Економија
Бабоски: Исплатени 16 милиони евра субвенции за сточарство
Шестнаесет милиони евра за субвенции исплатени се за одгледувачите на обележани грла кози, овци, говеда и несилки. Изминатите денови заедно со исплатата на средствата за лозарите на вкупно 33,113 сточари и лозари исплатени се 25 милиони евра за субвенции. Ова денеска на прес-конференција го истакна директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, и државниот секретар при МЗШВ, Нефрус Челику. Директорот на АФПЗРР, Бабовски, рече дека земјоделците парите за субвенции ги добиваат тогаш кога им се најпотребни.
„Во насока на обезбедување поволни услови за унапредување на земјоделството, во еден ден и без селекција, минатата недела на вкупно 15.208 лозари се исплатија 9 милиони евра. Еве веќе од вчера, на вкупно 17.905 сточари исплативме околу 16 милиони евра. Или вкупно за двете мерки, исплативме 25 милиони евра.Тоа е свеж капитал кој во овој период пред сеидба и пред сезона им е добредојден на земјоделците“, истакна Николче Бабоски, директор на АФПЗРР.
Во насока на поттикнување и развој на земјоделството, МЗШВ и АФПЗРР, во новата Програма за рурален развој за 2019 година предвидоа зголемена финансиска поддршка за набавка на висококвалитетни грла добиток и набавка на нови лозови и овошни насади. Државниот секретар при МЗШВ, Нефрус Челику, ги потсети земјоделците кои се заинтересирани за инвестирање во сточарство или овоштарството дека рокот за пријавување за користење средства од Програмата за рурален развој, истекува наскоро.
„Да ги потсетам сточарите дека на 28 овој месец истекува рокот за јавниот повик за набавка на приплоден добиток за последниот квартал од 2018 година. Воедно, би сакал да потенцирам дека во новата Програма за рурален развој за 2019 година, токму за оваа мерка вкупната финансиска поддршка ја зголемивме од 14 милиони денари на 90 милиони денари“, истакна Нефрус Челику, државен секретар при МЗШВ.
Бабовски и Челику информираа и дека паралелно со исплатата на средства од националната тече и исплатата на средства по ИПАРД-програмата.
„За првиот повик од ИПАРД 2 за Мерките 1,3 И 7 склучени се 953 договори со вкупна побарувана сума од 22,4 милиони евра. Од тие 953 договори до денеска до Платежната агенција пристигнати се 667 барања за исплата со побарана сума 6.6 милиони евра, на 158 апликанти кои ја реализирале инвестицијата веќе им се вратени над 2 милиони евра“, истакна Бабовски.
Согласно последниот повик за ИПАРД 2-програмата за мерката 1 „Инвестиции во материјални средства за земјоделски стопанства“, пристигнати се 1.099 барања за добивање финансиска поддршка, со која се побаруваат 17,1 милион евра. Додека, за Мерката 3 „Инвестиции во материјални средства за преработка на земјоделски и рибни производи,“пристигнати се 65 барања и со нив се побаруваат 15,9 милиони евра. Или, вкупно на двата повика пристигнати се 1,164 барања, со вкупна побарувана сума од околу 33 милиони евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Позначајни движења кај каматните стапки на банките и штедилниците
Годишен раст на просечната каматна стапка на вкупните депозити од 0,02 п.п., при што во јануари таа изнесува 2,20%, известува Народната банка.
Просечната каматна стапка на вкупните кредити бележи годишен пад од 0,48 п.п. и изнесува 4,73%.
Најновото соопштение за позначајните движења кај каматните стапки на банките и штедилниците е достапно на следната врска
Економија
Николоски: Растот на превезена стока во товарниот сообраќај е силен поттик за економијата и нови работни места
Вкупното количество на превезена стока во товарниот патен превоз во четвртиот кварат од 2025 година е за 66, 7 проценти зголемен во споредба со истиот период 2024 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика, информира министерот за транспорт, Александар Николоски.
Според него, големиот раст на превезнена стока во товарниот сообраќај е силен поттик за економијата и нови работни места.
„Државната статистика забележува и зголемување на карго превозот преку авиосообраќајот и тоа за 23, 7 проценти во четвриот квартал од 2025 година во споредба со истиот период 2024 година. Единствено се забележува намалување на железничкиот превоз за 13,4 проценти и тоа се должи на започнатите инфраструктурни проекти на железничката мрежа долж Коридор 10“, вели Николоски.
Ток, исто така, наведе дека во истиот пресметковен период во патничкиот транспорт превезени се вкупно 925 илјади патници, додека во воздухопловниот превоз регистрирани се 889 153 патници што, како што вели, покажува засилен раст како резултат на политиките за финансиска подршка што ги спроведува Министерството за транспорт за воведување на нови авиолинии.
Најмногу од патниците во делот на авиосообраќајот се превезени преку редовни авиолинии, а раст се забележува и кај чартер летовите.
Единствено намалување во четвриот квартал од 2025 година има во железнички превоз на патници и тоа според статистиката превезени се 34 илјади патници.
Економија
Од 1 март 2026 година – побезбедни онлајн плаќања, известува Народната банка
Народната банка ја информира јавноста дека од 1 март 2026 година стапува во сила законската обврска за банките за вршење засилена автентикација на клиентите при извршувањето онлајн плаќања со платежни картички. Засилената автентикација има за цел да обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите кај банките преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при извршувањето на плаќањата без физичко присуство.
Имајќи предвид дека граѓаните и компаниите имаат сѐ поголема потреба за извршување секојдневни онлајн купопродажби, а со тоа и плаќања преку интернет, заради нивната брзина и практичност, се зголемува и потребата од повисоко ниво на безбедност. Дигиталните напади и обидите за злоупотреба на податоците од картичките стануваат сѐ почести, па затоа се воведува дополнителна проверка на идентитетот на лицето кое го врши плаќањето, велат од Народната банка.
Засилената автентикација му овозможува на клиентот на банката, при плаќање на интернет, покрај внесувањето на податоците од картичката, да даде дополнителна потврда за трансакцијата преку официјална апликација на банката, којашто се инсталира на мобилен телефон и му овозможува безбедно да ги следи своите сметки и да одобрува плаќања. Наместо досегашната потврда со СМС-код, клиентот ќе добие известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобри трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање на лице. Без оваа потврда, плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежни услуги и платни системи. Таа се воведува постепено во земјава и веќе е во примена при извршувањето онлајн увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршувањето плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство. Со примената на засилената автентикација и при извршувањето на плаќањата преку интернет, од 1 март 2026 година, се заокружува процесот на усогласување со правилата и стандардите што се применуваат во Европската Унија за безбедно извршување онлајн плаќања.
Со оваа промена се зајакнува довербата во дигиталните плаќања и се унапредува заштитата на корисниците, се додава во соопштението на Народната банка.

