Економија
Ангеловска-Бежоска: Основната камата е сѐ уште под нивото од почетокот на пандемијата
Одлуката на Народната банка да ја зголеми основната камата 0,25-процентни поени е донесена како превентивна реакција на нагорното поместување на инфлациските очекувања. Засега нема поизразени ценовни притисоци од страна на побарувачката за која, впрочем, има и надолни ризици како резултат на војната во Украина. И со корекцијата основната камата останува на едно од историски најниските нивоа од 1,5 % и, всушност, сѐ уште е под нивото од пред пандемијата. Ова го посочи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.
„Иако една од основните економски лекции е дека централните банки не треба да реагираат на шокови што доаѓаат од страна на понудата, сепак дел од централните банки почнаа со намалување на приспособливиот карактер на монетарната политика, како ФЕД, Банката на Англија, Банката на Канада, некои од централните банки од Централна и Југоисточна Европа, кои имаат стратегии на целна инфлација и каде што инфлацијата повеќекратно ја надминува целта. Ова се прави имајќи предвид дека наместо очекуваното стабилизирање на цените на примарните производи, тие и натаму растат – гасот 60 %, нафтата 40 %, пченицата 30 % поради новиот шок на страната на понудата. Ова упатува дека притисокот врз цените ќе трае подолго од првично очекуваното, со што може да има поизразено влијание врз инфлациските очекувања како еден од факторите што влијаат врз инфлацијата, а на кои централните банки треба да реагираат“, вели Ангеловска-Бежоска.
Гувернерката истакна и дека тековната инфлација е глобален феномен – тренд присутен кај сите економии без исклучок, и кај најразвиените и кај економиите со пониско ниво на доход.
„Кај 60 % од развиените економии инфлацијата е повисока од 5 %, што е највисоко учество во последните четири декади. Кај повеќе од половината од економиите во развој е над 7 %, што е највисоко учество во последните две децении. Овие трендови се присутни и во нашиот поблизок регион, каде што инфлацијата забрза минатата година искачувајќи на 3,4 % од 1,1 %, а овој тренд позабрзано продолжува и оваа година кога достигнува 10 %, кај нас 8,8 %. Зошто дојде до овој инфлациски тренд? Анализите упатуваат на два клучни фактора – растот на цените на примaрните производи и застоите во синџирите на снабдување, кои позначително ја намалуваат понудата, а во услови на солидно закрепнување на глобалната побарувачка, што е резултат токму на силниот фискален и монетарен импулс, без кои ММФ проценува дека ефектот од пандемската криза врз глобалната економија би бил посилен трипати, а заздравувањето многу побавно“, вели гувернерката.
Гувернерката истакнува дека Народната банка ќе продолжи со редовно следење на сите најнови податоци од глобалното и домашното окружување и соодветно ќе реагира заради одржување на ценовната и воопшто на макроекономската стабилност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Зголемување од 15 проценти на откупот и продажбата на земјоделски производи во последното тримесечје, споредбено со лани
„Минатата година, следејќи ги сите тримесечја во споредба со 2024 година, и последниот извештај потврди позитивни трендови во земјоделството. Според официјалните податоци, откупот и продажбата на земјоделските производи во последното тримесечје изнесуваат 12,5 милијарди денари, што претставува раст од 15% во однос на истиот период од 2024 година“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски од Струмица.
Тој додаде дека растот не се однесува само на откупните и продажните цени, туку и на зголемениот квантитет на земјоделски производи.
„Според табелите објавени од Државниот завод за статистика, речиси кај сите земјоделски производи се бележи зголемување на количините. Особено се издвојуваат грозјето, пченицата и јаболката, како и производството во сточарството, особено во свињарството, овчарството и производството на говедско месо“, појасни Трипуновски.
Тој додаде дека зголемувањето на количините е забележано и кај останатите земјоделски култури, што претставува значаен показател дека 2025 година може да се оцени како успешна, со зголемен интензитет и на откупот и на извозот на земјоделски производи.
Економија
Мицкоски: Очекувам инфлацијата да биде под 3%, односно во рамките на она што го проектираме
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дека Државниот завод за статистика излезе со извештај за инфлацијата и какви се очекувањата за оваа година, изјави:
„Во делот на храната, минатата година имаше „божиќна кошничка“, „јануарска кошничка“ и така ќе биде и во април. Инаку ценам дека ќе се движиме во рамките на проекцијата под 3% на ниво на годишна инфлација оваа година. Кога ќе ја споредиме стапката, горе-долу е иста како во регионов. Освен во соседна Србија каде што е 2,2 – 2,3 поради тоа што они имаат мерка, онаа мерка со ограничување на цените на производите. Првиот момент кога ќе ја напуштат таа мерка, тогаш сето ова ќе се нивелира и наеднаш ќе имаат пик, бидејќи ние тоа го видовме една година пред они тоа да го имплементираат и затоа одлучивме преку други механизми да се бориме против инфлацијата.
Инаку што се однесува до другите месеци, јас очекувам да бидат под 3%. Да речеме има држави во Европа како што е Романија, каде што инфлацијата во јануари е 9,8%, има Турција каде што е двоцифрена инфлацијата, преку 30%, соседна Бугарија, Хрватска и така натаму, да ги редам, голем број примери во Европа, каде што инфлацијата е многу поголема од таа што е кај нас. Јас очекувам кај нас инфлацијата оваа година на годишно ниво да биде под 3%, односно во рамките на она што го проектираме.“
Економија
Дурмиши: Со системски мерки и партнерство ја намалуваме неформалната економија и го јакнеме формалниот сектор
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска се обрати на конференцијата „Формализација на неформалната економија: Преку соработка до успех“, посветена на системските мерки и заедничките политики за намалување на сивата економија и јакнење на формалниот сектор.
Во своето обраќање, министерот Дурмиши истакна дека неформалната економија е сложен и долгорочен предизвик кој ја нарушува конкуренцијата, ги оштетува работниците и го намалува фискалниот капацитет на државата.
Тој нагласи дека за дел од граѓаните непријавената работа не е избор, туку нужност, што бара одговор преку креирање пристојни и стабилни работни места.
„Секој компромис со сивата економија значи понизок економски раст, помалку јавни услуги и понизок квалитет на живот. Затоа ни се потребни системски, конзистентни и одржливи решенија“, потенцираше министерот.

