Економија
Анѓушев: Законот за финансиска поддршка на инвестициите овозможува пораст на конкуренцијата
Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев денеска оствари работна посета во Тетово, каде што посети еден од производствените погони на компанијата Пофикс, којашто се занимава со производство на градежни материјали, а потоа учествуваше и на работен состанок на кој присуствуваа околу пеесет претставници од компании членки на Стопанската комора на Северозападна Македонија.
Вицепремиерот истакна дека минатата седмица во Собранието беше усвоен Законот за финансиска поддршка на инвестициите со кој се овозможува поддршка на македонските компании кои имаат реализирано инвестиции во 2017 година, а преку кој се поттикнуваат нови инвестиции на компаниите во 2018 и во годините кои следат.
„Македонската економија мора да биде извозно ориентирана, а компаниите да освојуваат нови пазари. Токму преку мерките од Законот за финансиска поддршка на инвестициите, се поддржуваат инвестициски проекти на компаниите за технолошки развој, како и инвестициите во едукација и обука на професионален, компетентен кадар, кој ќе биде добро платен. Преку имплементација на Законот и реализација на Програмата за поддршка на малите и средни претпријатија на Фондот за иновации и технолошки развој, ќе ја подигнеме конкурентноста на компаниите и ќе обезбедиме услови за побрз развој на македонската економија, раст на стапките на бруто домашниот производ и нови подобро платени работни места за македонските граѓани“, потенцираше вицепремиерот Анѓушев.
На состанокот кој се одржа во Бизнис центарот на Универзитетот за Југоисточна Европа, вицепремиерот детално ги презентираше мерките од Планот за економски раст, поделени во три столба. Притоа тој истакна дека Владата особен фокус при креирање на мерките посвети за поддршка на малите и средни претпријатија, кои може да ги користат мерките од трите столба на Планот, додека големите компании, нема да бидат во можност да ги користат мерките од третиот столб.
„Микро, малите и средни компании може да добијат 30 проценти поврат од направените инвестиции, за нови машини или изградба на хали, како и за обука на вработените, а доколку инвестициите се реализирани за развој на нови иновативни производи, повратот на инвестицијата може да достигне до 70%. Веќе е објавен првиот јавен повик на Фондот за иновации и технолошки развој на кој компаниите може да аплицираат“, посочи вицепремиерот Анѓушев.
На состанокот со претставниците на компаниите кои работат во Полошкиот регион се разговараше и за предизвиците и проблемите со кои овие компании се соочуваат при работењето, како и можни решенија за нивно брзо надминување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

