Економија
Анѓушев: Решени проблемите на автопатот Кичево -Охрид, заштедени 95 милиони евра
По една година преговори помеѓу Владата и кинеската компанија „Синохидро“, главниот изведувач на работите на автопатската делница Кичево-Охрид, денеска на Владина седница е усвоeн анекс договорот бр. 3, преку кој се финализираат преговорите и се изнајде решение за сите проблеми наследени од претходната Влада.
Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, на прес-конференција на која беа претставени детали како понатаму ќе се одвива изградбата на автопатот, истакна дека преку напорни преговори Владата успеа да договори многу пониски цени за дополнителните работи на автопатот Кичево-Охрид, при што ќе се заштедат 95 милиони евра од буџетот на Република Македонија.
„Денес на Владина седница го усвоивме третиот анекс на договорот за автопатот Кичево-Охрид со кој дефинитивно се решаваат сите проблеми во градењето и со кој очекуваме интензивно да продолжи изградбата на автопатот. Бевме соочени со веќе потпишан договор, кој беше со потешкотии во своето функционирање. Имавме две можности, едната да се прекине изградбата, со што ќе бевме принудени да ги вратиме средствата кои веќе беа потрошени за проектот, да останеме без автопат, како и да платиме сериозни пенали поради лошиот проект што беше усвоен од претходната Влада. Втората можност беше да се продолжи со изградбата на автопатот, но претходно да се доведе во технички и финансиски исправна состојба, за која се одлучивме како Влада“, започна Анѓушев.
Согласно со цените кои се наведени во основниот договор, вицепремиерот појасни дека вкупниот износ за дополнителни и непредвидени работи ќе изнесуваше 282 милиони евра, додека во процесот на преговарање беа постигнати значително пониски цени, чија вкупна вредност сега изнесува 187 милиони евра, или заштеда од 95 милиони евра, со намалување на цените.
„Само во деветте најзначајни позиции за изведбата на автопатот, кога ќе се споредат старите и новите цени, се доаѓа до заштеда од 60,2 милиони евра. Дека автопатот не бил добро испроектиран докажуваат повеќе проблеми. Еден од главните проблеми беа косините, кои за да бидат изведени согласно со геолошките услови потребни се дополнителни работи на околу 30 километри од патот и дополнителни трошоци од околу 70 милиони евра. Друг голем проблем беше тунелот, кој според планот требаше да се работи во карпа, што е реално полесно за изведување, додека ситуацијата на теренот покажа дека треба да се работи во земја од категорија 5 и 6. Тоа значи дополнителни зафати на 4 километри, метални конструкции, дополнителен бетон и челични потпори. На автопатот, просто да не се поверува, не беше планирана ниедна клучка, сите беа испуштени, значи мораше да се испроектираат 9 клучки, чија вредност изнесува околу 33 милиони евра. Ги оптимизиравме трошоците за да ги приклучиме сите населени места и аеродромот во Охрид на автопатот“, нагласи Анѓушев.
Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, истакна дека оваа Влада ниту ја договараше изградбата, ниту го избра изведувачот, ниту ја згреши проектната документација, во вакви околности беше принудена, народски кажано, да вади „костени од оган”. Тој подвлече дека Владата сторила сè што било во нејзина надлежност за да се заштитат интересите на граѓаните.
„Мораше сериозно да пристапиме кон решавање на овие проблеми и конечно да добиеме квалитетни решенија со кои ќе го изградиме овој автопат по стандарди како што налага градежништвото. Со aнексот што помина на денешнава седница и набрзо ќе се најде и во Собрание, изведувачот се согласува да изгради 9 клучки кои претходно не беа предвидени, како и алтернативен пат од Пресека до Арбиново како составен дел на овој проект. Исто така, изведувачот ќе ги изведе и сите дополнителни работи во тунелот Пресека, сите пропусти за вода на целата траса, како и ископите за стабилизација на косините и санација на свлечиштето на целата траса. Откако овој aнекс ќе влезе во сила, изведувачот има рок од 28 дена да изготви детална програма за работа според реалните услови на терен согласно со договорените позиции“, нагласи Сугарески.
Министерот за финансии, Драган Тевдовски, појасни дека согласно со Законот за јавен долг, овој анекс треба да се усвои од Собранието, а потоа ќе се аплицира со барање за кредит до кинеската банка, а по позитивен одговор од нивна страна, Собранието преку усвојување закон ќе го одобри ова задолжување. Тој потсети дека претходниот кредит од „Ексим банка“ е со фиксна каматна стапка со 2%, со 20 години рок на плаќање и 5 години грејс-период.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов, истакна дека сè она што се правеше изминатата година требало да биде завршено уште претходно со основниот проект.
„Најважно е да продолжиме со градежните работи и уште повеќе да се ангажираат градежните компании. Следува напорен период на изградба и решавање на проектни задачи. Во поглед на експропријација на земјиштето, денес е решена 98% на постојната траса, може да ни се случат нови случаи на експроријации на дополнителните работи, но верувам дека ќе ги решаваме експедитивно“, додаде Китанов.
Вицепремиерот Анѓушев оддаде благодарност до вработените во Министерството за транспорт врски, Јавното претпријатие за државни патишта, како и на професорите од Градежниот факултет и австриската консултантска компанија IC Consulting, кои неуморно работеа за да биде постигнат овој договор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
МФ: Јавниот долг на крајот на првиот квартал 58,6% од БДП
Министерството за финансии денеска ги објави податоците за состојбата на јавниот долг заклучно со 31 март 2024 година. Согласно објавените податоци јавниот долг изнесува 8.769 милиони евра што претставува 58,6% од БДП.
„Во првиот квартал се издадени државни хартии од вредност во износ од 219,2 милиони евра, повлечени се средства во износ од 175,5 милион евра по основ на склучени кредитни аранжмани со странски кредитори, како што е повлекувањето на втората транша од ММФ од кредитната линија за претпазливост и ликвидност и 57,6 милиони евра по основ заеми за јавни претпријатија и АД основани од државата и општините, општините во градот Скопје и Градот Скопје. При тоа извршена е и исплата на обврски по основ на главнина за надворешен долг во износ од 82,7 милиони евра“, соопшти МФ.
„Министерството за финансии ја објавува состојбата на јавниот долг на квартално ниво, а при пресметката на јавениот долг во однос на БДП се користени податоци за вредноста на БДП за период 2005 – 2024 година, за 2022 година користен е податок за вредност на БДП објавен на веб страната на Државниот завод за статистика, додека податоците за 2023 се прелиминарни податоци на Државниот завод за статистика, а 2024 година е проектирана вредност на БДП на Министерство за финансии.
Исто така, денеска согласно утврдената динамика, Министерството за финансии ги објави податоците за состојбата на државниот долг кој заклучно со 31 март 2024 година изнесува 7.544 милиони евра што претставува 50,4% од БДП. Состојбата на државниот долг се објавува на месечно ниво.
Министерството за финансии транспарентно ги објавува овие податоци на својата веб-страница. Последниот податок укажува дека јавниот долг е во дефинираните граници со новиот Закон за буџети. Со новиот Закон за буџети е воспоставено правило со кое јавниот долг не треба да надминува 60% од БДП, што е согласно и со Мастришките критериуми. Министерството за финансии останува на определбата за одржување на јавниот долг на стабилно ниво и во рамки на утврдените критериуми“, се додава во соопштението на МФ.
Економија
Забележителен раст на приходите, инвестициите и добивката на Реплек во првиот квартал од 2024 година
Со раст на оперативните приходи од 25%, на обемот на инвестиции и на добивката во првото тримесечје споредено со истиот период минатата година, „Реплек АД“ продолжи со успех да го реализира бизнис планот за 2024 година и својата долгорочна развојна стратегија која се темели на зголемување на продажбата на странските и на домашниот пазар, на иновациите во портфолиото на производи, како и на значителни вложувања во технолошкиот напредок и во развојот и добросостојбата на своите вработени.
Неревидираниот консолидиран финансиски извештај за работењето на Реплек АД во првиот квартал од 2024 година покажува дека во секторот фармација компанијата остварила раст на приходите од 26,9% во однос на истиот период минатата година. Во најголем дел ваквиот раст се должи на растот на приходите од продажба на странските пазари, каде се генерираат дури 80 % од вкупните приходи и кои во овој временски период се зголемени за 23 %, надминувајќи вредност од над пет (5) милиони евра. Позитивно влијание на ваквиот раст на приходите од извоз има отворањето на новиот пазар за производите на „Реплек АД“ во Туркменистан, што се очекува да придонесе за натамошно зголемување на извозните перформанси и резултати на компанијата.
Истовремено со растот на извозот, „Реплек АД“ продолжи да ја јакне и својата позиција на домашниот пазар, каде во Q1 2024 е остварен раст на приходите од продажба од 50 %, во споредба со истиот период лани.
Значителен раст во овој период од годината е забележан и кај инвестициите кои се зголемени приближно за пет и пол пати во однос на првите три месеци од 2023 година.
„Позитивните резултати на стартот на оваа година ни влеваат дополнителна енергија и мотив да продолжиме уште посилно во остварување на целите дефинирани во деловниот план за оваа година и во нашата стратегија за долгорочен одржлив развој. Остануваме посветени на инвестирањето во натамошна технолошка модернизација, како и на иновациите кои треба дополнително да збогатат нашето портфолио на производи, коишто веруваме дека ќе ни овозможат натамошно зајакнување на нашите позиции на домашниот пазар и ќе ни отворат нови можности и перспективи на странските пазари. Паралелно продолжуваме и со вложувањата кои треба да ја гарантираат натамошната добросостојба на нашите вработени. Веруваме дека ваквите напори ќе вродат со плод, ќе придонесат за натамошен раст на компанијата и ќе донесат дополнителна вредност за сите“, изјави главниот извршен директор на „Реплек АД“, Душан Пецовски.
Инаку, растот на приходите од продажба се одрази и на растот на консолидираната добивка пред оданочување на „Реплек АД“, која за првите три месеци од оваа година бележи зголемување за 24 % во однос на истиот период од минатата година.
(ПР текст)
Економија
Финансии побара до крајот на денов да се стави во мирување поскапувањето на осигурувањето на автомобилите при регистрација
Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност на денешната седница го разгледа доставениот извештај од Националното биро за осигурување поврзано со зголемените цени по основ на премија за вршење на дејноста на осигурување.
На состанокот Комисијата му укажа на Националното биро за осигурување и на регулаторот Агенцијата за супервизија на осигурувањето во текот на денешниот ден да им предложи на друштвата за осигурување до крајот на денешниот ден да ги стават во мирување одлуките за зголемување на трошоците и да ги вратат на ниво од пред 25 април 2024 година и да ја известат Комисијата во текот на денешниот ден. Ваквото укажување е со цел обезбедување транспарентност и предвидливост на процесите, имајќи предвид дека компаниите ниту поединечно, ниту преку Националното биро за осигурување го немаат известено регулаторот, односно Агенцијата за супервизија на осигурувањето ниту Комисијата дека планираат да ги зголемат трошоците по основ на премијата за вршење на дејноста на осигурување, и на тој начин не е обезбеден инклузивен пристап и кооперативност со сите засегнатите страни при донесување на одлуките.
Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност на денешната седница побара од регулаторот, односно Агенцијата за супервизија на осигурувањето, да изготви анализа за оправданоста и исправноста на донесените одлуки од страна на друштвата за осигурување, во насока на заштита на крајните корисници, а со цел обезбедување сеопфатна информација за донесување објективна и транспарентна одлука. Во правец на ова е укажувањето кон регулаторот за ставање во мирување на одлуката за зголемување на цената на трошоците од страна на друштвата за осигурување. Истовремено, побара од друштвата за осигурување преку Националното биро да дадат свој придонес во изготвување на анализата и предлог-заклучоци за промена на Тарифата на премии за осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица.
На состанокот, Комисијата одлучи во најскоро време по доставување на анализата од регулаторот, односно Агенцијата за супервизија на осигурувањето, да свика седница и да ја разгледа доставената Информација и да донесе соодветни заклучоци.