Економија
Анѓушев: Треба да се спречи формирање компании што работат под политички чадор
Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, и министерот задолжен за комуникации и транспарентност, Роберт Поповски, денеска учествуваа на тематски форум насловен како „Судирот на интереси во власта – тенката линија до корупцијата“ во организација на Транспарентност Македонија и НВО Инфоцентар.
Вицепремиерот Анѓушев посочи дека како член на Владата го поддржува донесувањето на новиот Закон за спречување на корупцијата, со кој подетално ќе биде уреден и судирот на интереси.
„Задача на Владата е да се овозможат услови економијата да функционира нормално. Треба да се работи да се сопре формирање компании, кои работат под ‘политички чадор’, затоа што на тој начин се прави двојна штета на економијата. Во минатото кога се креираа такви компании, со цел да добијат државни тендери, се правеа долгорочни штети. Од една страна, компаниите кои се политички заштитувани, по прекинот на таа политичка заштита не можат да се снајдат на слободниот пазар, затоа што не се навикнати да работат на тој начин, а од друга страна со самото тоа што се поттикнувале тие компании, се маргинализирале другите и не можеле да се развиваат, па се создава економски пустош на долг рок. Тоа е она основното што треба да се сопре, таа нелојална конкуренција. Треба да се овозможи сите компании да работат под исти услови и да се развиваат согласно со пазарот“, потенцираше Анѓушев на форумот.
Зборувајќи за судирот на интереси и борбата против корупција министерот Поповски нагласи дека Македонија по промената на власта ги користи и унапредува институционалните и вонинституционалните можности во справувањето со сите облици на корупцијата и нејзината распространетост.
„Бескомпромисна борба против корупцијата има резултати единствено кога судството и обвинителството се целосно ослободени од каков било притисок и влијание на центрите на моќ. Суштинскиот столб на реформите е оној во правосудството, како и формирање на непартизирана и професионална Антикорупциска комисија, почитувана и со доверба на граѓаните. За таа цел е изработен нов предлог-закон за спречување корупција и судир на интереси. Предлог-законот, усвоен од Владата во ноември оваа година, е во собраниска процедура. Со него се обезбедува ДКСК да биде зајакната, позиционирана и екипирана да ги остварува своите надлежности во борбата против корупцијата без политички влијанија, она на што особено укажуваше експертската јавност во инклузивниот процес на подготовка на законот“, рече министерот Поповски и соопшти дека е изготвен нов предлог-закон за слободен пристап до информации од јавен карактер кој ќе го олесни пристапот до информации од јавен карактер, што ќе претставува поттик за истражувачкото новинарство посветено на откривање корупција и судир на интереси.
Поповски посочи дека видливи се и резултатите од имплементацијата на концептот на отворена и транспарентна влада.
„Според индексот на отвореност, Владата е на прво место во регионот, со 76% исполнување на индикаторите, утврди истражувањето на Отвореност на институциите на извршната власт во регионот и во Македонија. Воведовме алатка за отчетност за трошоците на носителите на јавни функции. Jавноста доби увид за трошењето на функционерите, премиерот, министрите, нивните заменици и државни секретари, директорите на државни и јавни претпријатија и нивните заменици. Заштедите се три до четирикратни во однос на трошењата на претходните влади. Во Владата постои јасна и недвосмислена политичка волја и подготвеност за справување со корупцијата во земјава на сите нивоа. Ги отворивме институциите, го повикавме граѓанското општество и сите заинтересирани да бидат целосно вклучени во спроведување на тендерските процедури, од почеток до крај на постапката“, потенцираше министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност на форумот „Судирот на интереси во власта – тенката линија до корупцијата“.
На панел-дискусијата посветена на оваа тема воведни обраќања имаа Фрик Јанмарт од делегацијата на Европската Унија, Ана Јаневска-Делева од Транспарентност Македонија и Билјана Бејкова од НВО Инфоцентар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Потпишан договор за реализација на новата инвестиција на турската компанија Шахтерм во ТИРЗ
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, потпишаа договор за реализација на новата турска инвестиција во Македонија. Со договорот кој го потпишаа во Бурса, се предвидува закуп на земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со површина од над 20.000 м2 и изградба на објект со површина од над 13.000 м2. Ова е прва од двете фази на реализација на инвестицијата.
Потпишувањето на договорот следи само 4 месеци по најавата за новата турска инвестиција во земјава. Турската компанија ја зголеми и првично планираната инвестиција од 70 милиони евра на 100 милиони евра. Според деловниот план компанијата во наредните 10 години предвидува отворање на 1000 нови работни места. Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.
Потпишувањето на договорот е во рамки на посетата на Турција на делегација на ТИРЗ предводена од Деспотовски во рамки на која е предвидена и презентација на инвестициските можности пред турски компании. На потпишувањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.
Инаку компанијата “Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.
Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.