Економија
Анѓушев на енергетски самит во Берлин: Иднината на енергетиката е во обновливите извори
Заменик-претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, учествува на четвртиот „Самит за енергетска транзиција и дијалог за обновливи извори за енергетска сигурност“ во Берлин, Германија. Тој имаше и свое обраќање на сесија на тема „Придонес на обновливите извори во енергетската сигурност“, при што ги истакна предностите и предизвиците со кои се соочува Република Македонија како мала земја кога станува збор за енергетиката.

„Иднината на енергетиката е во обновливите извори. Клучниот предизвик е како да се развиваат енергетските капацитети од обновливите извори и притоа да се воспостави механизам со тоа да не се влијае врз цената на електричната енергија што ја плаќа крајниот корисник, а дополнителен предизвик е како енергијата од обновливи извори да се балансира во енергетскиот систем. Со новиот Закон за енергетиката во Македонија се воведува систем на премии – модел што поттикнува инвестиции и зголемување на учеството токму на обновливите извори“, потенцира Анѓушев во своето обраќање
Тој дополни дека малите земји, кои произведуваат недоволно електрична енергија за сопствените потреби и мора да увезуваат електрична енергија, треба да работат на енергетско поврзување со соседните и други земји и да воспостават транспарентни механизми за алокација на преносните капацитети.
Заклучокот на панелистите од попладневната сесија беше дека се потребни јасни правила, технологија и финансии за развој на капацитети од обновливи извори на енергија.
На Самитот се присутни сите клучни министри и авторитети во енергетиката во Европа, помеѓу кои Марош Шефчовиц, словачки дипломат и заменик-претседател на Европската комисија од 2014 година, и Петер Алтмајер, министер за економски прашања и енергија на СР Германија.
За време на Самитот вицепремиерот Анѓушев оствари средби со повеќе министри за енергетика, учесници на настанот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Славески: Во септември депозитите на домаќинствата достигнале 427 милијарди денари
Штедењето е системска неопходност и важен фактор за одржлив економски раст и за финансиска стабилност, порача гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на настанот по повод Светскиот ден на штедењето, којшто се одржа во организација на Македонската банкарска асоцијација, во присуство на министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, директорот на Фондот за осигурување депозити, Бехар Емини, претседателката на МБА, Маја Стевкова-Штериева и претставници од банкарскиот сектор.
Во своето обраќање, гувернерот нагласи дека во време на светска неизвесност и последователни кризи, штедењето претставува темел на отпорноста на економијата и на стабилноста на финансискиот систем.
„Отпорноста не е реакција, туку прашање на претходна подготвеност – градење простор за справување со кризите пред да се случат“, истакна Славески.
Тој посочи дека и покрај бројните шокови во последните години, кај граѓаните е задржана склоноста кон штедење и довербата во банкарскиот систем. Според податоците, во септември 2025 година, депозитите на домаќинствата достигнале 427 милијарди денари, што претставува раст од над 50% од почетокот на пандемијата. Зголемен е и уделот на денарските и на долгорочните депозити, што придонесува за стабилност и ја зајакнува отпорноста на економијата.
Гувернерот нагласи дека поттикнувањето на штедењето е од суштинско значење за зголемување на потенцијалот за раст и за намалување на зависноста од надворешни извори на финансирање, особено во контекст на светски економски промени, геополитички тензии и структурни предизвици. Според него, економиите во регионот мора повеќе да се потпираат на сопствените заштеди како двигател на инвестициите и долгорочната стабилност.
„Во свет полн со неизвесност, претпазливоста е најкредибилната константа, а штедењето е системска неопходност“, истакна Славески, додавајќи дека негувањето на културата на штедење и финансиска одговорност во рамки на семејствата, институциите и општеството е вложување не само во личната сигурност, туку и во економската сила на државата.
Економија
Позначајни движења кај каматните стапки на банките и штедилниците
Годишен раст на просечната каматна стапка на вкупните депозити од 0,19 п.п., при што во септември таа изнесува 2,20%, извести Народната банка.
Просечната каматна стапка на вкупните кредити бележи годишен пад од 0,56 п.п. и изнесува 4,85%, информира Народната банка.
Најновото соопштение за позначајните движења кај каматните стапки на банките и штедилниците е достапно на следната врска
Економија
Фондацијата „Трајче Мукаетов“ го објави конкурсот за стипендирање
Фондацијата „Трајче Мукаетов“ – Скопје во насока на реализирање на своите програмски определби, а врз основа на правилникот за критериумите, постапката и користењето на средствата на Фондацијата „Трајче Мукаетов“ – Скопје за стипендирање на студенти од Фармацевтскиот факултет според програмата за работа на фондацијата за 2025 година и одлуката на управниот одбор на Фондацијата „Трајче Мукаетов“ – Скопје бр. 02-30/1 усвоена на ден 31.10.2025 година објавува
КОНКУРС
За стипендирање на 20 студенти по фармација
1. УСЛОВИ ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА СТИПЕНДИЈАТА
· Кандидатите да се редовни студенти на Факултетот по фармација на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ – Скопје во трета или четврта година од студии
· Во текот на студиите да постигнале најмалку 7,5 просечен успех
· Да не повторувале година во текот на студирањето
2. ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ
· Молба
· Кратко CV
· Уверение за положени испити и постигнат успех
3. НАЧИН НА ПРИЈАВУВАЊЕ Кандидатите потребните документи да ги достават на адреса: Фондација „Трајче Мукаетов“ – Скопје Булевар „Александар Македонски“ бр.12
1000 Скопје Документите се поднесуваат од 03.11.2025 година до 19.11.2025 година исклучиво по пошта.
4. ВИСИНА НА СТИПЕНДИЈА Ќе се стипендираат 20 студенти од трета година и четврта година Фармацевтски факултет. Висината на стипендијата ќе изнесува 7.000,00 денари месечно (нетто износ).
Документите на кандидатите кои се некомплетни и неблаговремено доставени нема да се разгледуваат. За резултатите од Конкурсот кандидатите ќе бидат известени на домашна адреса и преку дневниот печат.
Фондацијата „Трајче Мукаетов“ – Скопје во насока на реализирање на своите програмски определби, а врз основа на правилникот за критериумите, постапката и користењето на средствата на Фондацијата „Трајче Мукаетов“ – Скопје за стипендирање на студенти од Медицинскиот факултет според програмата за работа на фондацијата за 2025 година и одлуката на управниот одбор на Фондацијата „Трајче Мукаетов“ – Скопје бр. 02-32/1 усвоена на ден 31.10.2025 година објавува
КОНКУРС
За стипендирање на 20 студенти по медицина
1. УСЛОВИ ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА СТИПЕНДИЈАТА
· Кандидатите да се редовни студенти на Факултетот по медицина на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ – Скопје во трета или четврта година од студии
· Во текот на студиите да постигнале најмалку 7,5 просечен успех
· Да не повторувале година во текот на студирањето
2. ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ
· Молба
· Кратко CV
· Уверение за положени испити и постигнат успех
3. НАЧИН НА ПРИЈАВУВАЊЕ Кандидатите потребните документи да ги достават на адреса: Фондација „Трајче Мукаетов“ – Скопје Булевар „Александар Македонски“ бр.12 1000 Скопје Документите се поднесуваат од 03.11.2025 година до 19.11.2025 година исклучиво по пошта. 4. ВИСИНА НА СТИПЕНДИЈА Ќе се стипендираат 20 студенти од трета година и четврта година Медицински факултет. Висината на стипендијата ќе изнесува 7.000,00 денари месечно (нетто износ). Документите на кандидатите кои се некомплетни и неблаговремено доставени нема да се разгледуваат. За резултатите од Конкурсот кандидатите ќе бидат известени на домашна адреса и преку дневниот печат.

