Економија
Ангеловска-Бежоска на конференцијата на Светската банка: За повисок раст најважно е да се зголеми продуктивноста, која е речиси половина од европската
„Економијата постепено закрепнува од шоковите, а нивото на доход изнесува околу 42% од европското. За побрза доходовна конвергенција и за намалување на овој јаз важни се структурните реформи со кои ќе се зголеми потенцијалот за раст којшто во изминативе две декади во регионот на Западен Балкан, вклучително и во нашата економија, е речиси преполовен. А потенцијалот за раст може да се зголеми само преку вложување во човечки капитал, каде што значаен предизвик е емиграцијата, преку вложување во физичкиот капитал којшто во моментов изнесува околу 30% од европскиот просек и преку зголемување на продуктивноста којашто е околу 50% од европската.“ Ова го истакна гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на Конференцијата во организација на Канцеларијата на Светската банка на којашто беше презентирана студијата „Кон повисоки достигнувања: Патот до повисок доход во Европа и Централна Азија“.
„Во однос на физичкиот капитал, за да се зголеми нивото на приватниот и јавниот капитал, важно е да се засилат домашните, а уште повеќе странските инвестиции, што ќе обезбеди не само нов капитал, туку и нови знаења, менаџерски вештини, напредна технологија. Во овој контекст, добро е што се засилува јавниот инфраструктурен циклус и што значително забрзуваат странските директни инвестиции коишто минатата година достигнаа едно од историски највисоките нивоа (7,1% од БДП) и покрај зголемените геополитички тензии и трговски препреки“, истакна гувернерката.

За зголемување на продуктивноста особено е важно во фокусот да се стават иновациите и технолошкиот развој. Во овој контекст и согласно надлежностите, Народната банка постојано презема чекори за иновации во финансискиот сектор. „Во изминатиов период создадовме Центар за иновации којшто поддржува компании подготвени да вложуваат во иновативни финансиски активности. Беше донесена Првата национална стратегија за финтек и беше подготвена регулативната рамка за извршување на плаќањата, што ни го отвори патот кон членството во Единствената област за плаќање во евра (СЕПА). Тоа ќе овозможи голем број придобивки за нашата економија, вклучително и поиновативни бизнис-модели и конкуренција во финансиската индустрија“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска, нагласувајќи и дека примената на дигиталните технологии има потенцијал да ја зголеми продуктивноста и да ублажи дел од структурните пречки за економскиот раст.
На Конференцијата се обратија и директорот на Канцеларијата на Светската банка во земјава, Масимилијано Паолучи и Михалис Рокас, амбасадор на ЕУ во земјава, главниот економист на Светската банка за регионот на Европа и Централна Азија, Иваjло Изворски, а на панел-дискусијата на којашто учествуваше гувернерката Ангеловска-Бежоска се обрати Гордана Димитриеска-Кочоска, министерка за финансии, Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација, како и Виктор Мизо, претседател на Советот на странски инвеститори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.
Економија
Компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска со донација за погодените семејства од поплавите во Кичево
По поплавите во Кичево што доведоа до евакуација на околу 250 луѓе од 63 домаќинства, компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска уште еднаш ја потврдија својата општествена одговорност преку донација на средства за лична хигиена за лицата кои се привремено згрижени во градската спортска сала „Христо Узунов“.

Пакетите, кои содржат основни производи за секојдневна хигиена, како и вода и храна се наменети за најзагрозените домаќинства со цел да им помогнат полесно да се справат со последиците од природната непогода.


Со оваа хуманитарна иницијатива, компанијата испраќа силна порака за солидарност и поддршка во моменти кога заедништвото е најпотребно, останувајќи доследна на својата општествено одговорна мисија.
(ПР)

