Економија
Ангеловска-Бежоска на конференција на ОН: Здравиот и развиен финансиски сектор е значаен за поттикнување на економскиот раст
„Здравиот и развиен финансиски сектор е значаен за поттикнување на економскиот раст. Финансискиот систем што е доволно голем, диверзифициран, добро регулиран и сфатен може да придонесе за подобар животен стандард и унапредување на социјалната инклузија, намалувајќи ја со тоа сиромаштијата.“ Ова го посочи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на панел-дискусијата „Сиромаштијата, економскиот раст и финансискиот сектор“ којашто се одржа во рамките на Годишната конференција на Обединетите нации, со наслов „Поглед подалеку“.
„Во земјите од Западен Балкан, вклучително и во нашата, финансискиот систем е банкоцентричен, со што банките имаат клучна улога во финансирањето на реалната економија со постојано солидно темпо во изминативе неколку години на кризи. Задржаната кредитна активност и во услови на криза во голема мера се должи на научените лекции од глобалната финансиска криза во светски рамки и зајакнатата регулатива во согласност со измените на меѓународните и европските стандарди, со чија помош банките ги пресретнаа предизвиците со зајакнати биланси и подобра способност за справување со ризици“, наведе гувернерката Ангеловска-Бежоска.
Говорејќи за натамошна поддршка на растот и побрзо приближување до доходот на Европската Унија, гувернерката додаде дека е значајно да продолжи трендот на раст на финансискиот систем, вклучително и на банкарскиот систем. Притоа истакна: „Исклучително е важно банките да продолжат со јакнење на отпорноста и стабилноста на билансите, што заедно со обемот на финансиски потенцијал, е предуслов за соодветна кредитна поддршка на економијата. Важен е и развојот на пазарите на капитал коишто во целиот регион се недоволно развиени, а можат да бидат значаен извор за финансирање особено на малите и на средните претпријатија коишто вообичаено имаат потежок пристап до финансирање од банкарскиот сектор.“
Ангеловска-Бежоска посочи дека иако здравиот и развиен финансиски сектор не може да биде замена за структурните реформи што се клучни за долгорочен економски раст, сепак тој може да даде значителна поддршка за економијата, особено во вакви периоди на криза коишто ги нагласуваат структурните слабости на економијата и потребата за енергетска и дигитална трансформација.
Во изминатиот период се согледува сѐ поголема поддршка на банкарскиот систем на проекти за енергетска трансформација на економиите, при што во домашната економија зеленото кредитирање во изминативе три години е зголемено за 80%. За посилен економски раст е важен и финтек-секторот, којшто сѐ уште е мал, но расте во земјите од Западен Балкан. Финтек-секторот има потенцијал да ја зајакне финансиската инклузија и да го унапреди финансискиот сектор, за што е важно и натамошното зголемување на финансиската и дигиталната писменост.
На панел-дискусијата, покрај гувернерката на Народната банка, учествуваа и министерот за финансии Фатмир Бесими, министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, програмскиот лидер за земјите од Западен Балкан на Светската банка, Ричард Рекорд и претставничката од УНИЦЕФ, Патриција ди Џовани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Македонско возило привлече внимание на улиците на Будимпшета: GREEN MACHINES чисти снег кај будимската тврдина
Деновиве, возило на Green Machines на БРАКО – Велес, привлече внимание на улиците на Будимпешта, додека ја чистеше од снег Будимската тврдина, едно од најзначајните културно-историски обележја на унгарската престолнина.
Иако по димензии е значително помало во споредба со класичните камиони за чистење снег, Green Machines возилото се покажа како исклучително ефикасно токму таму каде што големата механизација има ограничен пристап – на пешачки зони, патеки и тешко достапни делови, особено во културно заштитените подрачја и објекти.
Додека тешките машини се користат за расчистување на главните сообраќајници, возилото произведено во БРАКО обезбедува прецизно и безбедно одржување на јавната хигиена и зимската проодност во чувствителни урбани средини, каде што се бара внимателен пристап и современа технологија.
Истото возило кое во текот на годината ја одржува чистотата на градските улици, паркови и плоштади, во зимски услови успешно се користи и за чистење снег, што уште еднаш ја потврдува универзалноста и мултифункционалноста на возилата на Green Machines на БРАКО.
Фактот што вакво македонско индустриско решение е ангажирано во една европска метропола како Будимпешта претставува силна потврда дека нашите возила не само што се извезуваат, туку и се избираат за работа во најсложени и најчувствителни услови – од секојдневна урбана хигиена до зимско одржување, во повеќе од 60 држави низ светот.
(ПР)
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Македонија добива можност да учи AI од Google, Microsoft, Amazon и IBM
AIatWork од денес овозможува 14-дневен целосно бесплатен пристап до својата платформа, со цел вештачката интелигенција да стане разбирлива, применлива и достапна за поширок круг корисници во Македонија.
Со бесплатниот 14-дневен пристап, корисниците добиваат можност практично да ја испробаат платформата и да користат водечки AI модели како ChatGPT, Gemini и Claude, над 50 практични AI алатки за пишување, анализа, дизајн и автоматизација, како и онлајн курсеви во живо, водени од AI практичари со искуство во глобални технолошки гиганти како Google, Microsoft, IBM и други.

Во Македонија вештачката интелигенција сè уште често се доживува како нешто нејасно и тешко совладливо за луѓето без ИТ позадина. Исто така AI често се поистоветува со една алатка, наместо да се разбере како поширок сет на практични решенија што веќе се користат во секојдневната работа низ светот. Голем дел од популацијата би сакала да знае да користи AI, но не знае кои алатки се навистина релевантни и како AI реално може да им помогне во работата.
Токму тука AIatWork се појавува како практичен одговор, нудејќи јасна насока за практична употреба на AI во секојдневната работа.
Во видеото што е дел од објавата, тимот на AIatWork објаснува дека изминатите месеци биле посветени на унапредување на корисничкото искуство и поддршката на платформата, со јасна цел: секој нов корисник уште од првиот момент да знае точно од каде да започне со изучување на вештините и алатките на иднината.
Само овој месец, на платформата се одржуваат 12 активни AI курсеви, во соработка со експерти и компании како Boeing, Google и Salesforce.
Во време кога AI станува составен дел од работата ширум светот, за земји како Македонија таа претставува можност за побрза дигитална трансформација и зголемена конкурентност. Бесплатниот пристап им овозможува на корисниците самите да проверат како AI може да им помогне во секојдневната работа, без ризик и без обврска.
Прашањето повеќе не е дали AI ќе стане дел од работата, туку дали ќе бидете подготвени кога тоа ќе се случи.
Пробајте AIatWork бесплатно – 14 дена, без обврска.
(ПР)

