Економија
Бектеши најави градба на дополнителна 20-мегаватна фотоволтаична мрежа
Министерот за економија, Крешник Бектеши, заедно со заменик-генералниот директор на ЕЛЕМ, Фатмир Лимани, го посетија ТЕЦ „Осломеј“, како и локацијата предвидена за изградба на фотонапонската централа „Осломеј“, за чијашто изградба на 4 јануари беше потпишан договор помеѓу ЕБРД и ЕЛЕМ.
Локацијата за 10-мегаватната фотоволтаична мрежа се простира на 15 хектари земјиште од поранешните наоѓалишта на јаглен, кое за една година треба да биде рекултивирано со новата централа.
Согласно со договорот, инвестицијата изнесува седум милиони евра, а вкупното годишно производство од оваа нова фотоволтаична електрана е околу 15 гигават часови, доволни за покривање на годишните потреби на околу 2 000 домаќинства.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, оствари средби со раководните структури, го посети погонот за производство, како и местото каде што е предвидено да почне да се гради новата фотоволтаична централа.
„Задоволство ми е што поранешните наоѓалишта на јаглен во РЕК ‘Осломеј’ за околу една година треба да бидат покриени со 10-мегаватна фотоволтаична мрежа. Но, ние не застануваме таму, туку како Влада настојуваме да имаме што повеќе домашно производство на енергија“, изјави Бектеши по обиколката.
Бектеши потенцираше дека и во минатата година е зголемено домашното производството на електрична енергија.
„Како Влада имаме долгорочен план за зголемување на производството на енергија. Веќе почнавме со студија за градба на дополнителна 20-мегаватна фотоволтаична мрежа, исто така, во рамки на РЕК ‘Осломеј’. Користењето на ваков вид производство на енергија е светски тренд, со кој ќе продолжиме во нашите проекти“, рече Бектеши и додаде дека во наредниот период ќе има нови вработувања во комбинатот, особено на стручни лица од соодветната сфера од Кичево и регионот, апелирајќи до младите да продолжат со стручна едукација за да бидат подготвени да одговорат на барањата на постојните и новите инвеститори.
Покрај за рамномерниот регионален развој, овој проект е значен од аспект на енергетските вредности, од социјален, но и од еколошки аспекет бидејќи е во согласност со најсовремените начела за заштита на животната средина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

