Економија
Анѓушев: Енергетската заедница нѐ прогласи за шампион во реализацијата на енергетските реформи
Вицепремирот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, ја почна работната посета во Вашингтон, со учество на панелот „Енергетска безбедност во Источниот Медитеран“, кој се одржа во рамките на Конференцијата на Југоисточна Европа и Источен медитеран „Нови стратегии – нови перспективи“, во организација на Делфи форумот и весникот Катимерини.
На панелот учествуваа и грчкиот министер за развој и инвестиции, Адонис Георгиадис, и министерот за надворешни работи на Кипар, Никос Кристодулидес.
Вицепремиерот Анѓушев посочи дека Република Северна Македонија, како мала земја, мора да биде и е отворена за секаков вид соработка со другите земји, особено кога станува збор за соработка во енергетскиот сектор. Тој се осврна на имплементацијата на владините економски политики и потенцираше дека во изминатиот период се реализирани одлични економски резултати кои се претставени преку намалувањето на невработеноста, покачувањето на просечните плати, растот на индустриското производство, нивото на странски директни инвестиции, што доведе до раст на БДП од над 3% во последните 5 квартали.
Нашата земја, но и другите земји во регионот, во поглед на производството на електрична енергија се во голема мера зависни од производството на термоцентралите од јаглен, а согласно новите трендови за заштита на животна средина, потребна е транзиција кон поеколошки капацитети за производство на енергија, користејќи ги обновливите извори. Прашан како го оценува имплементирањето на реформите во енергетскиот сектор и кој проект би можел да го издвои како клучен во насока на енергетска транзиција и зголемување на производството на електрична енергија од обновливи извори, вицепремиерот се повика на последниот годишен извештај од Енергетската заедница, со кој Северна Македонија е посочена како лидер во имплементацијата на реформи во овој сектор.
„Во последниот редовен годишен извештај, објавен денес, Енергетската заедница го нотираша напредокот во имплементација на реформите во енергетскиот сектор во Република Северна Македонија и ја посочи нашата земја како шампион во спроведување енергетски реформи. Усвојувањето на Законот за енергетика во мај 2018 година и имплементацијата на сите реформи кои произлегуваат од овој Закон по предвидената динамика носат многу можности за развој на енергетскиот сектор во Северна Македонија, особено кога станува збор за обновливите извори на енергија. Сведоци сме за успешно реализирана тендерска постапка за изградба на првите 19 мегавати инсталирана моќност од фотоволтаични електрани на државно земјиште. Тендерот беше одлично конципиран и условите многу атрактивни за инвеститорите, почнавме со позитивна понуда за премиуми, но со поддавањето помеѓу заинтересираните компании, не само што државата нема да исплаќа премиуми, туку и компаниите за да ги изградат тие фотоволтаични електрани од 19 мегавати ќе ѝ исплатат на државата околу 2 и пол милион евра, што е еден позитивен исчекор во зголемување на производството на електрична енергија од обновливи извори и еден од најдобрите проекти во Југоисточна Европа“, потенцира вицепремиерот.
Говорејќи генерално за енергетиката, Анѓушев посочи дека за успешно енергетско живеење предвид треба да се замат енергетската инфраструктура, изворите на енергија, како и правната регулатива во енергетскиот сектор.
„Кога зборуваме за електро-енергетската инфраструктура, можам да кажам дека нашата земја е многу добро поврзана со соседните преку 8 постоечки далекуводи, а за уште подобро поврзување во тек се процедурите за изградба на уште еден далекувод за електро-енергетско поврзување со Албанија. Она што ни недостига е добро гасно поврзување. Во моментов има само една гасоводна цевка за снабдување која доаѓа од Бугарија, при што во голема мерка зависиме од снабдувањето со гас преку ‘Гаспром’. Нашиот главен приоритет во таа смисла е изградбата на гасоводен интерконектор помеѓу Северна Македонија и Грција, со кој би се поврзале со трансатлантскиот гасоводен систем и терминалите за природен гас на брегот на Егејското Море. Изработена е физибилити-студијата и одредена е трасата по која ќе поминува овој гасовод, во тек сме со изработка на студијата за заштита на животната средина и основен проект, обезбедени се и финансиски средста преку Европската инвестициона банка, што значи дека сме веќе во финална фаза пред објавување на тендерската постапка за изградба на гасниот интерконектор. Заедно со Република Грција треба да работиме на овој проект, на тој начин би се зголемила конкурентноста во снабдување со гас, што значи и сигурност и поповолни цени за крајните потрошувачи“, потенцираше вицепремиерот Анѓушев
Во рамките на конференцијата, вицепремиерот се сретна и со Вилбур Рос, секретарот за трговија во Стејт департментот, со Метју Палмер, специјалниот претставник на американскиот државен секретар на САД за Западен Балкан, како и други претставници од политичкиот и економски живот во САД.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ поскап бензин, цената на дизелот останува иста
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,13% во однос на одлуката од 27.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,977%, кај дизелот за 0,464%, кај екстра лесното масло за 0,370% и кај мазутот зголемувањето е за 3,965%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,1035%.
Од 3.3.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 35,542 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,022 ден/кг и сега ќе изнесува 35,542 ден/кг.
Економија
ТИТАН Усје: Работиме согласно сите закони, емисиите се мерат 24 часа со независен мониторинг – нема надминувања на лимитите
ТИТАН Усје соопшти дека повеќе од 70 години работи како одговорна компанија во земјата, придонесувајќи за националниот развој, локалната економија и снабдувањето со основни материјали за клучни инфраструктурни објекти, меѓу кои болници, брани, патна и јавна инфраструктура.
Од компанијата наведуваат дека грижата за животната средина е нивна основна вредност и дека ја следат јавната дебата поврзана со квалитетот на воздухот и заштитата на животната средина, давајќи, како што велат, транспарентен придонес кон решавање на овие прашања.
„Работиме целосно во согласност со сите важечки закони, подзаконски акти и барањата на нашата А – Интегрирана еколошка дозвола – честопати применувајќи внатрешни стандарди кои се и построги од законските обврски. Нашите емисии континуирано се мерат преку 24-часовен независен мониторинг, со податоци јавно достапни и редовно доставувани до надлежните органи и до медиумите. Редовните и ненајавените инспекции од страна на надлежните тела не констатираат никакви надминувања на законските лимити“, велат од ТИТАН Усје.
Како членка на Групацијата ТИТАН, компанијата информира дека ги следи меѓународно признатите практики и ESG стандарди, со долгорочна посветеност на заштитата на животната средина, вклучувањето на заедницата и современото корпоративно управување.
Во изминатите 15 години, ТИТАН Усје инвестирала повеќе од 29 милиони евра во одржливо производство и еколошки технологии, а дополнителни три милиони евра се планирани до 2029 година.
Од компанијата посочуваат дека нивни приоритети остануваат партнерствата, благосостојбата на вработените и континуираната поддршка на заедницата.
Економија
ОКТА АД – Скопје со силни резултати во 2025 година во пазарна средина исполнета со предизвици
Финансиски резултати за 4-тиот квартал / 12 месеци од 2025 година

*Прилагодена за ефектот на вреднување на залихите
ОКТА АД – Скопје Годишни резултати за 2025 година
Во 2025 година, глобалниот пазар на деривати беше обликуван од геополитичка несигурност и еволуирачки енергетски политики, што резултираше со повремена нестабилност на цените. Ризиците по снабдувањето поврзани со регионалните конфликти и нестабилните трговски рути беа делумно компензирани со зголемено производство од главните извозници, ублажувајќи ги ценовните притисоци во споредба со 2024 година. Намалената индустриска активност на клучните пазари го ограничи растот на побарувачката и придонесе за стабилизација на цените во втората половина од годината.
Во Југоисточна Европа, геополитичките случувања и регулаторните промени продолжија да влијаат врз пазарните услови. Во Северна Македонија, воведувањето на новиот Закон за енергетика во средината на 2025 година и тековните регулаторни прилагодувања влијаеја врз динамиката на цените и конкуренцијата. По благиот пад во 2024 година, локалниот пазар покажа знаци на закрепнување во текот на 2025 година.
Во овие услови, ОКТА успешно се справи со регионалните флуктуации во снабдувањето и силните притисоци од конкуренцијата како на домашниот така и на извозниот пазар. Компанијата ја задржа својата утврдена водечка позиција во големопродажбата, додека структурата на малопродажниот пазар остана во голема мера непроменета. Во текот на целата година, ОКТА се фокусираше на дисциплинирано комерцијално извршување, разумно управување со маржите и насочени, стратешки иницијативи.
Финансиски остварувања
Приходите од продажба за фискалната 2025 година изнесуваа 38.492 милиони денари, во споредба со 44.263 милиони денари во 2024 година, првенствено поради пониските меѓународни цени на горивата и намалениот обем на извоз. Во четвртиот квартал од 2025 година, приходите од продажба се зголемија за 5% на годишно ниво на 10.179 милиони денари.
Бруто добивката порасна на 1.324 милиони денари во фискалната 2025 година од 1.169 милиони денари во претходната година, поткрепена од поголемата домашна продажба, зголемените испораки кон Државните резерви и зголемено тргување со електрична енергија. ЕБИТДА достигна 652 милиони денари, во споредба со 501 милион денари во 2024 година, што одразува поголем домашен обем, намалена изложеност на нестабилност на цените и поголема продажба на електрична енергија. ЕБИТДА во четвртиот квартал од 2025 година изнесуваше 139 милиони денари, што е намалување од 16% на годишно ниво, главно предизвикано од нестабилноста на цените на горивата и пониските маржи на електричната енергија.
Добивката пред оданочување во фискалната 2025 година значително се зголеми на 667 милиони денари, во споредба со 238 милиони денари во 2024 година. Покрај подобрените оперативни остварувања, резултатот е одраз и на помала амортизација по еднократната забрзана амортизација во 2024 година, предвидениот поврат на Данокот на солидарност од 50 милиони денари платен во 2023 година и оптимизирано управување со готовината. Во четвртиот квартал од 2025 година, добивката пред оданочување изнесуваше 177 милиони денари во споредба со 87 милиони денари во четвртиот квартал од 2024 година.
Оперативните трошоци останаа генерално стабилни на годишно ниво. Во 2025 година компанијата продолжи да работи без долг, во континуитет со претходните години. На 29 мај 2025 година, Собранието на акционери одобри распределба на дивиденда од 182,8 милиони денари, што е еднакво на 240,00 денари по акција.
Стратегија и перспектива
ОКТА ја заврши 2025 година со пазарен удел од 67% во Северна Македонија и 29% во Косово, надминувајќи ги планираните цели за профитабилност. Компанијата останува посветена на зајакнувањето на својата лидерска позиција на пазарот, оптимално користење на продуктоводот Солун – Скопје и складишната инфраструктура, како и обезбедување долгорочна сигурност во снабдувањето.
ОКТА продолжува да ја развива својата стратегија за диверзификација, при што значајно вложува и во обновливи извори на енергија. Во текот на годината, компанијата инвестираше 63 милиони денари во проекти од оваа област и се фокусира на максимално искористување на инсталираниот соларен капацитет од 12 мегавати како и идниот систем за батериско складирање. Плановите вклучуваат понатамошно проширување на фотоволтаичните системи и решенијата за складирање.
Корпоративна оштествена одговорност
Во четвртиот квартал, ОКТА дополнително ја зацврсти својата стратешка посветеност кон одржливоста, проширувајќи ги донациите на кровни фотоволтаични системи за образовни институции во Скопје, Битола и Штип. Овие инвестиции ја подржуваат националната цел за зголемување на енергетската ефикасност и обезбедуваат мерливи еколошки продобивки преку значително намалување на емисиите на јаглерод диоксид. Дополнително, компанијата спроведе иницијатива за општествена одговорност кон животната средина, организирајќи акција за пошумување во Националниот парк Јасен, во склоп на тим-билдинг програмата.
Паралелно со овие иницијативи, ОКТА продолжи да го негува и промовира националното културно наследство преку поддршка на реномираните културни фестивали и продлабочена соработка со релевантните културни институции во земјата. Годината ја заокружи со засилен фокус на вклучувањето на заедницата, акцентирајќи ја поддршката за образованието и ранливите групи преку целни донации и општествени иницијативи. За да го сподели напредокот на транспарентен начин и да ја зајакне својата улога како одговорен корпоративен лидер, ОКТА одржа брифинг за медиумите на кој ги претстави клучните достигнувања во текот на годината.
ПР

