Економија
Ангеловска-Бежоска учествуваше на Годишниот форум на Виенската иницијатива
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, учествуваше на Годишниот форум на Виенската иницијатива како член на Надзорниот одбор, во кој ги претставува шесте земји од Западен Балкан. Настанот се одржа телеконференциски и претставуваше одлична можност за заедничка дискусија на регулаторите на банкарските системи во Централна, Источна и Југоисточна Европа (ЦИЈЕ), финансиските институции и меѓународните финансиски институции за влијанието на корона-кризата врз економиите од нашиот регион.
На Форумот најпрвин беа презентирани видувањата на Меѓународниот монетарен фонд по што учесниците, вклучително и мултилатералните банки за развој и институциите на Европската Унија (ЕУ), ги презентираа своите досегашни мерки и натамошните планови за економски одговор на влијанието од корона-кризата.
Од Европската комисија беа претставени пакет-мерките кои овозможуваат исклучителна фискална поддршка за компаниите, домаќинствата и здравствениот сектор, зголемена флексибилност при примена на банкарската регулатива преку пакетот регулаторни измени усвоен во април, релаксирање на правилата за државна помош, како и поддршка на пазарите на труд преку обезбедување средства од ЕУ за програми за привремени вработувања. Закрепнувањето на економијата ќе биде поддржано и од предложениот нов буџет на ЕУ и со Инструментот за закрепнување, преку кој се овозможува поддршка во вкупен износ од 750 милијарди евра.
Беа претставени и пакет-мерките за солидарност на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), со кој се предвидува во текот на оваа и следната година севкупната своја активност таа да ја посвети на справување со кризата. Од страна на ЕБОР се планира финансирање од речиси 21 милијарда евра и активирање на програмата за обезбедување краткорочна ликвидност на клиентите, што веќе е зголемена од 1 милијарда на 4 милијарди евра. ЕБОР значително ја зголемува и поддршката за прекуграничната трговија. Тоа го остварува со својата Програма за поддршка на трговијата и овозможување брз советодавен одговор на предизвиците со кои се соочуваат земјите при справувањето со кризата.
Како што беше презентирано на Форумот, во текот на следните петнаесет месеци, за справување со здравствените, економските и социјалните шокови, Групацијата на Светската банка ќе обезбеди финансиска подршка во вкупен износ до 160 милијарди американски долари, при што дел од средствата ќе бидат наменети за поддршка на земјите од Виенската иницијатива.
На Форумот беше претставен и Паневропскиот гарантен фонд од 25 милијарди евра, кој во текот на минатиот месец го воспостави Групацијата на Европската инвестициска банка (ЕИБ) за да ја зголеми својата поддршка за реалната економија, со фокус на малите и средните компании. Покрај тоа, ЕИБ издвои и 1,7 милијарда евра за финансиска поддршка на економиите од Западен Балкан, како и 6 милијарди евра за поддршка на здравствените услуги и на истражувачките и развојните проекти во сферата на критичната здравствена инфраструктура и опрема.
Претставниците на прекуграничните деловни банки присутни во ЦИЈЕ истакнаа дека и натаму ќе бидат активни во регионот, при што ги поздравија мерките што ги преземаат носителите на политиките. Истовремено, тие ја истакнаа важноста на ефикасното управување со капиталот и ликвидноста и изразија подготвеност за натамошен дијалог со меѓународните финансиски институции, со цел соработка во обезбедувањето финансиски производи потребни за справување со кризата.
Претседателот на Надзорниот одбор на Европската централна банка, Андреа Енрија, истакна дека сега позицијата на банките, како во однос на капиталот така и во однос на ликвидноста, е посилна во споредба со глобалната финансиска криза од 2008 година. Како што истакна тој, кај банките има зголемено кредитирање во првиот квартал од годината, а критериумите за кредитирање по избувнување на корона-кризата се помалку затегнати отколку за време на претходната криза пред речиси дванаесет години.
Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска активно учествуваше во дискусијата на Форумот, при што беше истакната и подготвеноста на нашата централна банка да учествува во димензионирањето на натамошните активности за справување со корона-кризата, како и во активностите за идентификување механизми за поддршка на иновациите, развивањето на финансиските системи и решавање на нефункционалните кредити.
Учесниците на настанот се согласија дека како и во 2009 година, кога беа актуелни предизвиците од глобалната финансиска криза, Виенската иницијатива и сега треба интензивно да презема активности за развивање на дијалогот и соработката меѓу нив, со цел да се намали влијанието на актуелната криза врз европските економии во развој. Притоа беше искажана подготвеност и решеност за проширување на Виенската иницијатива и со други земји од Европа, како и со вклучување други заинтересирани страни од финансискиот сектор.
Истовремено, учесниците ја поддржаа и одлуката за формирање работна група за поттикнување конструктивен дијалог помеѓу деловните банки кои работат во ЦИЈЕ и меѓународните финансиски институции во однос на потребите на пазарот и карактеристиките на инструментите, со цел поддршка на корпоративниот сектор за време и по завршување на пандемијата на Ковид-19.
Минатата година гувернерката Ангеловска-Бежоска беше избрана за член на Надзорниот одбор на Виенската иницијатива како претставник на шесте земји од регионот на Југоисточна Европа кои сѐ уште не се членки на ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.
Економија
Компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска со донација за погодените семејства од поплавите во Кичево
По поплавите во Кичево што доведоа до евакуација на околу 250 луѓе од 63 домаќинства, компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска уште еднаш ја потврдија својата општествена одговорност преку донација на средства за лична хигиена за лицата кои се привремено згрижени во градската спортска сала „Христо Узунов“.

Пакетите, кои содржат основни производи за секојдневна хигиена, како и вода и храна се наменети за најзагрозените домаќинства со цел да им помогнат полесно да се справат со последиците од природната непогода.


Со оваа хуманитарна иницијатива, компанијата испраќа силна порака за солидарност и поддршка во моменти кога заедништвото е најпотребно, останувајќи доследна на својата општествено одговорна мисија.
(ПР)

