Економија
Бектеши: Замрзнати маржите за oсновните продукти, трговците нема да профититаат од граѓаните
Министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска на прес-конференција информираше дека на предлог на Министерството за економија, Владата на денешната седница донела одлука со која се определува највисоката трговска маржа до 5% на продажната цена пресметана во трговијата на големо, односно до 10% на продажната цена во трговија на мало како посебен услов во трговијата.
Оваа мерка се однесува на леб; шеќер; сол; брашно – тип 400; сурово сончогледово масло и сончогледово масло за јадење; трајно млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%; свежо месо и сувомеснати производи; сирење и урда; ориз; јајца; тестенини; пченица и овошје и зеленчук.
„Со оглед на информациите и анализите на терен дека трошоците на производителите на основни прехранбени производи растат, оваа одлука има за цел да се ограничат тровците да прават профит на грбот на граѓаните и на производителлите. Со оваа одлука се контролира растот на цените на основните прехранбени производи да нема значајно влијание врз потрошувачката на граѓаните со оглед на тоа што од 1 март престанува да важи одлуката за највиски (замрзнати) цени на основните прехранбени производи“, кажа Бектеши.
Додаде дека кај трговците на мало во вкупниот износ на трговската маржа до 10% се вклучени рабатот и надоместоците кои трговецот на мало ги наплаќа од трговецот на големо за рекламирање и за примарни и секундарни позиции за изложување на стоките на рафтови, односно полици.
„Оваа одлука ќе се применува од 1 март 2022 година до 31 мај 2022 година, заради потребата да се органичи растот на цените во следните три месеци. Доколку трговците не се придржуваат до оваа одлука следуваат и глоби“, кажа Бектеши и додаде дека за прекршување на овие мерки согласно член 30 од Законот за трговија предвидени се:
„Глоба во износ од 800 до 1.000 евра во денарска противвредност за микро трговец, глоба во износ од 1.600 до 2.000 евра во денарска противвредност за мал трговец, глоба во износ од 3.000 до 6000 евра во денарска противвредност за среден трговец,глоба во износ од 7.000 до 10.000 евра во денарска противвредност за голем трговец“.
Министерот потенцираше дека во наредниот период Државниот пазарен инспекторат ќе излезе на терен со засилени контроли кај трговците, а граѓаните кои ќе утврдат драстично зголемени цени на основните прехранбени производи да пријават на бесплатниот телефонски број на ДПИ 191.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.

