Контакт

Економија

Бесими: За економијата, буџетот и евроинтеграциите: Од криза до раст

Објавено пред

Колумна на министерот за финансии Фатмир Бесими

dobivaj vesti na viber

Во понеделник, на пленарна седница, Собранието го разгледува изменувањето и дополнувањето на Буџетот за 2022 година. Додека го разгледував експозето и материјалите, добив инспирација за оваа колумна, во која ќе опфатам неколку теми, кои вистина се обемни и засебни, но имаат силна меѓуповрзаност, а тоа се глобалните економски случувања, буџетот и неговото финансирање и еу-перспективите. Секогаш настојувам преку моите колумни да антиципирам и да ја прикажам големата слика, бидејќи економијата секогаш бара стратегија и планирање. Така и во овој текст, преку факти ќе зборувам за аспектите на државните финансии во тековниот контекст и како полесно ќе стигнеме до она што сите го посакуваме, а тоа е забрзан и одржлив економски раст.

Согласно најновите, јунски проекции на Светската банка, очекувањата за глобалниот раст годинава се дека тој ќе успори од 5,7% во 2021 година на 2,9% во 2022 година, како резултат на длабоката рецесија која ќе ги зафати руската и украинската економија, прелевањето на кризата врз другите економии, успорувањето на побарувачката, како и повлекувањето на политиките за поддршка и истовремено високата инфлација. За 2023 година, се очекува слабо забрзување на економската активност, со проектиран раст од 3% во 2023 година, главно поради повисокото ниво на цените на основните производи, како и монетарното затегнување, кое се очекува да продолжи уште некое време. Проекцијата за 2024 година е раст на светскиот БДП за 3%, како што глобалната економија ќе се приближува кон долгорочниот потенцијал за раст.

Избегнување на стагфлација

Засега, сите релеватни меѓународни институции предвидуваат позитивен економски резултат годинава. Сепак, голем дел од нив предупредуваат на опасноста од стагфлација. Светската банка во „Глобалните економски перспективи“ од јуни 2022, како „црвени знаменца“ ги посочува стапките на инфлација кои достигнуваат повеќедецениски рекорди, високата задолженост на земјите по пандемијата, затегнувањето на монетарната политика како одговор на инфлацијата, а со тоа и затегнување на условите за финансирање и повеќегодишната забавена инвестициска активност.

За да дополнително се намали ризикот за стагфлација, светските носители на политики треба да настојуваат да го зголемат производството на храна и енергија, а со најава на истото и да ги намалат инфлаторните очекувања и цените. Потребно е да се забрза енергетската транзиција кон ниско-јаглеродните извори на енергија, да се пружи помош на оние кои се зафатени од војната во Украина, да се разгледаат опции за отпишување или олеснување на долговите на ниско-доходните земји, како и понатаму да се јакнат одбранбените механизми против ковид-19 пандемијата.

Во услови на продолжени инфлаторни притисоци, економиите во развој, кои по пандемијата имаат видно стеснет фискален простор за реакција, треба да се фокусираат пред се на заштита на ранливите категории опфатени од кризата. Но, истовремено треба внимателно да менаџираат со јавниот долг, со цел обезбедување на одржливо финансирање на истиот, а со тоа и макроекономска стабилност.

Со ребалансот – мерки, за граѓаните и стопанството

На почетокот на енергетската и ценовната криза, Владата на Република Северна Македонија реагираше со силен фискален одговор, со цел да се успори преносниот ефект од увезената инфлација врз домашните производи. Следниот пакет на антикризни мерки, кој ќе го презентираме по носењето на ребалансот на буџетот, содржи таргетирани мерки кои ќе бидат насочени онаму каде што се најпотребни и каде ќе дадат најоптимални резултати. Динамиката на имплементација на мерките ќе ги следи економските движења, при што се очекува најолем дел од нив да бидат активни четвртиот квартал од годината. Ќе има мерки и за граѓаните, и за фирмите, и за поддршка за стабилизирање на цената на храната. Истовремено, преку прудентната политика ќе се задржи фискален простор, како и клучно, ќе се осигура одржувањето на макроекономската стабилност.

Со ребалансот се обезбедуваат дополнителни 19 милијарди денари насочени кон повеќе категории и цели, за апсорбирање на дел од ефектите од кризата. Околу една четвртина од овие средства се резерва за мерки. Понатаму, обезбедени се дополнителни средства за земјоделците за поттикнување на домашното производство, а со тоа и поволно дејствување врз цените на храната. За најранливите категории на граѓани, обезбедени се дополнителни средства за поддршка за справување со ценовните шокови, а се предвидуваат и средства за покачување на пензиите – системски, согласно растот на платите и трошоците за живот. Во ребалансот има дополнителни средства и за компаниите за субвенционирање на покачување на платите, како и програми за поддршка на инвестиции. Дополнително, надвор од буџетот како поддршка на гражаните и стопанството од енергетската криза и инфлацијата се поволните заеми од Европска Банка за обнова и Развој во износ од 100 милиони евра за ликвидноста на ЕСМ (која продава испод цената на чинење со цел абсорбирање на ценовниот шок во регулираниот пазар, односно „субвенционирање„ на сметките на електризна енерија пред се на домаќинствата) и од Европската Инвестициона Банка во износ од 100 милиони евра за поддршка на стопанството преку поволни и/или безкаматни кредити, на кои преку моделот на Планот за забрзан раст ќе се приклучат и комерцијалните банки со дополнителни 100-200 милиони евра. Тука, не ги наброив постојните мерки кои се пресметани во ребалансот како што се намелениот ДДВ за електрична енергија за домаќинства, враќање на 2.2 милијарди денари на граѓаните преку проектот МојДДВ и други мерки што се системски поставени, но помагаат за ранливите катеории за време на кризата како Гарантираниот минимален приход и други активни мерки во пазарот на трудот, како и новата методолоија што овозможува постојано прилагодување (читај раст) на пензиите и минималната плата со инфлацијата и растот со цел заштита на нивниот животен стандард и интегритет.

И покрај кризата, ја задржуваме високата развојна компонента на буџетот со 32,1 милијарда денари капитални инвестиции, кои и покрај надолната корекција со ребалансот, сепак, се на највисокото историско ниво досега.

Утврдени се лимити за долгот и дефицитот

За економијата, еднакво важно за да понатаму се врати на патеката на забрзан економски раст, е одржувањето на стабилноста и претпазливото менаџирање со јавниот долг. Оттаму,

со предложениот ребаланс, иако има проширување на буџетскиот дефицит со цел обезбедување средства за антрикризни мерки, сепак истиот е понизок во однос на претходната година.

Според последната состојба, на крајот на првото тримесечје од 2022 година, државниот долг е намален на 46,8% од БДП, додека јавниот на 54,9% од БДП. Согласно видувањата на ММФ, стабилно ниво на јавен долг за земјите во развој е до 70%. Нашата посветеност за прудентно менаџирање со јавниот долг во насока на негова стабилност и одржливост се огледа и преку среднорочните лимити кои ги поставивме во Стратегијата за управување со јавниот долг, со кои се гради рамка за јавниот долг за периодот од 2023 до 2027 година. Со лимитите на среден рок се дефинира максималното одржливо ниво на вкупниот јавен долг, но и нивото на гарантиран долг во однос на БДП. Со цел да се задржи нивото на јавниот долг во одржливи рамки, лимитот на вкупниот јавен долг на среден и долг рок не треба да надмине ниво од 60% од БДП. Сепак, како резултат на економската криза предизвикана од пандемијата на ковид-19, значаен дел од земјите на Европската Унија, како и земјите во регионот, беа принудени да ги прошират своите буџетски дефицити, со цел да се обезбедат средства за справување со пандемијата, што резултираше со зголемување на нивото на јавен долг за повеќе од 10 процентни поени. Поради сериозноста на кризата, фискалните правила во ЕУ се суспендирани до крајот на 2022 година. Среднорочните проекции кај нас покажуваат дека јавниот долг ќе го надмине прагот од 60% во периодот 2022-2025 година, но како резултат на мерките на фискална консолидација, во 2026 и во 2027 година се предвидува повторно враќање под 60% од БДП, додека државниот долг ќе се сведе на ниво од околу 50%. Инаку, новиот Закон за буџети се очекува да се изглада во Собрание до крајот на јули, каде што се предвидени и фискалните правила за јавниот долг и буџетскиотт дефицит, како и фискалниот совет како исклучително важни за фискалната одржливост заедно со многу други реформи кои се предвидуваат во законот што ќе значат поефикасно и потранспарентно управување со јавните финансии.

Одржувањето на стабилноста на јавниот долг ќе го постигнеме преку нашата јасна заложба за постепена фискална консолидација. Со најновата Фискална стратегија со изгледи до 2027 година, се предвидува етапна фискална консолидација, со намален буџетски дефицит како процент од БДП: 4,2% во 2023 година, 3,6% во 2024 година, 3,2% во 2025 година, 3,0% во 2026 година и 2,8% во 2027 година. Со цел зајакнување на фискалната дисциплина, во среднорочната фискална стратегија содржани се лимити за буџетските расходи, лимити по буџетски корисници, како и проекции на среден рок за локалната власт и јавните претпријатија и акционерски друштва во државна сопственост. Планираната фискална консолидација опфаќа три главни аспекти: подобрување на наплатата на буџетските приходи, преку мерки за намалување на сивата економија и спречување и сузбивање на корупцијата; намалување и реструктурирање на буџетските расходи, преку кратење на неприоритетните трошоци, поголема поддршка на приватниот сектор и иновациите, поддршка на најранливите категории на население и ревидирање на методологиите за трансфери и субвенции; и промени во изворите на финансирање на буџетскиот дефицит, поголема диверзификација на изворите на финансирање на дефицитот, финансирање и реализација на одредени проекти преку јавно-приватни партнерства и основање на Развоен фонд. Ова е предвидено и со Планот за забрзан економски раст, кој преку вклучување на различни извори на финансирање ќе ја поддржи инвестициската активност

и со тоа забрза растот, а истовремено ќе се намали дефицитот. Тука би ја додал и финансиската поддршка за оддржување на макроекономската стабилност, т.н. Заем за ликвидност и препазливост за 2022-2023 година, како и друи развојни програми од ИМФ и Светска банка.

ЕУ во контекст на економија, раст и инвестиции

Важен момент тука се пристапот до европските фондови, но и растот на странските инвестиции, како едни од повеќето придобивки за економијата од ЕУ-интеграциите. Имајќи предвид, дека во Планот за заздравување на економијата и забрзан економски раст, се планира преку инволвирање на повеќе извори на капитал со цел да се удвои економскиот раст во земјава и да се достигнат историски највисоки стапки од над 5% одржлив раст, од економски аспект, интеграциите кон Европската Унија игра важна улога во спроведувањето на овој план.

Ако се земат искуствата од другите земји од евроинтеграциите, тие упатуваат на зголемување на економската активност, подобрување на конкурентноста и на надворешно-трговската размена, зголемувањето на странските инвестиции и отворањето на нови работни места. Кај Чешка, на пример, економскиот раст забрза од 2,7% на 6,1% по пристапувањето во Унијата. Интеграцијата има позитивно влијание и врз развојот на инфраструктурата, а позитивно влијае и врз другите сектори како информатичката и телекомуникациската индустрија, туризмот, земјоделието и образованието.

Општи придобивки од ЕУ се стабилноста, демократијата, безбедноста и просперитетот, стимулот и поддршката за раст на БДП, повеќе работни места, повисоки плати и пензии, растечки внатрешен пазар и домашна побарувачка, слободно движење на работната сила, стоки, услуги и капитал, пристап до пазар од 450 милиони потрошувачи. Во однос на макроекономските влијанија, се растечкиот прилив на странски директни инвестиции поради зголемена деловна доверба, намалени ризици, поголема мобилност на работната сила, ефикасен транспорт, посилна конкуренција и поттик за иновации, систем на државни субвенции усогласен со регулативите на ЕУ, полесен пристап до финансиски институции и фондови дополнително зголемување на БДП и раст на индустриското производство поради повисока динамика на извозот.

Придобивки има и за компаниите. Тука се зголемениот пристап до ЕУ фондовитеи поддршка за малите и средни претпријатија. Нема царински или квантитативни ограничувања и поедноставена е административна процедура во тргувањето со други земји-членки на ЕУ. Во однос на намалување на трговските бариери вреди да се спомнат и заемната сертификација на стоки, единствен стандарден процес на сертификација за целиот регион и спроведување на политиката за конкуренција и правата на интелектуална сопственост.

Накусо, од економски аспект придобивките се неспорни. Република Северна Македонија по долг период на стапки на економски раст во просек околу 2,5%, а потоа и економските шокови од пандемијата, енергетската и ценовната криза, јасно укажуваат дека на нашата економија и е потребен бустер, катализатор, кој ќе го забрза растот. Имаме силна и

издржана стратегија со Планот за забрзување на растот и имаме можности кои треба да ги искористиме. На крајот, комплетната слика секогаш е важна за носење на вистински одлуки.

Економија

„Лукоил“ го продава имотот во странство на американска компанија

Објавено пред

Од

Рускиот енергетски гигант „Лукоил“ ќе го продаде поголемиот дел од својот странски имот на американската инвестициска фирма „Карлајл“, објави денес одделот за односи со јавноста на „Лукоил“. Одлуката следува по воведувањето санкции од страна на САД врз руската нафтена компанија во октомври.

dobivaj vesti na viber

САД воведоа санкции врз „Лукоил“ и „Роснефт“, во октомври лани, замрзнувајќи ги американските средства на „Лукоил“ и заканувајќи се со секундарни казни за странските субјекти што работат со нив. Санкциите, првите такви мерки наметнати од втората администрација на Трамп, се дизајнирани да извршат притисок врз Москва да се согласи на мировни преговори во Украина, со оглед на тоа што приходите од фосилни горива играат клучна улога во одржувањето на воените напори на Русија.

Договорот со „Карлајл“ не ги вклучува средствата на „Лукоил“ во Казахстан и сè уште чека одобрение од Министерството за финансии на САД, соопшти руската компанија, додавајќи дека разговорите со други потенцијални купувачи се во тек.

Вредноста на договорот не беше откриена, иако меѓународниот имот на „Лукоил“ се проценува на вредност до 22 милијарди долари.

„Лукоил“ е втор по големина производител на нафта во Русија и една од најголемите компании во земјата, со учество од 2 проценти од глобалното производство на нафта. Покрај удели во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Блискиот Исток, Африка и на други места, „Лукоил“ управува и со три рафинерии за нафта во Европа и стотици бензински пумпи низ целиот свет, вклучително и во САД.

Администрацијата на Трамп претходно одобри ослободување од санкции за бензинските пумпи на „Лукоил“ во странство додека продажбата беше во тек. Швајцарската трговска куќа „Гунвор“ првично беше заинтересирана за купување на средствата на компанијата во странство, но ја повлече својата понуда во ноември откако Министерството за финансии на САД ја опиша како „кукла на Кремљ“.

Прикажи повеќе...

Економија

Божиновска на серија средби со амбасадори: меѓународна соработка за енергетска сигурност

Објавено пред

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска оствари серија билатерални средби со претставниците на дипломатскиот кор во земјава. Меѓународната соработка и партнерствата со пријателските земји се клучни за обезбедување на безбедна и одржлива енергетска иднина за нашата земја, истакна Божиновска.

dobivaj vesti na viber

Продлабочувањето на енергетската соработка беше фокус на средбата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска со амбасадорката на Литванија, Вилма Дамбраускиене. Акцентот беше ставен на размената на искуства во енергетската транзиција и напредокот на нашата земја на тој план, како и реализација на проекти од енергетскиот сектор во насока на еколошка, економска и социјална одржливост.

Божиновска, на средбата ја истакна посветеноста на Министерството да обезбеди услови за земјата да се насочи кон енергетски одржлив амбиент.

Во рамки на средбите, министерката Божиновска разговараше со амбасадорот на Австрија во Република Северна Македонија Н.Е. Мартин Памер, при што беа разменети мислења за енергетските политики, енергетската транзиција и можностите за австриски инвестиции и експертска поддршка во развојот на одржливи енергетски проекти.

На средбата со амбасадорката на Народна Република Кина во земјава, Џианг Сиаојан се разговараше за размена на искуствата меѓу двете земји, при што беше истакната подготвеноста од кинеска страна за примена на нивните практики во справување со загадување на воздухот и примена на обновливи извори на енергија.

На средбата со амбасадорката на Украина во земјава, Лариса Дир, министерката Божиновска ги презентираше конкретните чекори коишто се преземаат со цел исполнување на европските енергетски стандарди и интеграција во заедничкиот пазар на ЕУ. При тоа, министерката Божиновска ја нагласи подготвеноста на нашата земја да помогне во напорите за заздравување на украинскиот енергетски сектор.

Билатералните средби коишто Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги реализира се потврда за посветеноста на Министерството во насока на остварување на визијата за чиста, праведна и одржлива енергетска иднина

Прикажи повеќе...

Економија

(Видео) Цветков: Додека власта си дели тендери, нема пари за поголема минимална плата

Објавено пред

Пратеникот на СДСМ, Борче Цветков, на денешната собраниска седница упати прашање до министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, кое се однесуваше на минималната плата и дека, власта нема пари за нејзино зголемување, додека истовремено, како што рече, продолжува да си дели тендери.

dobivaj vesti na viber

„Во изминатиот период сме сведоци на континуиран раст на цените на основните животни производи. Храната поскапува, сметките растат, а инфлацијата директно го јаде и она малку што работниците го добиваат на крајот на месецот.

Во такви услови минималната плата не расте со исто темпо, туку заостанува, оставајќи илјадници семејства во постојана финансиска неизвесност.

Семејниот буџет на работникот е на минимум, а притисокот од сè поголемиот раст на цените е огромен. Денес ниту три минимални плати не се доволни за покривање на основните животни потреби.

Инфлацијата од 4,1 проценти и вртоглавиот раст на цените го загрозуваат животниот стандард. Платите постојано стојат во место, а Владата упорно тврди дека нема финансиски простор за нивно зголемување.

Денес зборуваме за минималната плата како единствен приход за десетици илјади граѓани во оваа држава. Зборуваме за плата од која треба да се платат кирија или кредит, сметки за струја и греење, храна, лекови, училишни потреби и превоз.

И кога сето тоа ќе се собере, станува јасно дека минималната плата одамна не обезбедува ниту минимум достоинство“.

Постојано зборувате, додаде тој, за економски раст, за стабилни индикатори и за успешни политики, но прашањето, како што рече е, за кого е тој раст.

„Секако не е за работникот кој живее од минимална плата. За него секој нов месец е нова борба дали да купи храна или да плати сметки. Тоа, министре, не е економска стабилност, тоа е сиромаштија.

Потрошувачката кошница јасно покажува дека минималната плата не ги покрива ни основните потреби. Покрај тоа, вашето министерство, кое вие го водите, нема понудено јасен план како минималната плата ќе се усогласи со реалните трошоци за живот.

Почитувани, економијата не се мери во број на тендери, туку во квалитетот на животот на граѓаните, односно на работниците. А, денес квалитетот на животот на работниците е на самото дно.

Држава во која работник што работи полно работно време не може да живее од својата плата е држава која потфрлила во својата основна социјална функција“.

Според него, барањето за зголемување на минималната плата на 600 евра, како и 100 евра зголемување во останатите сектори, е оправдано и неопходно.

„Ние, како опозиција, целосно ги поддржуваме барањата на работниците и Сојузот на синдикатите. Секој работник заслужува достоинствена плата за живот.

Оттука и моето прашање до вас, министре:

Дали ќе поддржите суштинско зголемување на минималната плата, односно дали ќе го поддржите барањето на работниците и ќе ја зголемите минималната плата на 600 евра, како и 100 евра за останатите“, праша пратеникот.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија8 часа

Мицкоски: Ако заѕиданите пари биле од продажба на нива, што би барале во ѕидот?

Којзнае колку илјадници евра биле заѕидани, изедени и потрошени, ова е последица на антиуставниот имплант СЈО, вели премиерот Христијан Мицкоски....

Македонија10 часа

Грипот стивнува, намалени бројките на новозаболени, но остануваат препораките за маска во простории со многу лица

Институтот за јавно здравје и оваа недела пријави помал број новозаболени од грип и заболувања слични на грип. Директорката Марија...

Македонија11 часа

Брисел ги прифати барањата, возачите се признаени како професионалци, го решаваме проблемот со превозниците, објави Николоски

Вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски соопшти дека од Брисел пристигнале, како што вели, „одлични вести“ во...

Македонија11 часа

(Видео) Филипче: Техничката влада мора да остане, не се созреани условите за укинување

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче истакна дека техничката влада мора да остане затоа што не се созреани условите за нејзино...

Македонија12 часа

Бислимоски и РКЕ очекуваат расчистување на случајот со „Тритерол Петрол“: Постапено е согласно закон

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и претседателот Марко Бислимоски се отворени...

Топ12 часа

Мицкоски: Нема да има уставни измени без загарантираните права на Македонците во Бугарија и без гаранции дека нема да се соочуваме со блокади од субјективни причини

На денешната собраниска седница за пратенички прашања премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на пратеничко прашање на пратеникот Скендер Реџепи околу уставните...

Македонија12 часа

Силувале 13-годишно девојче, ја удирале и навредувале: осомничени четири лица од Неготинско

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци донесе Наредба за спроведување истражна постапка против четири лица за кои постои основано...

Македонија14 часа

Зголемена опасност од лавини на Шар Планина: Националниот парк со предупредување, посетителите да постапуваат претпазливо

Националниот парк Шар Планина информира дека на територијата на паркот во моментов е присутна висока лавинска опасност, особено во деловите...

Македонија15 часа

Стефковски: Општина Гази Баба треба да врати 127 милиони денари за Скопски саем

Градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски се обрати до граѓаните, а по повод пресудата на Апелациониот суд во Скопје...

Македонија15 часа

АХВ доби поддршка: Изградбата на гробишта за домашни миленици претставува решавање на деценискиот проблем

Директорот на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) Оливер Миланов и стручни лица од Агенцијата, неделава одржаа работни состаноци со...

Македонија15 часа

Злоупотреби во Прилепската болница: меѓу обвинетите за проневера и поранешната директорка

Основното јавно обвинителство Прилеп поднесе Обвинителен акт против 8 физички и едно правно лице за продолжени кривични дела – Проневера...

Топ16 часа

Кривична пријава за „даночно затајување“ против фирма од Струмица и двајца управители

СВР Струмица до Основното јавно обвинителство Струмица поднесе кривична пријава против правно лице од Струмица, В.Ј. (35) и С.П. (44),...

Македонија17 часа

Граѓаните да ги ажурираат своите податоци за „Безбеден град“ на посебниот шалтер во МТВ или во станиците за технички преглед

Министерството за внатрешни работи ги потсетува граѓаните дека на посебниот шалтер во Одделот за граѓански работи, во зградата на МТВ...

Свет18 часа

Америка сериозно размислува за напади врз Иран, има неколку опции, објави Ројтерс

Американскиот претседател Доналд Трамп разгледува опции против Иран, кои вклучуваат целни напади врз безбедносните сили и нивните водачи за поттикнување...

Свет19 часа

(Видео) Агентите на Служба за имиграција добија нови инструкции по смртта на двајца Американци: „Избегнувајте контакт“

Агентите на американската Служба за имиграција и царина (ICE) во среда добија нови инструкции да избегнуваат контакт со „агитатори“ додека...

Свет19 часа

(Видео) Откриено каква течност е употребена за напад врз американската конгресменка

Еден маж е уапсен откако ја испрскал американската конгресменка Илхан Омар со течност за која подоцна се утврдило дека е...

Европа19 часа

Мерц: Влезот на Украина во ЕУ во 2027 година не доаѓа предвид, тоа не е можно

Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека пристапувањето на Украина во Европската Унија во блиска иднина не е можно. „Пристапувањето на...

Свет19 часа

Индија ги намалува царините за увоз за европски луксузни автомобили

Индија веднаш ќе ги намали царините за луксузни европски автомобили од 110 проценти на 30 проценти според новиот трговски договор...

Македонија19 часа

Поради протест блокирани повеќе гранични премини за влез и излез од државата на товарни возила

Поради протест блокирани се повеќе гранични премини за влез и излез од државата на товарни моторни возила. Како што известуваат...

Македонија1 ден

(Видео) Симнете ги розовите очила и погледнете ги работниците – порачаа синдикатите до функционерите на протестот за повисоки плати, се бара 600 евра минималец

Со транспарентот „Протестираме за плата“, голем број граѓани излегоа на улиците за да го поддржат протестот на Сојузот на синдикатити...