Економија
Бектеши-Фрагогијанис: Работиме на зајакнување на економската соработка помеѓу Северна Македонија и Грција
 
																								
												
												
											Зголемување на економската соработка помеѓу Северна Македонија и Грција, како и преземање заеднички чекори коишто ќе имаат импакт врз создавање услови за забрзан раст на економијата.
Ова беа главните теми на кои разговараа министерот за економија Крешник Бектеши и заменик-министерот за надворешни работи на Грција, Костас Фрагогијанис, на денешната работна средба во Министерството за економија.
Министерот Бектеши и заменик-министерот Фрагогијанис на состанокот ја истакнаа потребата за зајакнување и унапредување на економската соработка меѓу двете земји, пред сè во делот на трговската размена, иневстициите и енергетското поврзување.
На средбата се дискутираше и за тековните и идни проекти.
Министерот Бектеши истакна дека се работи засилено за подобрување на енергетската поврзаност помеѓу двете земји.
Како еден од позначајните проекти кој беше истакнат е проектот за изградба на интерконективниот гасовод од Северна Македонија до Грција кој се очекува да почне да се гради оваа година, за што минатата година беше и потпишан договор помеѓу двете Влада.
Вкупната вредност на оваа инвестиција изнесува 58 милиони евра, за што веќе се обезбедени средства од Европската инвестициска банка во износ од 28,9 милиони евра, од ВБИФ се добиени грант-средства во износ од 9,9 милиони евра кои ќе бидат искористени за финансирање на градежните работи, а грант-средства во износ од 2,6 милиони евра ќе бидат наменети за техничка помош во спроведувањето на проектот подобрување на комуникацијата и видливоста на проектот, како и евалуација и ревизија на проектот.
Преостанатите 16,5 милиони евра ќе се обезбедат од ЕБОР за што Владата во наредниот период ќе поднесе посебен предлог-закон за гаранција.
Министерот Бектеши и заменик-министерот Фрагојанис се согласија дека иако Грција е четврти најголем трговски партнер на Северна Македонија, со скок од една позиција минатата година, сепак помеѓу двете соседски земји има голем простор за соработката да се унапреди во наредниот период.
Според статистичките податоци вкупната трговска размена на Северна Македонија и Грција од јануари до ноември 2021 година изнесува 838,8 милиони евраи е за 48% поголема споредено со истиот период претходната година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
 
																	
																															Економија
ЕВН Македонија учествуваше на 14-тиот Меѓународен форум за енергетика и одржлив развој
 
														Високи претставници на ЕВН Македонија земаа активно учество на 14-тиот Меѓународен форум за енергетика и одржлив развој, кој оваа година се одржа во Скопје под мотото „Од цели кон акција: Напојување на иднината со одржлива енергија“.
Настанот се организираше од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини во соработка со Канцеларијата на Програмата за развој на Обединетите нации УНДП и петте регионални комисии на ОН.
На отворањето се обрати министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, која истакна: „Енергетската отпорност денес значи способност системот да издржи, да се прилагоди и да продолжи да функционира, дури и во услови на неизвесност и геополитички потреси.“
Тридневниот форум обедини над 500 учесници од 70 земји, вклучувајќи и претставници на влади, меѓународни организации, финансиски институции, како и експерти и претставници од бизнис зедницата.
Првиот човек на ЕВН Македонија, Волфганг Маиер се обрати за време на сесијата посветена на „Финансирање на енергетската ефикасност и обновливите извори“. Тој истакна дека нема зелена транзиција без силни, паметни и модерни дистрибутивни мрежи.
„Не можеме да градиме зелена енергетска иднина на мрежа од 20-ти век. Надградените и модерни мрежи се суштински за интегрирање на обновливата енергија, но тоа доаѓа со многу висока цена. Затоа, меѓународните фондови, поволните заеми и стабилната регулаторна рамка се клучни за да се остварат неопходните инвестиции.“
Менаџерот во ЕВН Македонија Електроснабдување, Беркант Шен, зборуваше за улогата на ЕВН во развојот на инфраструктурата за полнење на електричните возила во државата, со што директно се придонесува кон забрзување на електричната мобилност и заштитата на животната средина.
Во фокусот на годинешната водечка глобална платформа за унапредување на одржливата енергија се енергетската транзиција, новите технологии и пазарот, производството на енергија, како и меѓународната соработка за енергетска сигурност.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
 
														Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,59% во однос на одлуката од 29.10.2025 година.
Од 31.10.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 70,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,057 (денари/килограм)
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемува за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 3,480%, кај дизелот за 1,760%, кај екстра лесното масло за 5,965% и кај мазутот зголемувањето е за 3,830%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,0496%
Економија
СДСМ: Предлог-буџетот за 2026 година е признание за економската неспособност на Владата
 
														Предлог-буџетот за 2026 година е признание за економската неспособност на Владата, велат од СДСМ.
„По усвојувањето на Предлог-буџетот за 2026 година СДСМ изразува сериозна загриженост за насоката по која се движи фискалната политика и нејзините последици врз граѓаните и стопанството. Наместо ветената „строга фискална дисциплина“, Владата предлага дефицит од 3,5% од БДП и со тоа повторно директно го прекршува фискалното правило утврдено во Законот за буџети, кое поставува лимит од 3%. Не станува збор за дисциплина, туку отстапување од законската рамка што ќе ја платат граѓаните и економијата. Особено е проблематично што Владата буџетската рамка од 374,7 милијарди денари приходи и 413,9 милијарди денари расходи ја нарекува „развојна“, а истовремено ги намалува капиталните инвестиции. Со предлог-буџетот за 2026 година тие се планираат на 40,5 милијарди денари – речиси 7 милијарди помалку од 47,3 милијарди денари кои беа утврден со ребалансот за 2025 година“, велат од партијата.
Од СДСМ велат дека на денот на усвојување на предлог-буџетот, реализацијата на капиталните расходи изнесувала само 44,94%. „Со екстремно слаба реализација, тврдењето дека „капиталните проекти ќе бидат главен двигател на растот во 2026 година“ е контрадикторно и признание за неспособност“, смета СДСМ.
Проекцијата за раст на економијата (БДП) од 3,8%, велат од СДСМ, дополнително ја разоткрива суштината на промашените фискални политики на Владата.
„Станува збор проекција базирана на потрошувачка, поддржан со најавено зголемување на плати и пензии. Кога ова се случува во услови на намалени капитални расходи и во отсуство на структурни реформи, тогаш оправдано се поставува прашањето: дали се најавува уште една година во која економските промашувања се маскираат со краткорочни, популистички потези? Оваа буџетска стратегија за наредната година нема да донесе корист ниту за граѓаните, ниту за стопанството, затоа што ова ќе значи повисоки трошоци за камати, ново задолжување, притисок врз даночната база и истиснување на продуктивните инвестиции. Загрозената продуктивност на стопанството ќе донесе само повисоки цени на услуги и производи, односно намалена можност за реално зголемување на животниот стандард на граѓаните. Зголемените платите и пензиите ќе потонат во растечката месечна потрошувачка за основните животни потреби. Со Предлог-буџетот за 2026 година Владата не нуди развој, туку маска за економски промашувања“, обвини СДСМ.


 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											