Економија
„Баумер“ отвори фабрика во Бунарџик, ќе извезува сензорска технологија
Денеска, свечено беше означен почетокот на работата на новата фабрика на „Баумер“ во Трговско индустриската зона 1 во Бунарџик, Скопје.
Компанијата „Баумер“ од Швајцарија е една од светски најпознатите производители на сензори, инструменти за мерење, испитување и навигација според најмодерна технологија и се употребуваат во автомобилската, индустриската, медицинската наука, во авиоиндустријата, кај мобилните уреди, во градежниот сектор и во други области. Компанијата има вработено 2.500 вработени во светот, а како што беше најавено, во оваа своја фабрика во нашата земја, во која ќе бидат вложени 4,7 милиони евра, во првата фаза ќе вработи 150 граѓани.
„Станува збор за компанија која е синоним за квалитет, компетентност и софистицирани производи и решенија што ги исполнуваат највисоките технолошки стандарди и сигурно ги задоволуваат потребите на клиентот во секое време“, истакна премиерот Заев и додаде дека како и „Баумер“, така и политиките на Владата се насочени кон поддршка на иновативни концепти, решенија и технологии. Остварувањето на таа цел, изјави Заев, секогаш ќе овозможува да се биде чекор понапред од пазарот и да се приближите кон потребите.
На свечената церемонија по повод пуштањето во работата на фабриката „Баумер“, на која присуствуваа и сопствениците на Групацијата Баумер, Оливер Вице и Кристијан Вице, вицепремиерот Кочо Анѓушев, амбасадорката на Швајцарија во земјата, Сибил Сутер Техада, директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Александар Младеновски, и други гости, премиерот Заев ја издвои како особено значајна и развојната компонента во бизнис-планот на компанијата, која планира изградба на нова зграда за проширување на производството и да оформи центар за истражување и развој, со што во фабриката „Баумер“ во Северна Македонија ќе се отворат можности за дополнителни 500 работни места.
Анѓушев во своето обраќање го потенцира фактот што компанијата „Баумер“ е една од најдобрите во светот на високата технологија и нејзината фабрика во нашата земја е во согласност со политиките во поддршката на странските инвестиции да се привлечат колку што е можно повеќе вакви компании.
„Им благодарам што ја избраа нашата земја, со што се потврдува дека Законот за финансиската поддршка на инвестициите е атрактивен и дека привлекува голем интерес во светот. Во таа насока на успешност говорат и бројките дека за две години 20 компании почнаа да ги градат своите фабрики во ТИРЗ-овите, како и десеттина други надвор од зоните“, нагласи Анѓушев.
Директорот на Дирекцијата за трговско-индустриски зони, Александар Младеновски, упати честитки на сопствениците и менаџерите на „Баумер“ за почетокот на работата на нивната фабрика.
„За кус период двете страни, и менаџерите на ‘Баумер’ и ние од дирекцијата за ТИРЗ и од економските ресори во Владата на Северна Македонија, вложивме огромни напори и ги остваривме сите точки од планираната изградба и опремување на фабричките капацитети за да почне фабриката да работи“, рече Младеновски.
Оливер Вице, еден од сопствениците на „Баумер“, во својот говор нагласи дека одлуката на компанијата да инвестира во Северна Македонија е донесена поради поволните политики за поддршка на странските инвестиции, поради постоењето висококвалификувана работна сила, како и поради пристапот до пазарот на ЕУ за пласирање на производите.
„Никогаш досега не сме изградиле толку бргу и тоа што е особено битно е што е постигнато според нашите швајцарски стандарди за градење и за почнување на технолошкиот процес. Тие критериуми тука се исти како и оние во Швајцарија или Германија“, истакна Оливер Вице.
Амбасадорката Техада истакна дека компаниите од оваа земја се многу внимателни кога донесуваат одлуки каде да инвестираат.
„Нивните очекувања се многу повеќе од квалификувана работна сила. Компаниите од Швајцарија очекуваат и поволна и предвидлива средина за бизнис и ми претставува големо задоволство да соопштам дека постои значително зголемен интерес кај швајцарските компании да инвестираат во Северна Македонија“, потенцира амбасадорката Сутер Техада.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Спасовски: Буџетот за 2026 е насочен кон регионален развој и големи капитални проекти од суштинско значење за општините
На вчерашната комисиска расправа за Предлог-буџетот за 2026 година, пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Емил Спасовски го оцени буџетот како исклучително развоен со силна социјална компонента. Тој истакна дека целта е забрзување на економскиот раст и спроведување фискална консолидација преку зајакната финансиска дисциплина, воедно посочувајќи дека најголем двигател на растот ќе бидат бруто-инвестициите.
„Во 2026 година се очекуваат позитивни движења и економскиот раст да забрза за 3,8%, како резултат на растот на инвестициите и последователен пад на стапката на невработеност на историски најниско ниво од околу 10%, раст на пензиите и платите и солидно зголемување на приватната потрошувачка. Најголем придонес кон растот во 2026 година се очекува да имаат бруто инвестициите, преку реализација на големите инфраструктурни проекти, финансирани од државата, во патната и железничката инфраструктура, пред се Коридорите 8 и 10Д, како и проекти во енергетиката, земјоделието, образованието и здравството“, рече Спасовски.
Пратеникот Спасовски се осврна на неколку проекти кои се од клучно значење за развој на регионот и особено значајни за општина Крива Паланка, истакнувајќи дека со капиталните инвестиции во општините ќе се подобрат услови за живот на граѓаните.
„Дополнителен двигател на бруто инвестициите ќе биде поддршката на општините за реализација на капитални инвестиции со цел по рамномерен регионален развој и унапредување на животниот стандард на граѓаните. Значајна ставка во Предлог буџетот се капиталните расходи, каде капиталните проекти учествуваат со околу 9,8% од проектираниот буџет, односно се проектирани во износ од 660 милиони евра. Од овие средства ќе се реализираат инфраструктурни и енергетски проекти, капитални проекти од областа на сообраќајната, комуналната и локалната инфраструктура. Ќе се финансира западниот дел од патниот Коридор 8, изградба на железницата како дел од Коридорот 8, каде што првата делница од Куманово до Бељаковце е пуштена во употреба, интензивно се работи на втората делница од Бељаковце до Крива Паланка за која се обезбедени средства и третата делница од Крива Паланка до Деве Баир“, рече Спасовски.
Економија
Георгиева: Буџетот за 2026 покажува дека Владата води одговорна и умерена економска политика
Буџетот е слика за тоа како се гледа иднината на Македонија и нејзините граѓани. Овој буџет, буџетот за 2026 е креиран во услови на глобална непредвидливост, но сепак се осврнува на потребите на граѓаните и институциите, рече пратеничката Весна Георгиева од ВМРО-ДПМНЕ на денешната расправа во надлежната Комисија за финансирање и буџет во Собранието.
Според неа овој Предлог буџет за 2026 година нуди јасна визија, стабилна основа.
„Пораката од буџетот за следната година е силна порака економски раст и фискална дисциплина во државата“, вели Георгиева.
Проектираниот раст на економијата за 3,8 раст е многу важен и покажува дека се нуди континуиран раст.
„Ова е сигнал дека економијата продолжува да се развива со забрзано темпо. Ова покажува дека Владата води внимателна, одговорна и умерена економска политика. Ова е внимателно испланиран буџет без авантури и со одговорност кон идните генерации“, заклучи Георгиева.
Економија
Костадиновска Стојчевска: За 91% е намален буџетот за инспекторатот за македонски јазик
Со предлог буџетот за 2026 година има намалување на буџетот на инспекторатот за македонски јазик за 91 %, кој е заснован врз основа на законот за македонски јазик, која сите заедно го донесовме во 2024 година, истакна пратеничката на СДСМ Бисера Костадиновска Стојчевска во своето обраќање пред собраниската комисија за финансирање.
Таа додаде дека и покрај тоа што владеачкото мнозинство при ребалност вети дека ова нема да случи.
Кога со ребаланост се намалија средствата рековме дека нема да дозволиме тој да не профункцира, за потоа да донесете измени во законот со кои инспекторатот се намали на ниво на одделение, отсек во министерството за култура, за сега да добие 91% намален буџет, нагласи Костадиновска Стојчевска, додавајќи дека и нема услови за работа на инспекторатот, а нема ниту огласи за вработување лектори.
Костадиновска Стојчевска истакна дека не се доделени никакви средства адаптација на основното училиште во Љубојно во центар за промоција на македонски јазик, каде нема никакво придлижување.
Буџетот за реконструкцијата на објектот Музеј на Македонија е намален 33%, а да ве потсетам таму се на ревитализација иконите вратени по првата реституција, и тоа 21 икона украдени во 2013 година, а откако ќе се ревитилазираат треба да бидат изложени во тој музеј, рече Костадиновска Стојчевска.
Тоа кажува за приоритетите на министерството за култура, рече пратеничката на СДСМ Бисера Костадиновска Стојчевска пред собраниската комисија за финансирање.

