Економија
Бектеши: Ги охрабруваме новите компании да инвестираат во проширување на својот бизнис
Министерот за економија, Крешник Бектеши, заедно со министерот без ресор посветен на подобрување на инвестициската клима во Северна Македонија, Хисен Џемаили, и градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, ја посети компанијата „Еуроблу“ во Тетово.
Компанијата е потписник на договорот за државна помош во согласност со Законот за финансиска поддршка за инвестициите од планот за економски раст.
Министерот Бектеши истакна дека ваквите инвестиции ќе ја зголемат продуктивноста на компаниите и ќе им овозможи да се развиваат и да се подготват за регионалната и европска конкуренција.
„Ова е уште една инвестиција на млади луѓе во нашата држава што ќе придонесе за зголемување на продуктивноста, но истовремено имплементирањето на новите технологии ќе имаат големо значење за македонската економија да биде поконкурентна на регионалните и европските пазари. Имаше многу скептици кога го донесовме Законот за финансиска поддршка на инвестициите, но ваквите инвестиции се факт дека сме на вистинскиот пат. Освен што ги мотивираме и охрабруваме странските инвестиции, со Законот за финансиската поддршка ги поттикнуваме особено младите компании во нашата држава да почнат да креират нови бизниси и нивните идеи, нивната визија, со помош на државата, преку овој закон, кој е многу транпарентен, ќе може да ги направат реалност. Најдобар пример за тоа е денешната наша посета. Истовремено, би сакал да ја поздравам локалната самоуправа, која напорно ги информира сите компании, сите млади луѓе во овој регион да ги користат мерките на државата имајќи го предвид фактот дека државата континуирано ги зголемува средствата за да им излезе во пресрет на компаниите, а тоа го кажуват и податоците што се изнесени. Ова година веќе имаме раст на индустриското производство, зголемување на работните места, но најважно од сè е дека младите луѓе гледат опции и нивната визија веќе е реалност преку вакви инвестиции, со што јас сум убеден дека нема да бидат конкурентни само во нашата држава, туку во иднина ќе бидат конкурентни и во регионот“, рече Бектеши.
Министерот Џемаили рече дека државната поддршка на Владата за бизнисот е голем стимул и мотивира многу компании да се развиваат повеќе на меѓународните пазари.
„Ние сме тука за да ја видиме новата инвестиција направена од релативно новатa компанија која произведува пластични кеси, а сега со нова технологија и преработка на пластичен отпад што е и директен придонес во заштитата на животната средина. Владата на Република Северна Македонија им помага на компаниите преку мерките од планот за економски раст за растат и да инвестираат. Државната поддршка треба да биде стимул за понатамошен раст на компаниите, а ние како Влада ги повикуваме сите компании што имаат раст на производството и нови инвестиции да ги користат мерките од планот за економски раст“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Потпишан договор за реализација на новата инвестиција на турската компанија Шахтерм во ТИРЗ
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, потпишаа договор за реализација на новата турска инвестиција во Македонија. Со договорот кој го потпишаа во Бурса, се предвидува закуп на земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со површина од над 20.000 м2 и изградба на објект со површина од над 13.000 м2. Ова е прва од двете фази на реализација на инвестицијата.
Потпишувањето на договорот следи само 4 месеци по најавата за новата турска инвестиција во земјава. Турската компанија ја зголеми и првично планираната инвестиција од 70 милиони евра на 100 милиони евра. Според деловниот план компанијата во наредните 10 години предвидува отворање на 1000 нови работни места. Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.
Потпишувањето на договорот е во рамки на посетата на Турција на делегација на ТИРЗ предводена од Деспотовски во рамки на која е предвидена и презентација на инвестициските можности пред турски компании. На потпишувањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.
Инаку компанијата “Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.
Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.