Економија
Ангеловска-Бежоска: Кредитите за поддршка на енергетската трансформација на економијата бележат раст

„Инвестициите во зелени и одржливи проекти и примената на иновативни решенија во областа на финансиите преку користење напредни технологии се во основата на зелената и дигиталната трансформација, која е основен предуслов за градење силна економија отпорна на шокови. А за поддршка на инвестициите, неопходен е здрав и стабилен финансиски систем“, истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на панел-дискусија во рамките на годишната конференција на Стопанската комора на Северна Македонија со наслов „Економски предизвици во 2023 година: како да го одржиме економскиот раст и да ја трансформираме економијата“.
Во изминатиот период се согледува сè поголема поддршка на банкарскиот систем за проектите за енергетска трансформација на економиите. Според податоците од банките, зеленото кредитирање бележи постојан раст и на крајот на септември 2022 година е зголемено 80 % во споредба со крајот на 2019 година, при што најголем придонес кон растот имаат кредитите на корпоративниот сектор. Се очекува дека овие позитивни трендови ќе продолжат и во иднина, поддржани и преку наменски кредитни линии од меѓународните финансиски институции.
Гувернерката посочи дека Народната банка презема низа активности за поттикнување на зеленото финансирање. Некои од нив се и монетарните мерки, како, на пример, одлуката за промена кај инструментот за задолжителна резерва, со која се поттикнува кредитирањето на проектите поврзани со домашното производство на електрична енергија од обновливи извори. Тука е и соработката со меѓународните финансиски институции и учеството во меѓународните иницијативи, со што се овозможува да се следат најновите трендови кои се предводени од иновациите во областа на финансиите, со особено внимание на иновациите со зелена компонента (англ. GreenTech).
„Во моментот се работи на стратегијата за зелено финансирање, во која се предвидени низа активности, меѓу кои и подготовка на насоки за работењето на банките во доменот на зелените финансии, вклучително и за транспарентното финансирање. Се гради и зелено портфолио на хартиите од вредност во девизните резерви, а од годинава Народната банка воспостави и редовен систем на прибирање подетаљни податоци за зеленото финансирање. За оцена на отпорноста на банкарскиот систем на климатските промени се планираат стрес-тестирања за што ќе биде неопходно засилување на институционалниот капацитет, и на регулаторот и на банките“, рече гувернерката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
МЗШВ: Во четвртиот квартал од 2025 година ќе биде објавен јавниот повик за претприемачите во прехранбената индустрија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека во четвртиот квартал од оваа година ќе биде објавен Јавниот повик 02/2025 за користење на средства од ИПАРД Програмата 2021-2027, мерка 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”.
Оваа мерка претставува исклучителна можност за македонските претприемачи во прехранбената индустрија да ги унапредат своите капацитети и да станат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”од ИПАРД Програмата овозможува финансиска поддршка за модернизација на преработувачките капацитети, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и усогласување со европските стандарди. Преку оваа мерка се поддржува зголемувањето на конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор во целина.
Средствата за оваа мерка се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програмата за периодот 2021 – 2027 година).
Министерството ги повикува сите заинтересирани да започнат со навремена подготовка на потребната документација и да ги следат официјалните објави на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Економија
Издадени првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги издаде првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори на компанијата ЕНЕРГО СОЛАР СИСТЕМИ.
Станува збор за два батериски системи со вкупна инсталирана моќност од 2 600 kW, што се инсталирани во склоп на две различни фотонапонски електроцентрали кои се веќе изградени и во функција.
„Издавањето на овие лиценци во кои се вклучени батериски системи за складирање на електрична енергија, всушност го означува почетокот на еден нов инвестициски циклус во енергетиката. Воведувањето на батериите во пракса значи забрзана енергетска транзиција преку создавање на одржлив, ефикасен и еколошки енергетски систем во земјава. Во РКЕ очекуваме голем број сопственици на ФЕЦ да поднесат барање за инсталирање на “сториџи“, но исто така очекуваме интерес да појават и компании кои би биле самостојни оператори на складишта само со батериски системи. Употребата на батериите ќе придонесе за сигурно и доверливо функционирање на системите, а едновремено и за економски посигурен и поефикасен енергетски пазар. Истите можат да даваат услуги на операторот на електропреносниот систем за балансирање на истиот, како и одржување на одредени параметри на мрежата во пропишани граници. Складирањето на енергија во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите од електричната енергија се зголемуваат се очекува дека ќе влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот.“ посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Условите, постапката и потребната документација за добивање на лиценца за складирање на електрична енергија се уредена во Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, .
Економија
Владата усвои измени: Се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра

Со цел зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места, Владата усвои измени и дополнувања на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра. Законските измени веќе се во собраниска процедура, а нивното спроведување се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании.
Со оваа мерка, околу 4 милиони денари месечно, колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените.
Ова претставува значаен чекор во заштита и поддршка на домашната економија, особено во услови на зголемена глобализација и дигитална трговија.
Дополнително, измените ќе помогнат во намалување на сивата економија, имајќи предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби – односно увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се продаваат на домашниот пазар.
Со оваа измена, државата испраќа јасен сигнал на поддршка за домашните компании кои создаваат додадена вредност и вработуваат граѓани во земјата, велат од Министерството за финансии.