Економија
Ангеловска-Бежоска на Конференција на ЕЦБ
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, учествуваше на првата од двете панел-дискусии на 8. конференција на Европската централна банка (ЕЦБ) за земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа (ЦИЈЕ). Оваа панел-дискусија следеше веднаш по поздравното обраќање на претседателот на ЕЦБ, Марио Драги, и излагањето на директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристин Лагард. Со неа претседаваше потпретседателот на ЕЦБ, Луис де Гвиндос, и таа им беше посветена на предизвиците со кои се соочуваат земјите од ЦИЈЕ во контекст на глобалните трговски тензии. Се разгледуваа клучните прашања поврзани со промените на глобалниот трговски пејзаж коишто се резултат на зголемените протекционистички мерки и влијанијата коишто тие можат да ги имаат врз економиите на земјите од овој регион, кај кои во голема мера растот е предводен од извозот и често е поддржан од нивната вклученост во глобалните синџири на производство.
„Земјите од регионот на ЦИЈЕ се мали и отворени економии со висок степен на трговска и финансиска интеграција со остатокот од светот, а пред сè со Европската Унија, што упатува на можност за пренос на надворешни шокови, вклучително и трговски шокови во нив. Сепак, иако ризиците се присутни и може да се остварат, досега во регионот не се забележани позначајни ефекти од забавувањето на глобалната трговија“, нагласи меѓу другото Ангеловска-Бежоска во своето излагање.
Во рамките на дискусијата акцентот беше ставен и на потребните промени во моделите на економски раст, заради намалување на подложноста на економиите на шокови во надворешното окружување, како што се поголемо фокусирање кон инвестициите за подобрување на продуктивноста и конкурентноста на економиите, тежнеење кон раст движен од иновациите и раст што ќе се заснова на поголема регионална трговска интеграција, којашто е особено значајна за малите економии.
Одделно внимание им беше посветено и на каналите преку кои може да се пренесат неповолните надворешни случувања во домашната економија, при што гувенерката на нашата централна банка посочи дека не е во прашање само трговскиот канал којшто може да доведе до помал извоз, туку дека неповолните ефекти може да се почувствуваат и преку каналот на намалена доверба на инвеститорите, што може да доведе и до помали капитални приливи во регионот, како и преку затегнување на условите на финансиските пазари.
На оваа панел-дискусија на Конференцијата на ЕЦБ, покрај Ангеловска-Бежоска учествуваа и гувернерот на словенечката централна банка, Боштјан Васле, директорката на Одделот за економски прашања на Европската инвестициска банка, Дебора Револтела, и главниот економист на Европската банка за обнова и развој, Сергеј Гуриев, а воведно излагање имаше генералниот директор на Директоратот за економски и финансиски работи при Европската комисија, Марко Бути. Тие заеднички констатираа дека треба да се продолжи со политики за задржување на макроекономската стабилност, но и со структурните политики коишто можат да го зголемат долгорочниот потенцијал за економски раст и да ја намалат ранливоста на економиите.
Втората панел-дискусија им беше посветена на одговорите на монетарната политика во ЦИЈЕ на финансиските шокови. Со неа претседаваше Беноа Кере од Извршниот одбор на ЕЦБ, а учествуваа гувернери на неколку централни банки и претставници на ММФ и Светската банка.
Меѓу говорниците на ова издание на значајната традиционална конференција на ЕЦБ, Ангеловска-Бежоска беше единствениот висок претставник на централна банка на земја којашто сè уште не е членка на Европската Унија (ЕУ). Поканата упатена до неа за активно учество на една од двете панел-дискусии е уште една потврда дека во европската централнобанкарска заедница се препознаени и се вреднувани активностите коишто нашата централна банка ги презема чекорејќи по патот кон Европскиот систем на централни банки.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска го искористи своето учество на конференцијата, којашто се одржа вчера во Франкфурт, и за одделни средби со високи претставници на ЕЦБ и со колеги од централни банки на земји од ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Потпишан договор за реализација на новата инвестиција на турската компанија Шахтерм во ТИРЗ
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, потпишаа договор за реализација на новата турска инвестиција во Македонија. Со договорот кој го потпишаа во Бурса, се предвидува закуп на земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со површина од над 20.000 м2 и изградба на објект со површина од над 13.000 м2. Ова е прва од двете фази на реализација на инвестицијата.
Потпишувањето на договорот следи само 4 месеци по најавата за новата турска инвестиција во земјава. Турската компанија ја зголеми и првично планираната инвестиција од 70 милиони евра на 100 милиони евра. Според деловниот план компанијата во наредните 10 години предвидува отворање на 1000 нови работни места. Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.
Потпишувањето на договорот е во рамки на посетата на Турција на делегација на ТИРЗ предводена од Деспотовски во рамки на која е предвидена и презентација на инвестициските можности пред турски компании. На потпишувањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.
Инаку компанијата “Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.
Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.