Економија
Бабовски: Потпишан договорот со компанијата што ќе ги снабдува земјоделците со гориво за земјоделска механизација
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, заедно со директорот на големопродажба на АД „Макпетрол“, Зоран Доневски, денеска го потпиша договорот за набавка на гориво за земјоделска механизација. Вкупната вредност на јавната набавка изнесува 200 милиони денари. Директорот на АФПЗРР, Бабовски, истакна дека со денешното потпишување на договорот практично се заокружува целиот процес за оваа мерка, при што за кратко време земјоделците ќе го почувствуваат благодатот од оваа мерка.
Претпријатието што го доби тендерот во најкраток рок, но не подолг од 60 дена, до Агенцијата треба да ги достави изработените персонализирани платежни картички преку кои земјоделците ќе може да точат гориво на сите бензински станици на „Макпетрол“ во државата.
„Безготовинската картичка е намената за набавка на дизел-гориво на која било бензинска станица на целата територија на РСМ. Со картичката не може да се подигаат пари или да се купуваат други производи. Картичката заедно со ПИН-кодот, упатството за користење и решението за одобрена финансиска поддршка се подигнува во подрачната единица на МЗШВ, каде што е регистрирано земјоделското стопанство. Картичката е лична и може да се користи само од страна на корисникот чии име и презиме и дата на раѓање е испечатено на неа“, истакна Бабовски.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, истакна дека со оваа мерка ќе се намалат производните трошоци на земјоделците.
„До крајот на месецов земјоделците ќе имаат можност да користат гориво за својата земјоделска механизација преку мерката за субвенционирана нафта, која првпат ја воведува оваа Влада со единствена цел – да им го олесниме производството на земјоделците и да им го направиме поекономично. Бидејќи се работи за нова мерка, за почеток државата ќе покрива 30 отсто од трошоците што земјоделците ги имаат за набавка на гориво за механизацијата, со можност овој процент во следните години да расте и до 50 отсто“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Димковски.
Директорот на компанијата, Зоран Доневски, истакна дека во согласност со договорот веднаш ќе почнат со печатење на персонализираните платежни картички.
„Реално очекуваме да се скрати периодот од 60 дена за печатење на картичките и побргу ќе одговориме со испорака и пристапност на картичките за корисниците. Веќе почнуваме и со подготовка на вработените сè со цел квалитетна реализација на оваа мерка“, истакна Доневски.
Според директорот Бабовски, висината на средствата на платежната картичка зависи од големината на површините и земјоделските култури за кои конкурирале земјоделците за субвенции во 2018 година. И најмалите земјоделци, односно и оние што имаат 0,2 хектари земја, нема да останат без субвенционирана нафта. Најнискиот износ што ќе биде на една картичка е 500 денари, а додека највисокиот е исто така лимитиран и ќе биде до 100.000 денари. Преку оваа мерка придонесуваме значително да се намалат производствените трошоци, што за земјоделците ќе значи поекономично производство и поголеми приходи. Средствата за оваа мерка во висина од 200 милиони денари се обезбедени, а со оваа мерка ќе бидат опфатени 55.000 земјоделци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
СДСМ: Кратењето 40 милиони евра субвенции за земјоделците Трипуновски го претставува како „реформа“
Владата на Мицкоски ги намали субвенциите на земјоделците за огромни 40 милиони евра. Денеска Трипуновски сака ова кратење на субвенциите за 2026 година да го престави како некаква мала реформа, велат од СДСМ.
„Во 2024 година за субвенции се исплатија 140 милиони евра, сега во буџетот се предвидени само 100 милиони евра. Кај тутунот, субвенцијата за прва класа е намалена од 100 на 80 денари по килограм, што претставува директен удар врз тутунопроизводителите. Со зголемувањето на минималните површини за лозарство, овоштарство и поледелските култури, неколку илјади земјоделци за прв пат од 2004 година наваму ќе останат без денар субвенции. Дали за „реформа“ Трипуновски и владата на Мицкоски го сметаат елиминирањето на илјадници земјоделски семејства од системот на државна поддршка? Што е следно, дека и најголемиот криминален скандал со ИПАРД Програмата ќе го прогласат за „реформа“?“, прашуваат од СДСМ.
Од партијата обвинија дека владата на ВМРО-ДПМНЕ ги оставила земјоделците и без европска помош и со намалени субвенции.
„Оваа влада не ги крати парите за тендери туку ги кратат субвенциите од кои живеат земјоделците. 161 тендер за една фирма, 51 тендер за втора, 74 тендери за трета, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку пошта, 9 милиони евта за фирма со двајца вработени. Не се крати тука ништо, како колачи се делат тендери. Нема пари за субвенции, нема пари за минимална плата од 600 евра, има пари само за криминални тендери, нов авион и за луксузирањата на Мицкоски и неговите министри“, велат од СДСМ.
Економија
Трипуновски: Нема кратење на субвенциите, средствата ќе одат кај вистинските земјоделци
На владина седница е усвоена новата Програма за директни плаќања за 2026 година, информира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„Како новина, односно како мала реформа, направено е минимално зголемување на површините што се услов за користење на субвенциите, со цел да ја зголемиме домашната продукција на храна“, истакна министерот Трипуновски.
Тој нагласи дека сериозен акцент ќе биде ставен на теренските контроли што ќе ги спроведуваат надлежните институции, со цел средствата да завршуваат кај вистинските земјоделци.
„Минатата година беше потпишан Меморандум за соработка, со кој инспекторите од Државниот инспекторат за земјоделство се ставени на располагање на Платежната агенција, за да се спречи одлевање на државни средства кај лица кои досега користеле субвенции, а не обработувале земјоделска површина“, појасни Трипуновски.
Според него, дел од производството земјоделците ќе треба да го докажат преку предавање во преработувачки или откупувачки центри.
„Сето ова се става во законска рамка за да се следи нивото на производство и на тој начин да се потврди дека површините навистина се обработуваат“, додаде министерот.
Трипуновски ги отфрли обвинувањата од опозицијата, посочувајќи дека нема кратење на субвенциите, туку воведување дополнителни услови поврзани со реалното производство.
„Реформите што ги спроведуваме имаат цел да постават јасен правец на движење во наредниот период. Субвенциите треба да бидат насочени кон луѓето што навистина работат и произведуваат. Ова е чекор кон зголемување на домашното производство“, истакна министерот.
Економија
Поскап бензин од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,69% во однос на одлуката од 9.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,599%, кај дизелот за 0,154%, кај екстра лесното масло за 1,247% и кај мазутот намалувањето е за 1,530%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,3576%.
Од 17.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 33,883 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,233 ден/кг и сега ќе изнесува 33,883 ден/кг.

