Економија
Бектеши: Со новиот Закон за енергетика, потрошувачите сами ќе избираат снабдувач
Министерот за економија, Крешник Бектеши, на пленарна седница во Собранието го претстави новиот Закон за енергетика, кој, како што рече, ќе им овозможи на граѓаните право на избор.
„Новиот Закон за енергетика на граѓаните им обезбедува сигурно и квалитетно снабдување со енергија, безбедно и ефикасно работење, одржување и развој на преносните и дистрибутивните системи на електрична енергија, природен гас и топлинска енергија, ги штити правата на корисниците на електрична енергијата – им овозможува на граѓаните право на избор, особено на ранливите потрошувачи, овозможува ефикасен, конкурентен и финансиски одржлив енергетски сектор и целосна либерализација на производството, снабдувањето и трговијата со енергија“, рече министерот Бектеши и додаде дека овој закон е во согласност со европското законодавство.
Од Законот за енергетика, освен домаќинствата, додаде Бектеши, корист ќе имаат особено малите и средни претпријатија, кои, исто така, ќе имаат право да изберат снабдувач на електрична енергија и природен гас, а се предлага и усвојување годишен план со мерки кои ќе треба да се преземаат за намалување на енергетската сиромаштија, вклучувајќи и субвенции за потрошена енергија посветена на семејства со економски потешкотии.
Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, рече дека за да не се наруши енергетскиот пазар, а истовремено цената на електричната енергија да не поскапи, во законот е превидено да се избере универзален снабдувач, во транспарентна и јавна постапка, кој би ги снабдувал граѓаните кои нема да изберат снабдувач по свој избор.
„Изборот на универзален снабдувач е механизам со кој ќе се заштити цената на електричната енергија за граѓаните. Во согласност со преодните и завршни одредби на Законот, ЕЛЕМ е должен да му понуди на универзалниот снабдувач и тоа почнувајќи од јануари 2019 година, најмалку 80%, од потребите на снабдувачот, со фазно намалување до 2025 година кога тој процент ќе изнесува најмалку 30%. Со оваа одредба се овозможува и да не се влијае на цената на електричната енергија на крајните потрошувачи, на граѓаните. Со домаќинско работење ќе обезбедиме цената на електричната енергија за граѓаните да не се зголемува“, нагласи Анѓушев.
Тој истакна дека со Законот се предвидува и раздвојувањето на надлежностите на органите на државната управа врз енергетските компании, зголемувањето на учеството на електрична енергија од обновливи извори, зголемување на независноста и професионалноста на Регулаторната комисија на енергетика, што е во согласност со европските директиви и регулативи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Microbalkans 2025: Никола Јошевски за усогласувањето на правните рамки со директивите на ЕУ
Никола Јошевски, генерален менаџер и сопственик на Mint Fintech Group и претседател на Групацијата на финансиски друштва при Стопанската комора на Македонија, учествуваше на престижната регионална конференција Microbalkans 2025, што се одржа во Дубровник, Хрватска, од 5 до 7 ноември 2025 година.
Како панелист на високопрофилната дискусија „Усогласување на правните рамки со директивите на ЕУ“, Јошевски се приклучи на водечки европски партнери и институции кои активно придонесуваат за развојот на социјалните финансии во регионот на Западен Балкан.

Панелот се фокусираше на регулаторната хармонизација, финансиската инклузија, платните системи и усогласувањето со процесот на пристапување кон ЕУ, со посебен акцент на улогата на микрофинансиските институции и финтек решенијата во одржливиот развој и регионалната соработка.
Во своето обраќање, Јошевски ја нагласи потребата од создавање на стабилен и интегриран финансиски систем што ги надминува класичните регулаторни рамки, посочувајќи:
„Главниот предизвик не е само во пренесувањето на директивите на ЕУ во националното законодавство, туку во создавањето на целосен екосистем – таков што нè прави конкурентни, инклузивни и силни дома.“
Панелот поттикна значајна дискусија за иднината на финансиската регулатива во регионот и улогата на микрофинансиските институции во зајакнување на финансиската стабилност, транспарентност и дигитална трансформација.

Конференцијата Microbalkans 2025, поддржана во рамките на соработката со Европската унија, го обедини врвот на експертизата од Европа и Западен Балкан, создавајќи дијалог за унапредување на социјалните финансии, микрокредитирањето и финтек иновациите.
Присуството на Mint Fintech Group на овој настан уште еднаш ја потврди посветеноста на компанијата кон модернизација на финансискиот сектор во Македонија, создавање инклузивна економија и промовирање европски вредности во финансиските услуги.
Со своето учество, Јошевски ја зацврсти позицијата на Македонија како активен партнер во градењето на современ, конкурентен и одржлив финансиски екосистем, кој ја поврзува регионалната соработка со европските стандарди и отвора нови можности за раст и развој.
(ПР)
Економија
СДСМ: Инфлацијата зголемена на 4.5%, граѓаните скапо ги чинат промашените економски политики на власта
Инфлацијата повторно расте и во октомври достигна 4,5 проценти, спротивно на владините уверувања дека ќе се намали и под 3%, велат од СДСМ.
„Овој пораст е јасен показател дека економските политики на владата на ВМРО-ДПМНЕ се целосно промашени и без никаков резултат. Инфлацијата го јаде стандардот на граѓаните, ги јаде платите кои не се покачуваат туку стагнираат, цените на храната и основните производи растат, сметките се повисоки, граѓаните имаат се помалку пари во џебовите. Платите и пензиите заостануваат далеку зад растот на цените, граѓаните секојдневно плаќаат повисоки цени за леб, млеко, масло, лекови, за сметки а платите не мрдааат. За само година и половина ДПМНЕ донесе економска стагнација, раст на инфлацијата и пад на животниот стандард“, се наведува во соопштението.
Економија
Електродистрибуција го имплементира најновиот систем SIEMENS SCADA за дигитално управување со мрежа – Скопје
Во финална фаза на имплементација е најновиот SIEMENS SCADA систем за дигитално управување со среднонапонска и високонапонска мрежа, со што значително ќе се унапреди дигиталната трансформација и системите за далечинско управување и мониторинг, соопштија од компанијата.
Со помош на најновиот SCADA систем, како што е појаснето, ќе се оствари меѓусебно поврзување на диспечерските центри на ЕВН и МЕПСО со цел поквалитетно водење на целата електроенергетска мрежа во државата.
„Со инвестиција од еден милион евра, најсовремениот SCADA систем овозможува повисоко ниво на автоматизација, сигурност и оперативна контрола, што претставува клучен предуслов за ефикасна енергетска транзиција и поголема диверзификација на изворите на електрична енергија во земјата. Системот има особено значење во периоди кога сѐ поголем број фотонапонски централи се приклучуваат на дистрибутивната мрежа. Досега се регистрирани 2.963 нови приклучоци од обновливи извори, со вкупна инсталирана моќност од 860 MW, што во одредени ситуации може да претставува предизвик за стабилноста на енергетскиот систем. Со ваквите инвестиции во дигитализација на клучните процеси, Електродистрибуција обезбедува поквалитетни, доверливи и поефикасни услуги за своите корисници и ја зацврстува сигурноста и ефикасноста на мрежата, потврдувајќи ја својата заложба за модерна, транспарентна и дигитална енергетска инфраструктура“.

