Економија
Бектеши: Со прогласување кризна состојба во енергетскиот сектор веднаш почнуваме со мерки за стопанството и домаќинствата
„Како Влада, но и како Министерство за економија, секојдневно сме во комуникација со сите претставници на енергетскиот сектор во нашата земја сѐ со цел да се креираат мерки што ќе ја ублажат енергетската криза не само во секторот домаќинства туку и во дел од индустријата. Индустријата е многу важен дел во економијата имајќи ги предвид бројот на вработени, буџетот и растот на економската активност. Наша цел е нашите компании да бидат уште поконкурентни на европскиот и на светските пазари со мерките“, рече министерот за економија, Крешник Бектеши, по средбата со претседателот на Македонската енергетска асоцијација (МЕА), Кочо Анѓушев, на која присуствуваа и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски, директорот на НЕР. АД Скопје, Бајрам Реџепи, директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, заменик-министерот за транспорт и врски, Беким Реџепи, и други претставници.
На состанокот се дискутира за можните мерки и чекори што ќе ги преземе Владата за излез од енергетската криза.
Министерот Бектеши најави дека минатата недела Владата ги прифатила предлозите на Стопанската комора и тие биле разгледани од претставници на Владата и од сите институции, вклучително и енергетските компании и Регулаторната комисија за енергетика.
Бектеши нагласи дека повеќето од мерките се прифатени и веднаш ќе се спроведат.
„Минатата недела како Влада добивме писмени предлози од Стопанската комора, кои беа разгледани од претставници на Владата на сите институции, вклучително и енергетските компании, а беа разгледани и во Регулаторната комисија за енергетика. Повеќето од мерките се прифатливи и ќе почнат да се спроведуваат веднаш, односно од почетокот на август, кога ќе се прогласи состојба на енергетска криза, Владата ќе може да преземе соодветните одлуки за помош на стопанството“, изјави министерот Бектеши.
Исто така, министерот Бектеши повтори дека ЕСМ преку министерствата за финансии и економија од ЕБРД обезбедило 100 милиони евра за зголемување на капацитетот на ЕСМ за јаглен, мазут и електрична енергија.
„Во делот на менаџирањето на ситуацијата и подготовките што се прават од страна на институциите, ние веќе најавивме дека ЕСМ преку министерствата за финанси и економија веќе се обезбедени 100 милиони евра од страна на ЕБРД за да се зголеми виктноста на ЕСМ во делот на набавка на мазут, на јаглен, но и електрична енергија. И тоа веќе е донесено како одлука во управниот одбор на ЕБРД и за кратко ќе се потпише договорот. 1,1 милион тони веќе се обезбедени за потребите на РЕК ‘Битола’, 500 илјади тони за ‘Осломеј’, значи нашите очекувања се дека РЕК ‘Битола’ од почетокот на октомври ќе работи со трите блока, ‘Осломеј’ ќе работи со целосен капацитет, имајќи предвид дека има само еден блок и веќе почна испораката на мазут од Грција за потребите на ТЕЦ ‘Неготино’, која ќе почне со работа, првично со првиот котел, а во меѓувреме ќе може да се стави функција и вториот, сѐ со цел да може да се снабдува, првично универзалниот снабдувач, во овој случај ‘ЕВН хоме’, за потребите и потрошувачката на домаќинствата и малите потрошувачи“, рече министерот за економија Крешник Бектеши.
На крајот, министерот Бектеши ја повика опозицијата да помогне да се надмине кризата и да не кочи постојано бидејќи тоа не им служи на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Покрај новите проекти мораме да враќаме и долгови на претходната Влада, најголем дел од еврообврзницата, околу 700 милиони евра се за тоа
„Покрај тоа што ние градиме вакви објекти, градинки, училишта, сали, автопати, железници, ние ги враќаме и долговите на претходната Влада. Минатата година во јануари месец вративме 500 милиони евра еврообврзница која ја земала претходната Влада, a со дел од овие пари, 700 милиони евра, ќе вратиме друга еврообврзница која претходната влада ја земала пред 4 години“, рече претседателот на Владата Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за новата еврообврзница во текот на неговата денешна посета на дограденото основно училиште „Блаже Конески“ во Аеродром.
„Ако се работи посветено, чесно, нема идеални услови се разбира, но покрај тоа што треба да се испорачаат проектите и да се изреализираат, треба да се вратат и долговите и на претходната Влада. Јас уште на крајот на минатата година кажав дека ќе биде тешка година, но план имаме и средствата се обезбедени“, дополни премиерот Мицкоски.
Тој посочи дека врвни светски компании се дел од заемодавателите на оваа еврообврзница кои што никогаш досега не се појавиле на Балканот. Исто така повтори дека најголем дел од таа обврзница, околу 700 милиони евра ќе бидат насочени кон враќање на стари долгови.
Економија
Николоски-Хрицова: Од март нова авиолинија Охрид – Братислава
Воведување на новата авиолинија Охрид-Братислава и подобрување на економските и трговски односи меѓу Македонија и Словачка беа тема на денешната средба помеѓу заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски и амбасадорката на Словачка, Ивета Хрицова.
Линијата Охрид-Братислава која се воспоставува од март оваа година преку авиокомпанијата „Визер“, ќе придонесе за подобра поврзаност меѓу двете земји, а во функција на развој на туризмот и бизнис секторот, потврдија двајцата соговорници.
Николоски истакна дека Владата посветува особено внимание на развој на ависобраќајот, а воспоставување на оваа авиолинија, ќе ги приближи економските врски меѓу двете држави.
На средбата беа потврдени добрите билатерални односи меѓу Македонија и Словачка, се разговараше за зајакнување на трговска соработка, политичките односи и поттикнување на деловната клима.
Николоски потенцира дека државата се наоѓа во силен инвестициски циклус во реализација на капитални проекти кои имаат регионална димензија и даваат огромен придонес во развој на регионалната соработка преку модернизација на транспортната инфраструктура.
Тој упати честитки за избор на амбасадорката, притоа изрази благодарност за досегашната соработка и ја нагласи потребата од интензивирање на таквата соработка во дејностите од заеднички интерес за двете земји.
Економија
Мицкоски: Речиси 225 милиони евра веќе се пренесени преку Развојната банка на домашните компании, а целосна реализација се очекува во првиот квартал годинава
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе се искористат преостанатите 250 милиони евра за домашните компании изјави:
„Досега се пренесени, практично преку Развојната банка, некаде околу 225 милиони евра од 250 милиони евра. Тоа е оној кредит кој што Владата, условно кажано, го субвенционира со каматна стапка од 1,95%, до три години грејс-период и до 15 години рок на отплата.“
Премиерот посочи дека целосна реализација на средствата се очекува во првиот квартал годинава.
„Очекувам набргу, во првиот квартал од оваа година, целосно да биде исцрпен. И заедно со средствата кои што банките сопствени ги инвестираат во развојните проекти на компаниите, го поддржуваат стопанството и економијата и на тој начин Македонија на инвестициската мапа е навистина водечка во регионот. Ако се има предвид дека растот во првата половина од 2025 година, па би рекол и целосно во текот на целата 2025 година, е двоцифрен број проценти. Споредно со истиот период во рамките, да речеме, на еврозоната, тоа е 2-2,5%. Така што, јас сум навистина задоволен од начинот на кој што овие средства се искористени“, објасни Мицкоски.

