Економија
Бензинот поевтинува, дизелот поскапува – нови цени на горивата од полноќ

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија донесе одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,03 % во однос на одлуката од 19.6.2023 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,465 %, кај дизелот 2,506 %, кај екстра-лесното масло зголемување од 2,274 % и кај мазутот зголемувањето е 1,512 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок 1,309 %.
Малопродажните цени на бензините „евросупер БС-95“ и „евросупер БС-98“ се намалуваат 0,50 денари/л, а малопродажните цени на „евродизелот (Д-Е V)“ и на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат 0,50 денари/л.
Малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ се намалува 0,022 денари/кг и сега ќе изнесува 41,007 денар/кг.
Од 27.6.2023 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин „евросупер БС-95“ – 80,00 денари/литар
Моторен бензин „евросупер БС-98“ – 82,00 денара/литар
Дизел-гориво „евродизел БС (Д-Е V)“ – 71,00 денар/литар
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 69,00 денари/литар
Мазут М-1 НС – 41,007 денар/килограм
Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00.01 часот на 27.6.2023 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт може да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
За првпат објавен Извештајот за спроведување на макропрудентната политика на Народната банка

Народната банка го објави за првпат Извештајот за спроведувањето на макропрудентната политика, со кој се овозможува транспарентен увид во карактеристиките на преземените макропрудентни мерки, начинот на нивното одредување, како и ефектите од нив. Преземените макропрудентни мерки беа насочени кон исполнувањето на посредните цели на макропрудентната политика за зајакнување на отпорноста на банкарскиот систем и ограничување на структурните системски слабости, а преку тоа и исполнување на крајната цел за одржување на финансиската стабилност.
Целта на мерките насочени кон кредитокорисниците, коишто се применуваат од средината на 2023 година, беше намалување на ризикот од прекумерно преземање ризици од стрaна на банките и од појава на преголема задолженост кај физичките лица при поолабавени кредитни услови и следствено, намалување на веројатноста за остварување на ризиците при неповолни промени во општите економски услови. Мерките се состоеја од јасни правила за тоа колку може да се задолжи едно лице без да се загрози неговата финансиска стабилност, поврзувајќи ја висината на кредитот со висината на доходот на физичкото лице или со вредноста на станбениот простор којшто е заложен како обезбедување. Воведувањето на овие мерки имаше главно превентивен карактер, нивниот интензитет главно се вклопуваше во применетите кредитни политики и практики на банките, но тие го пренесоа сигналот на Народната банка дека треба барем да се задржат применетите критериуми при новото кредитирање на физичките лица.
Другата група мерки целат кон зајакнување на капиталната сила на банките и нивниот капацитет за справување со потенцијалните негативни ефекти од остварувањето на ризиците, а се состојaт од воведување дополнителни капитални барања, познати како заштитни слоеви на капиталот. Во периодот по воведувањето на заштитните слоеви на капиталот ‒ заштитниот слој на капиталот за системски значајните банки и заштитниот слој за зачувување на капиталот во 2017 година и противцикличниот заштитен слој на капиталот во 2023 година ‒ нивото на капиталот на банките е значително зголемено при што стапката на адекватност на капиталот е поголема за речиси 4 процентни поени, достигнувајќи едно од највисоките нивоа во изминативе две децении.
Макропрудентната политика, како клучна алатка за одржување на финансиската стабилност, беше институционализирана со измените на Законот за банките во 2016 година, a надлежноста на Народната банка како макропрудентен орган беше дополнително зајакната со Законот за финансиска стабилност од 2022 година и со измените на Законот за Народната банка во 2024 година, што овозможи проширување на спектарот на примена на макропрудентните инструменти за целите на одржувањето на финансиската стабилност. Со редовна анализа и можност за приспособување на инструментите, Народната банка и натаму ќе спроведува макропрудентна политика со која ќе овозможи одржување на стабилноста и сигурноста на банкарски систем, што е најважната претпоставка за финансиска стабилност и долгорочен економски раст, се наведува во соопштението на Народната банка.
Извештајот е достапен на следнава врска
Економија
УЈП: Фискалните каси да имаат точни адресни податоци и редовно да се одржуваат во овластени сервисери

Управата за јавни приходи ги потсетува даночните обврзници кои вршат промет на добра и услуги со готовински плаќања дека се должни за секое работно место каде што се врши прометот да воведат и користат фискален систем на опрема, задолжително да издаваат фискална сметка за секој извршен промет и редовно да ги одржуваат и сервисираат фискалните апарати во овластен сервисен центар.
„Адресните податоци внесени во фискалниот систем треба да бидат точни и да соодветствуваат со локацијата каде што се користи фискалната каса. Даночниот обврзник кој го користи фискалниот систем во одреден деловен објект не смее да го пренесува, користи или отуѓува фискалниот апарат во друг објект без претходна пријава во Управата за јавни приходи преку овластен сервисен центар“, се наведува во соопштението.
Управата за јавни приходи ги потсетува даночните обврзници, корисници на фискална опрема дека секоја промена или одјава на фискалниот систем мора да биде одобрена од страна на Управата за јавни приходи.
Исто така даночните обврзници кои престануваат да го користат фискалниот систем, било поради прекин на дејност или набавка на нова опрема (нов фискален апарат), должни се стариот да го одјават преку овластен сервисен центар во Управата за јавни приходи.
УЈП апелира даночните обврзници да ги почитуваат одредбите од законот и да бидат даночно усогласени.
Економија
Објавена е табелата со цени на плинот во Европа, еве каде е Македонија

Домаќинствата во Европската Унија плаќале највисока цена на гас во втората половина од 2024 година откако Европскиот завод за статистика објавува податоци.
Просечната цена на гасот за домаќинствата во ЕУ беше за речиси 11,7 проценти повисока во втората половина од 2024 година отколку во претходните шест месеци, достигнувајќи го највисокото ниво од 2008 година, од 12,33 евра за 100 киловат-часови.
Во првата половина од минатата година, тоа беше за речиси два проценти пониско отколку во претходните шест месеци.
Домаќинствата на ниво на Унијата повторно потрошија повеќе за гас, за прв пат од крајот на 2022 година, главно поради зголемените даноци во многу земји по ублажувањето на енергетската криза, според статистичарите.
На годишна основа, цените за домаќинствата во ЕУ се зголемија за 9,6 проценти во втората половина од 2024 година, покажуваат табелите на Евростат.
Во еврозоната, гасот за домаќинствата во периодот од јули до декември бил во просек за 12,7 проценти поскап отколку во претходните шест месеци и чинел 13,18 евра за 100 киловат часови.
Најниска цена на гасот, изразена во евра, плаќале домаќинствата во Унгарија – 3,20 евра за 100 киловат часови.
Следи Хрватска – 4,56 евра за 100 киловат-часови, па Романија, каде што чинеше околу 5,4 евра за 100 киловат часови.
Највисоки цени на гасот, изразени во евра, плаќале домаќинствата во Шведска и Холандија, приближно 18,9 евра и 16,7 евра за 100 киловат часови.