во заштита и поддршка на домашната економија, особено во услови на зголемена глобализација и дигитална трговија.
Дополнително, измените ќе помогнат во намалување на сивата економија, имајќи предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби – односно увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се продаваат на домашниот пазар.
Со оваа измена, државата испраќа јасен сигнал на поддршка за домашните компании кои создаваат додадена вредност и вработуваат граѓани во земјата, велат од Министерството за финансии.
Економија
Халкбанк со Промо депозит по повод месецот на штедење

По повод октомври, месецот на штедењето, Халкбанк АД Скопје ја започна својата традиционална кампања посветена на промовирање на финансиската писменост и одговорно управување со личните финансии, преку воведување на нов Промо депозит создаден за да им овозможи на граѓаните поповолни услови за заштеда и дополнителна сигурност во време на економски предизвици.
Депозитот може да се отвори во сите филијали и експозитури на Халкбанк низ земјата. Минималниот износ на вложување е 30.000 денари или 500 евра, а каматната стапка е фиксна иизнесува 3% за штедење во денари, односно 2% за шедење во евра или долари, а рокот на орочување е 13 месеци. Штедењето во американски долари претставува новитет во понудата на банката, со што клиентите добиваат дополнителна можност за диверзификација на своите заштеди. Клиентите можат да изберат исплата на каматата на крајот на периодот на орочување или месечно, во зависност од своите потреби и планови.
За овој депозит не се дозволува делумно повлекување или дополнителни уплати пред истекот на рокот, што овозможува целосна стабилност и предвидливост на приносот.
„Халкбанк секоја година го одбележува mесецот на штедењето со посебни понуди и иницијативи, со цел да ги охрабриме граѓаните да размислуваат долгорочно и одговорно кон своите финансии. Штедењето не е само индивидуална придобивка, туку и темел на стабилен економски систем. Затоа, секоја година во овој период нудиме дополнителни стимули за штедачите. Преку Промо депозитот им овозможуваме на нашите клиенти сигурен, транспарентен и исплатлив начин да ги зголемат своите заштеди,“ велат од банката.
Со оваа кампања, Халкбанк уште еднаш ја демонстрира својата улога како одговорна и стабилна банка, која се грижи за финансиската благосостојба на своите клиенти и постојано нуди решенија што ги поддржуваат нивните цели и планови.
Халкбанк потсетува дека штедењето е првиот чекор кон финансиска сигурност и независност, а со внимателно управување со средствата, секој може да го изгради сопствениот пат кон стабилна иднина.
ПР