Економија
АСО издаде дозвола за нова инвестиција вредна 4 милиони евра, се формира нова компанија за осигурување живот
По пауза од шест години, на македонскиот пазар на осигурување живот се формира нова осигурителна компанија, во која словенечки сопственици ќе вложат 4 милиони евра. Оваа инвестиција е доказ дека актуелниот менаџмент на АСО во соработка со другите финансиски институции активно ја подобрува деловната клима и создава услови за вложувања во осигурителниот бизнис, велат од АСО.
Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО) издаде дозвола за работа на нова осигурителна компанија „Прва живот“. Оваа компанија ќе нуди осигурување живот на нашиот осигурителен пазар. Основач и единствен сопственик на новоформираното друштво за осигурување живот е словенечкиот осигурителен холдинг ПРВА ГРУП (SKUPINA PRVA, zavararovalniski holding, d.d).
Словенечката групација е реномиран холдинг, кој две децении управува со пензиски фондови во Словенија, Србија, Македонија и во Косово. Групацијата има осигурителна компанија во Словенија, а се очекува нивниот влез на нашиот осигурителен пазар да ја подобри конкурентноста во секторот и да придонесе во збогатување на понудата на производи за осигурување живот.
Во новоформираното осигурително друштво словенечката компанија вложи 4 милиони евра, колку што изнесува и основачкиот капитал на „Прва живот“. Средствата се депонирани на посебна девизна сметка на централната банка.
Советот на експерти на АСО на редовната седница го донесе решението за издавање дозвола со која „Прва живот“ ќе врши работи на осигурување во рамките на групата на осигурување живот во класата 19 – осигурување живот.
„Прва живот“ ќе почне со работа во рок од шест месеци од денот на издавање на дозволата за работа, а седиштето на компанијата ќе биде во Скопје. За извршен член на одборот на директори е именуван Предраг Милошевски.
АСО го задолжи друштвото да назначи овластен актуар во рок од два месеца од уписот на друштвото во трговскиот регистар.
„Прва живот“ ќе биде шеста компанија на македонскиот пазар за осигурување живот на кој сега работат „Кроација осигурување – живот“, „Триглав живот“, „Граве“, „Винер лајф ВИГ“ и „Уника лајф“.
Во првите шест месеци граѓаните во петте компании за осигурување живот вложиле над 14 милиони евра во осигурување живот.
„На нашиот осигурителен пазар се вложува во три групи производи за осигурување живот. Во вкупното осигурување живот најголемо учество имаат вложувањата во осигурување со штедна компонента. Овој продукт овозможува осигуреникот по истек на договорот за осигурување да ги добие вложените средства зголемени со камата. Уплатите на осигурениците кои го имаат овој тип на осигурување се вложуваат во банкарски депозити во државни обврзници или други безризични финансиски инструменти.
Официјалните податоци на компаниите за осигурување живот покажуваат дека најголем раст на продажбата има животното осигурување кое нема штедна компонента. Со него во случај на смрт за времетраење на договорот се исплаќа осигурена сума на член на семејството или на друг корисник на осигурувањето. Но доколку не се случи ризикот до истек на договорот за осигурување сите вложени средства ги задржува осигурителната компанија која го презела ризикот да исплати средства во случај на смрт на осигуреното лице.
Осигурувањето живот во кое ризикот од вложување на средствата го презема осигуреникот е најновиот осигурителен продукт од палетата на животни осигурувања на нашиот пазар. Овој продукт е популарно познат како јунит линкд-осигурување. Кај ова осигурување значаен дел од парите се вложуваат во инвестициски фондови, избрани од осигурениците, чии пазарни цени зависат од движењата на регионални и глобални пазари на капитал“, соопштува АСО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
УЈП со повик до организаторите на зелените пазари да поднесат извештај за тековната состојба на корисниците на тезги за в година
Управата за јавни приходи со потсетување до организаторите на зелените пазари дека имаат обврска до УЈП да поднесат извештај за корисниците на продажните места на зелените пазари (образец ПДД-И/ЗП), преку системот https://e-ujp.ujp.gov.mk./ureg/login.seam. Извештајот ПДД-И/ЗП, како што е нагласено, се поднесува особено за секој одделен зелен пазар.
Доколку во текот на годината настане промена на бројот на корисници на зелениот пазар, трговецот е должен да достави нов извештај до УЈП најдоцна до 10-ти во месецот што следува по месецот за кој се однесува промената.
Во насока на унапредување на досегашната соработка и обезбедување навремени, ажурни и точни податоци во годишните и месечните извештаи за корисниците на тезги на зелените пазари, навременото доставување на овие информации е од суштинско значење за ефикасно и транспарентно постапување, со што се постигнува висока усогласеност со законските обврски, се одбегнува примената на прекршочните одредби, се зголемува усогласеноста на даночните обврзници – корисници на тезги, се обезбедува навремено и правично оданочување. Управата за јавни приходи ве потсетува на законските одредби од Законот за данокот на личен доход како што следува: Паушално се даночат само физички лица што вршат продажба на сопствени земјоделски производи на зелените пазари. Сите лица што вршат продажба на други добра не може да се даночат паушално и треба да бидат регистрирани во некоја од организациските форми во согласност со Законот за трговските друштва ЗТД (правно лице или трговец поединец – вршител на дејност). Нивното даночење се врши во зависност од организациската форма во која се регистрирани. Доколку едно правно лице – организатор на пазар поседува повеќе зелени пазари, потребно е да поднесе извештај со податоци за секој одделен пазар. Дколку пазарот е од сезонски карактер, потребно е навремено известување до службеното лице во Управата за јавни приходи, кое ве администрира како даночен обврзник, со соодветно појаснување и приложени докази, за пазарот да биде означен како сезонски во системот „Е-даночни услуги“. Врз основа на доставените извештаи, Управата за јавни приходи врши утврдување на данокот на личен доход за што донесува решенија за паушално даночење најдоцна до 31 јануари 2026 година или најдоцна до крајот на месецот што следува по месецот за кој се однесува промената во извештајот. Со решението за паушално даночење Управата за јавни приходи до даночниот обврзник доставува месечни аконтативни пресметки за плаќање на данокот. Рок за плаќање на месечните аконтации на данокот на личен доход е до 15-ти во месецот за предходниот месец. Како да го поднесете извештајот? 1. Навреме склучете договор со физичките лица – закупувачи и корисници на тезги. 2. Пријавете се во системот https://e-ujp.ujp.gov.mk./ureg/login.seam 3. Поднесете податоци за сите зелени пазари што ги организирате. 4. Во случај на сезонски пазар, навремено известете ја УЈП. 5. Доколку во текот на годината настанат промени (престанок на користење тезга или нов корисник на тезга), имате обврска да поднесете нов извештај до УЈП.
Економија
Министерството за финансии: Нови 14,2 милиони евра поддршка за домашните компании, трансферирани две транши од буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата на две нови транши кон Развојната банка за поддршка на домашните компании. Имено, исплатени се транша во вредност од 305 милиони денари и транша од 568 милиони денари, односно вкупно 873 милиони денари или 14,2 милиони евра.
Со исплатата на овие транши вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 217,5 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
Владата средствата ги обезбеди преку кредитна линија од унгарската Експорт-импорт банка, со цел поддршка на домашната економија, а преку пласман на средства по поволни услови за компаниите за реализација на приватните инвестиции во развој на компаниите и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно и рок на отплата до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесуваат 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра, се наведува во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Минималната плата ќе се зголеми во март за 1.500-2.000 денари, зголемување пред март ќе значи отпуштање работници, вели Дурмиши
Економско – социјалниот совет на денешната седница не се договори за зголемување на минималната плата барем на 500 евра, според барањето на Сојузот на синдикати на Македонија од мај 2024 година, пред изборите. Министерот за економија Бесар Дурмиши по седницата кажа дека минималната плата во март, со редовното усогласување ќе се зголеми за 1500 до 2000 денари, точно ќе се знае по Нова година, а интервентно зголемување на минималната плата рече дека ќе значи отпуштање работници од малите и средни претпријатија кои нема да го издржат ударот.
„Проекциите се дека следната година инфлацијата ќе падне под 3%. Ние како Влада никогаш не сме биле против зголемување на минималната плата туку преку дијалог оставаме таа да биде договор помеѓу работодавачите и работниците. Сепак, според нашите индикатори во вакви економски услови нема оправданост за интервентно зголемување на минималната плата пред редовното усогласување во март кое е јасно утврдено со закон и кое би било меѓу 1500 до 2.000 денари. Со интервентно покачување малите и средни претпријатија со економски и финансиски проблеми ќе ги отпуштаат вработените. Мене ако ме прашате 1000 евра треба да биде минималната плата, може така да кажеме и да бидеме херои пред народот, но тоа ќе предизвика проблеми кои ќе се видат за два – три месеца“, рече министерот Дурмиши и нагласи дека во регионот добро стоиме оти пониска минимална плата отколку кај нас има во Бугарија, Албанија и Турција.
Го демантираше претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), пак, Слободан Трендафилов кој кажа дека од први јануари 500 евра е минималната плата во Албанија, 430 па од јуни 500 евра во Косово, 550 евра во Србија, а Босна и Херцеговина, се веќе далеку, минималната плата таму ќе биде колку просечната плата во Македонија.

Како и во 2022 година во јануари и февруари и оваа 2026 година Трендафилов вели дека ќе преземат конкретни мерки и активности за зголемување на минималната плата и на сите останати плати
Трендафилов вели дека на седницата се зборувало за различен износ на минималната плата кој се движел од 500 до 1000 евра, па остава простор Владата во следните денови да се изјасни за зголемување на минималната плата. Побара да се договорат што е можно побрзо оти во спротивно тие ќе се организираат и ќе постапат како пред три години.
„Ако ја чекавме претходната Влада во 2022 година да го почитува само законот за минималната плата, да не протестиравме, да не штрајкувавме за негова измена и промена на критериумите, денеска работниците ќе имаа 19.000 денари минимална плата“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов.
Како и во 2022 година во јануари и февруари и оваа 2026 година Трендафилов вели дека ќе преземат конкретни мерки и активности за зголемување на минималната плата и на сите останати плати.
Минималната плата изнесува 24.397 денари.

