Економија
Бектеши: Отворената врата кон ЕУ го зголеми интересот на финските бизнисмени за економска соработка со Македонија
Отворената врата кон ЕУ го зголеми интересот на финските бизнисмени за економска соработка со Македонија, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши, на бизнис-форумот на тема: Doing Business with Finland, во организација на Стопанската комора на Македонија, во соработка со Амбасадата на Република Финска во Република Србија и Finnpartnership.
„Отворената врата на нашата земја кон Европа ги донесе денеска нашите пријатели од деловната заедница на Финска на средба со македонските бизнисмени. Уверен сум дека овој бизнис-форум ќе резултира со нови бизнис-партнерства, започнување на нови форми и проширување на секторите на соработка, што ќе придонесе за зголемување на целокупната трговска размена меѓу двете земји, но и нови инвестиции од Финска, како резултат на стабилното бизнис-опкружување за инвеститорите, макроекономската стабилност и еднаквите, транспарентни услови за домашните и странските инвеститори, врз основа на законски уредени критериуми, со кои секој инвеститор однапред знае каква поддршка може да очекува од државата“, изјави Бектеши.
Според него, има голем простор за подобрување на соработката, со оглед на фактот што вкупната трговска размена меѓу двете земји е со релативно мал обем и во периодот 2015 – 2017 година се движи меѓу 9.1 и 16.8 милиони евра, додека кај инвестициите во периодот од 1997-2017 година е регистриран прилив од Финска во износ од 1,4 милиони евра, што претставува 0,03% во однос на вкупните СДИ во Република Македонија. Според Бектеши, радува порастот на фински туристи во Македонија, кој во ова полугодие изнесува 48% за разлика од истиот период лани, односно 1.254 фински туристи оствариле 2.139 ноќевања и се очекува таа бројка да се зголемува по влезот на Република Македонија во НАТО.
„Со процесот на пристапување на Македонија кон ЕУ нашите две земји стануваат сѐ поблиски. Трговската соработка не е на највисоко ниво и се надевам дека денеска ќе изнајдеме нови начини и можности како да ја прошириме и зголемиме нашата билатерална соработка. Уверен сум дека како што ќе напредува пристапниот процес на Република Македонија кон ЕУ, сѐ повеќе ќе се зголемуваат нејзините економски со сите земјите членки на Унијата“, истакна амбасадорот на Финска во Србија задолжен и за Црна Гора и Македонија, Н.Е. Перти Иконен.
Финска е една од водечките земји во светот во многу индустрии и е позната по стабилно и просперитетно деловно опкружување, извозна ориентираност и успешни деловни релации како со нордиските земји, така и со единствениот пазар на Европа, а засега од Македонија најмногу увезува текстилни производи, но интересот се проширува и на индустријата за пластика и на машини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.
Економија
Компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска со донација за погодените семејства од поплавите во Кичево
По поплавите во Кичево што доведоа до евакуација на околу 250 луѓе од 63 домаќинства, компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска уште еднаш ја потврдија својата општествена одговорност преку донација на средства за лична хигиена за лицата кои се привремено згрижени во градската спортска сала „Христо Узунов“.

Пакетите, кои содржат основни производи за секојдневна хигиена, како и вода и храна се наменети за најзагрозените домаќинства со цел да им помогнат полесно да се справат со последиците од природната непогода.


Со оваа хуманитарна иницијатива, компанијата испраќа силна порака за солидарност и поддршка во моменти кога заедништвото е најпотребно, останувајќи доследна на својата општествено одговорна мисија.
(ПР)

