Економија
Анѓушев: Извозот е 14,3 отсто повисок во споредба со лани
Потпретседателот на Владата задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев, заедно со министрите за финансии Драган Тевдовски, за транспорт и врски Горан Сугаревски и за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, ги презентираа резултатите од анализите за ефектите од економските политики на Владата. Анализите се изготвени врз основа на податоци добиени од државните институции и од стопанските комори што ги користи економскиот тим на Владата при креирање на краткорочни и долгорочни политики.
Вицепремиерот Анѓушев посочи дека Владата е насочена кон реални економски проекти, кои ќе дадат објективни и одржливи позитивни резултати.
„Очекуваме дека растот на земјоделството во првиот квартал од 2018 година во споредба со истиот период од минатата година ќе биде околу 7% или нешто над 7 %, а растот на индустријата на преработувачката и на производите од индустријата ќе бидат околу 6%. Услужните дејности се очекува да имаат раст над 10% во првиот квартал во 2018 година. Ценам дека овие бројки сосема јасно говорат за економска активност и дека Владата за една година успеа економијата во земјата да ја врати во реални рамки. Ќе се бориме за реални економски текови и активности, без измислени и виртуелни проекти. Ќе бидеме внимателни со трошењето на парите на граѓаните, на даночните обврзници и каде ги трошиме нивните пари без разлика дали тоа предизвикува помали или поголеми бројки“, изјави вицепремиерот Анѓушев.
При тоа Анѓушев потенцираше дека извозот во првиот квартал од 2018 година е 14,3% повисок во споредба со истиот период од лани. Анализите на економскиот владин тим покажуваат дека додадената вредност, односно паричните средства кои се во оптек во првото тромесечје од 2018 година во споредба со истиот период од 2017 се очекува да имаат раст од околу 5%.
Во делот на градежништвото вицепремерот Анѓушев изјави дека се очекуваат подобри резултати во високоградбата, а намалување во нискоградбата. „Она што посебно треба да го подвлечеме е очекуваниот пад на нискоградбата во 2018 година прв квартал и според нашите анализи тоа е за 35 до 40% и тоа само во делот на изградба на автопатиштата. Тој пад е исклучиво резултат на намаленото работење на неколку компании кои претходно и тоа како имале удел во градежните активности во делот на нискоградбата, тоа е автопатот Кичево – Охрид и некои други патишта, а како фирми тоа се Синохидро, Трансмет и неколку други. Тие фирми значително ги намалиле своите активности и како резултат на тоа се очекува пад. Владата беше исправена пред прашањето дали да ги продолжи овие инфраструктурни проекти пред се патиштата Кичево-Охрид и тоа на истиот начин како што беа работени со импровизации, со несоодветна техничка документација, да плаќаме дополнителни цени кои произлегуваат од таквата ситуација, да плаќаме над 50 проценти разлики во цени меѓу Синохидро и другите фирми, или за момент да застанеме со оваа активност и да ја доведеме во рамките на техничка исправност. Ние како Влада и економскиот совет со сите економски министри, донесовме одлука дека подобро и во интерес на граѓаните е проектите да ги донесеме во реалност и правилно да бидат продолжени. Гарантираме дека тие проекти ќе продолжат и ќе бидат завршени на начин којшто ќе биде од голем бенефит на граѓаните на Република Македонија“, потенцираше Анѓушев.
Министерството за транспорт и врски во моментов има над 40 активни проекти, бројка која сама по себе кажува и дава надеж дека во следните квартали и таа единствена негативна бројка во првиот квартал од 2018 во споредба со истиот период 2017, ќе биде коригирана и ќе биде позитивна.
Во однос на интензитетот на реализација на капиталните инвестиции, министерот за финансии Тевдовски посочи дека се очекува зголемување на нивото на капитални инвестции. „Ние наследивме бројни проблеми во проектите како несоодветни проектни документации и слично, но се одлучивме да не одиме по лесниот пат и да градиме фасади и споменици туку да инвестираме во тоа што ќе донесе добро за економијата. Правиме притисок на сите институции и веруваме дека во втората половина на годината ќе имаме значајни подобрувања. Да потсетам дека минатата година остваривме рекордно ниво на реализација на капитални инвестиции токму во последниот квартал од годината“, изјави Тевдовски.
Според официјалните податоци за период јануари заклучно со 30 април 2018 во споредба со истиот период од лани вкупните приходи во буџетот имаат раст од 4,6 %, при што даноците, и тоа сите, персоналниот, данокот на добивка, акцизата, ДДВ и други давачки пораснале за 7,2 % а другите придонеси пензиско, инвалидско и другите пораснале за 6%.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Потпишан договор за реализација на новата инвестиција на турската компанија Шахтерм во ТИРЗ
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, потпишаа договор за реализација на новата турска инвестиција во Македонија. Со договорот кој го потпишаа во Бурса, се предвидува закуп на земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со површина од над 20.000 м2 и изградба на објект со површина од над 13.000 м2. Ова е прва од двете фази на реализација на инвестицијата.
Потпишувањето на договорот следи само 4 месеци по најавата за новата турска инвестиција во земјава. Турската компанија ја зголеми и првично планираната инвестиција од 70 милиони евра на 100 милиони евра. Според деловниот план компанијата во наредните 10 години предвидува отворање на 1000 нови работни места. Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.
Потпишувањето на договорот е во рамки на посетата на Турција на делегација на ТИРЗ предводена од Деспотовски во рамки на која е предвидена и презентација на инвестициските можности пред турски компании. На потпишувањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.
Инаку компанијата “Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.
Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.