Економија
Анѓушев и Бектеши го најавија јавниот повик за изградба на фотонапонски електрани на приватно земјиште
Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, и министерот за економија, Крешник Бектеши, на прес-конференција во Владата информираа дека од наредната недела до 27 септември ќе биде распишан јавен повик за изградба на фотонапонски електрани на приватно земјиште со вкупна инсталирана моќност од 27 мегавати по принцип на Премиум.
Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека овој јавен повик е извонредна можност за сите граѓани, правни и физички лица да реализираат инвестиции во енергетски проекти, а со тоа да се зголеми и производството на електрична енергија од обновливи извори.
„На овој јавен повик може да аплицира секој граѓанин, каде било на територијата на Република Северна Македонија, секој оној којшто располага со сопствено земјиште или има договор за наем на земјиште има можност да изгради фотонапонска електрана по принцип на Премиум. За да го задоволиме интересот на сите граѓани, фотонапонските електрани на приватно земјиште се поделени во четири категории, од најмали со инсталиран капацитет од 0-200 киловати до фотонапонски електрани од 1-3 мегавати. Ако некој сака да изгради фотоволтаик со инсталиран капацитет од 50 киловати, ќе треба да реализира инвестиција од 30-35 илјади евра, односно треба да обезбеди сопствено учество од околу 5 илјади евра, а останатите средства да ги обезбеди преку кредитирање. Фотонапонските електрани се поделени во четири категории, за големите инвеститори да не им конкурираат на малите и секој да има можност да инвестира во фотонапонски електрани“, објасни вицепремиерот Анѓушев.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, истакна дека еден од главните приоритети на Владата е да го подобри квалитетот на животот на своите граѓани. Овој приоритет се применува и во енергетскиот сектор преку политики кои овозможуваат промоција на обновливите извори на енергија, како и унапредување на енергетскатаефикасност.
„Јас како министер за економија на 7 февруари донесов одлука за започнување тендерска постапка со аукција за доделување премии за електрична енергија произведена од фотонапонски електроцентрали изградени на земјиште кое не е во сопственост на државата или на земјиште во државна сопственост на кое е воспоставено право на користење, со која се утврди вкупната инсталирана моќност на фотонапонските централи за коишто врз основа на оваа тендерска постапка се доделува премија изнесува 27 MW. Предмет на договорот е доделување на право за користење премија за електрична енергија произведена од фотонапонски електроцентрали изградени на земјиште кое не е во сопственост на Република Северна Македонија или на земјиште во сопственост на Република Северна Македонија на кое е воспоставено право на користење, во период од 15 (петнаесет) години. Критериум за избор на најповолна понуда е најниска понудена фиксна премија за инсталирана моќност за поединечна фотонапонска електроцентрала во рамки на вкупната инсталирана моќност за соодветниот дел, а максимален износ на премијата е 15 евра за 1 мегават час“, потенцираше министерот за економија, Бектеши.
Јавниот повик за изградба на фотонапонски електрани на приватно земјиште по принцип на премиум е поделен во четири категории, а главен критериум за избор е најнискиот понуден премиум на јавниот повик:
1. фотонапонски електрани од 0-200 киловати (вкупно 2 мегавати);
2. фотонапонски електрани од 200-500 киловати (вкупно 5 мегавати);
3. фотонапонски електрани од 0,5-1 мегават (вкупно 10 мегавати);
4. фотонапонски електрани од 1-3 мегавати (вкупно 10 мегавати).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Македонија добива можност да учи AI од Google, Microsoft, Amazon и IBM
AIatWork од денес овозможува 14-дневен целосно бесплатен пристап до својата платформа, со цел вештачката интелигенција да стане разбирлива, применлива и достапна за поширок круг корисници во Македонија.
Со бесплатниот 14-дневен пристап, корисниците добиваат можност практично да ја испробаат платформата и да користат водечки AI модели како ChatGPT, Gemini и Claude, над 50 практични AI алатки за пишување, анализа, дизајн и автоматизација, како и онлајн курсеви во живо, водени од AI практичари со искуство во глобални технолошки гиганти како Google, Microsoft, IBM и други.

Во Македонија вештачката интелигенција сè уште често се доживува како нешто нејасно и тешко совладливо за луѓето без ИТ позадина. Исто така AI често се поистоветува со една алатка, наместо да се разбере како поширок сет на практични решенија што веќе се користат во секојдневната работа низ светот. Голем дел од популацијата би сакала да знае да користи AI, но не знае кои алатки се навистина релевантни и како AI реално може да им помогне во работата.
Токму тука AIatWork се појавува како практичен одговор, нудејќи јасна насока за практична употреба на AI во секојдневната работа.
Во видеото што е дел од објавата, тимот на AIatWork објаснува дека изминатите месеци биле посветени на унапредување на корисничкото искуство и поддршката на платформата, со јасна цел: секој нов корисник уште од првиот момент да знае точно од каде да започне со изучување на вештините и алатките на иднината.
Само овој месец, на платформата се одржуваат 12 активни AI курсеви, во соработка со експерти и компании како Boeing, Google и Salesforce.
Во време кога AI станува составен дел од работата ширум светот, за земји како Македонија таа претставува можност за побрза дигитална трансформација и зголемена конкурентност. Бесплатниот пристап им овозможува на корисниците самите да проверат како AI може да им помогне во секојдневната работа, без ризик и без обврска.
Прашањето повеќе не е дали AI ќе стане дел од работата, туку дали ќе бидете подготвени кога тоа ќе се случи.
Пробајте AIatWork бесплатно – 14 дена, без обврска.
(ПР)
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

