Контакт

Економија

Бесими: Развој на финансиските пазари во функција на развојот на економијата и нови вработувања

Објавено пред

Kолумна на министерот за финансии Фатмир Бесими

dobivaj vesti na viber

Финансиите се крвотокот на економијата – често знаат да кажат економистите објаснувајќи го значењето на финансискиот сектор за економскиот раст. Како што крвта ги храни органите за да можат да функционираат, така финансиите го овозможуваат спроведувањето на економската активност. Оттаму, достапноста до финансиите е поврзана со виталноста на економијата, односно нивото на економска активност, а со тоа и со економскиот раст и развој. Придонесот на финансиските пазари за економскиот развој во економската историја бил карактеризиран како „значаен“ од страна на Штиглиц, „круцијален“ од страна на Шумпетер, додека за Милер бил „премногу очигледен, за да се дискутира“.

Уште од почетокот на мојот мандат како министер за финансии, како јасна цел за развој на нашата економија го истакнувам забрзувањето на економскиот раст. Преку континуирано повисоки стапки на економски раст, од околу 5 проценти  годишно, ќе можеме да го постигнеме посакуваниот и потребниот економски развој и да обезбедиме подобар животен стандард за нашите граѓани.

Имаме јасна визија и план како да ја постигнеме целта. Станува збор за Планот за забрзување на економскиот раст, со кој предлагаме сеопфатна и издржана стратегија за побрз и одржлив економски раст.

Нова стратегија: Мобилизирање на капиталот за забрзување на економскиот раст

Во Планот за забрзан економски раст исклучително значајно место има пристапот до капитал, со кој би се финансирале проектите во јавниот и приватниот сектор, со цел да се зголемат вкупните инвестиции, да се подобри конкурентноста на економијата и да се стимулира растот.

Преку мобилизирање на капиталот и негово алоцирање кон попродуктивни позиции: нови проекти, стартапи, извозни компании, мали и средни претпријатија, се поддржува економската активност и поттикнува растот. Оттаму, развојот на пазарот на капитал ќе одигра многу важна улога во забрзувањето на економскиот раст.

Во тој контекст неделава, Владата, на предлог на Министерството за финансии, ја усвои Стратегијата за развој на финансиски пазари во земјава, со чие спроведување очекуваме креирање на повеќе можности за финансирање на

проектите на компаниите, зголемување на понудата на инструменти за инвестирање, како и привлекување странски инвеститори. Стратегијата e подготвена низ инклузивен процес на размена на идеи и консултации во рамките на Советот за развој на пазарот на капитал, со кој раководи Министерството за финансии, а во кој членуваат и Министерството за економија, Народната банка, Комисијата за хартии од вредност, Централниот депозитар на хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на осигурување, МАПАС, Македонската берза, Македонската банкарска асоцијација, како и преставници на инвестициски фондови, претставници од пензиски друштва од стопанските комори и инвеститорската јавност.

Стратегијата има за цел да гo динамизира пазарот на капитал до ниво на просекот во ЕУ. Вакви стратегии имаат многу земји кои се развиени или пак се во развој. Во последните години, вакви стратегии во Европа имаат усвоено Ирска, Луксембург, Латвија, Унгарија, Словачка и Бугарија.

Ригиден пазар во окружување кое се менува

Пред да ја објаснам Стратегијата за развој на финансиските пазари, прво ќе се осврнам на финансискиот сектор во нашата земја – да се даде еден подетален приказ на тековната поставеност и поблиску да се објасни суштинската потреба од новоусвоената стратегија.

Како и кај останатите земји во развој, финансискиот сектор во нашата земја е банко-центричен, со недоволно развиен пазар на капитал, што произлегува од историјата на општествено-економско уредување.

Главен носител на економскиот раст е банкарскиот сектор, додека кредитите се основен извор за финансирање на развојот на компаниите. Средствата на банките во 2020 година, претставуваат 82,5% од вкупната актива на финансискиот сектор. Активата на банкарскиот систем просечно расте со 7%, додека пак кредитите учествуваат со нешто над 50% во БДП на земјата односно 56% во 2020 година.

Активностите на останатите сегменти од финансискиот систем, со исклучок на задолжителните капитално финансирани пензиски фондови, се прилично скромни. Сепак, просечниот годишен раст кај осигурителниот сектор изнесува 9% годишно и 28% кај инвестициските фондови, што говори за зголемена побарувачка за производите на небанкарските финансиски институции.

Пазарот на акции во Северна Македонија го карактеризираат изразена концентрација на прометот на неколку акции, неразвиен примарен пазар и отсуството на странски инвеститори. Македонска берза АД Скопје, како и останатите берзи во регионот, е производ на трансформацијата на стопанството во

пазарна економија. Кус период за време на светската и регионална економска експанзија во периодот 2005-та до 2007-та година, берзата доживеа бум, односно прометот на класично тргување на Берзата во 2005 година изнесуваше околу 109 милиони евра, следната година се зголеми на 177 милиони евра, за во 2007 година да го достигне максимумот од околу 497 милиони евра (вкупниот промет таа година надмина 680 милиони евра), по што дојдоа светската финансиска и економска криза, што доведе до драстично намалување. Од 2012 година наваму прометот на Берзата забележува пикови и падови, со највисок промет минатата, 2021 година од 209 милиони евра, додека кризната 2020 година се заврши со промет од околу 133 милиони евра. За разлика од краткиот берзански бум, примарниот пазар на капитал во Република Северна Македонија не доживеа посебна експанзија. Новите емисии на акции од постојните акционерски друштва најчесто се спроведуваат во форма на приватен пласман, а многу поретко како јавни понуди.

Од аспект на структурата на инвеститорите, може да се каже дека интересот на странските инвеститори за нашиот пазар на капитал е занемарлив. Ако го гледаме процентуалното учество на странските инвеститори во вкупните куповни трансакции, забележуваме тренд на намалување, односно 15%, 6% и 1,2% учество, респективно во вкупните трансакции за 2018, 2019 и 2020 година. Дополнително може да се види тренд на намалување на учеството на странските инвеститори во куповните и продажните налози, што укажува на тоа дека интересот за нашиот пазар се намалува, а со тоа и капацитетот за мобилизирање на странски капитал.

Друг момент во структурата на учесниците во пазарите на капитал е доминацијата на повозрасната популација. Односно, во Централниот депозитар се регистрирани 60.907 сметки, од кои околу 84% отпаѓаат на лица постари од 50 години, додека само 1,4% се во сопственост на лица помлади од 30 години. Ова укажува на еден дисбаланс кој е спротивен на економската логика во поглед на преференциите за ризик, односно младите инвеститори да се ризико-посакувачки, односно постарите ризико-аверзнични.

Пазарот на обврзници во Северна Македонија се одликува со доминација на државните обврзници. Учесниците на овој пазар се институционални инвеститори, кои заради својата голема ликвидност, регулаторни ограничувања и ограничената понуда на дополнителни можности за инвестирање во должнички државни хартии од вредност, алоцираат големи износи на средства. Од друга страна, вложувањето на физичките лица во должничките хартии од вредност, издадени од државата речиси и да не постои. Секундарениот пазар е неразвиен, главно заради доминацијата на финансиските институции како доверители кај овие инструменти. Пазарот на корпоративни обврзници е многу мал сегмент од вкупниот пазар на должнички инструменти, со 19 милиони евра издадени обврзници од страна на банките за период од 2016 година до 2020 година. Општински обврзници не се издаваат.

Воочлив тренд е зголемениот интерес на домашните инвеститори во странски хартии од вредност, а особено на новите алтернативни инструменти како што се криптовалутите. Ова укажува на потребата за зголемување на понудата на нашиот пазар со иновативни решенија со цел провлекување на овој инвеститорски капацитет, но и поинтензивни напори за едукација на широката јавност во препознавањето на одликите на средствата во кои инвестираат.

Алтернативни извори – ги има, но не доволно се користат

Во Република Северна Македонија во последните години нема значаен напредок во организирањето на фондови за ризично финансирање или пак развојот на платформите за групно финансирање (краудфандинг).

Постои можноста за поврзување на компаниите кои сакаат да приберат средства и инвеститорите кои бараат можности за ризично вложување во компании во првите фази од својот развој. Таквата можност е достапна од 2016 година кога Македонската берза во соработка со Загребската берза преку регионална платформа на Југоисточна Европа се приклучи кон една глобална платформа за алтернативен начин за прибирање на дополнителен капитал за стартапите и нивна потенцијална трансформација во друштва погодни за идна котација на Берзата. Во оваа насока има напори од повеќе групи на домашни индивидуални субјекти, меѓу кои е и платформата за финансирање на креативноста во Северна Македонија. Сепак, покрај напорите кои се вложуваат за развој на овој сегмент сè уште не може да се поврзат со одредени поголеми успеси.

Фондовите за ризично финансирање не се препознатливи во домашната економија. До денес функционираат неколку приватни фондови, по принципите на организација на т.н. бизнис ангели, меѓутоа тоа се многу ретки и со ограничени технички, оперативни и финансиски услови, за да имаат некакво влијание врз развојот на овој сектор и врз економијата воопшто.

Со Стратегијата за развој на финансиските пазари до либерализација, иновативни решенија и нови инструменти

Од сето погоре изложено, потребата од динамизирање на финансиските пазари во земјава е несомнено. Во услови на ограничени финансиски ресурси, финансирањето на економскиот раст треба да произлезе од поефикасна алокација на средствата. Тоа значи зголемување на можностите за финансирање на поризични проекти, кои доколку банките (заради објективните ограничувања) не се во можност поинтензивно да се вклучат, напорите за развој треба да се насочат кон другите сегменти на финансиските пазари кои имаат развиени механизми за тоа. Колку е поразвиен националниот пазар на капитал, толку компаниите полесно и поуспешно ќе се справуваат со секоја нова ситуација, нема да зависат само од банкарското финансирање и ќе ја зајакнат својата меѓународна конкурентност.

Со Стратегијата идентификувавме четири стратегиски правци, кои ги преточивме во конкретни цели и мерки (од кои дел се веќе во фаза на подготовка). Тоа се 1.) Подигнувањето на учеството на индивидуалните и институционалните инвеститори преку зголемување на побарувачката за домашните хартии од вредност; 2.) Зголемување на инвестициските алтернативи преку зголемување на понудата на сопственички и должнички хартии од вредност, 3.) Унапредување на регулативата за усогласување со европските директиви и 4.) Подигнување на свеста и финансиската едукација на корпоративниот и секторот на домаќинства.

Во однос на првата насока на дејствување на Стратегијата – стимулирање на побарувачката – предвидено е да се потикне преку повисоки приноси како резултат на мерките за намалување на трансакциските, информациските и даночните трошоци. Дополнително, планирани се промени во регулаторните ограничувања на достапноста на значајни информации во прилог на проширување на портфолио инвестиции на домашните и странските институционални инвеститори како и унапреденото корпоративно управување на котираните компании на нашата Берза.

Во поглед на зголемување на понудата – предвидуваме издавање нови инструменти од државата кои се во склоп на остварување на целите на Планот за забрзан раст, но, исто така, ќе бидат додадена вредност во понудата на нашиот пазар на капитал и начинот на финансирање на државата. Имено, подготвуваме воведување на развојни, инфлациски, зелени, проектни и регионални обврзници. Дополнително, предвидено е олеснување на процедурата, како и значителни регулаторни и даночни олеснувања и стимулации за зголемување на бројот на котирани компании во Берзата и извршување на инцијални јавни понуди вклучително на државни компании и нивна целосна или делумна приватизација.

Промените на регулаторната рамка се во насока на зголемување на ефикасноста на работењето на регулаторните тела, сеопфатност како и брзото приспособување во променливиот и иновативниот амбиент во финансискиот сектор. Во овој домен, следејќи ги добрите практики од развиените земји се увиде потреба на обединување на регулаторните тела на небанкарските институции, со цел зголемување на нивните капацитети и оперативната ефикасност.

Предвидени се и значаен број законски измени и нови законски решенија со цел олеснување на функционирањето и постигнувањето на целите предвидени со Стратегијата. Дел од тие законски решенија се во фаза на подготовка или веќе подготвени, како Законот за финансиски инструменти, Законот за проспекти и транспарентност, Закон за инвестициски фондови, законски решенија во областа на алтернативните инвестициски фондови, Законот за платежни услуги и платни системи, Законот за финансиски друштва, Законот за финансиска стабилност како и започнување на изготвување на законско решение за користење и инвестирање

во криптосредства. Овие нови законски решенија покрај усогласувањето со добрите воспоставени практики од развиените земји и европските директиви, нудат и специфични решенија за адресирање на идентификуваните недостатоци.

Со новиот Предлог-закон за платежни услуги и платни системи се овозможува влез на нови институции на пазарот, особено од финтек секторот, кои нудат платежни услуги преку иновативни и дигитализирани решенија, со што ќе се засили конкуренцијата на пазарот од и од аспект на квалитет на услуга и од аспект на трошоци. Дополнително, тоа влијае и на намалување на готовинското циркулирање на парите, што значи подобра контрола и поефикасна борба со сивата економија. Во иста насока, се цели и со изготвување на законот за криптовалути, со кој ќе се воведе рамка за употреба и контрола на крипто-средствата, како нов иновативен финансиски производ, но и перспективите на развојот кон платежно средство на иднината.

Финансискиот сектор и инструментите кои се предмет на континуирано подобрување и приспособавање одговарајќи на новите потреби, налагаат добро познавање од страна на инвеститорската јавност. За таа цел и последната дефинирана стратешка определба е унапредување на свеста на јавноста преку финансиска едукација. Предвидени се различни програми за унапредување на капацитетите, како формирање на меѓуинституционално тело за имплементирање на активностите за зголемување на нивото на финансиска едукација, како и долгорочно имплементирање на сеопфатни програми со посебен фокус на младите, а со цел потикнување на нивното учество во пазарот на капитал.

Предизвици и перспективи

Комплексноста, поголемата динамика на промени, зголемената меѓународна интеграција и забрзаната дигитализација на пазарите на капитал, покрај придобивките носат и голем број предизвици. Прелевањето на шоковите од меѓународните пазари на капитал, регулаторните потешкотии, како и заштитата од сајбер-напади, се само дел од ризиците со кои пазарите се соочуваат. Ова укажува на потребата за зголемен капацитет и подготвеност на институциите во превенција и менаџирање на овие ризици.

Сепак, придобивките за стопанството и економијата од либерализацијата на пазарите и мобилизирање на средствата се огромни. Диверзифицирањето на изворите на финансирање за претпријатијата, овозможувањето на пристап до инструменти кои ќе бидат во прилог на политиките за менаџирање со ризик, креирањето на повеќе инвестициски алтернативи, привлекувањето на значителни нови свежи средства за инвестиции, ќе придонесат кон целите за забрзување на растот, зголемената вработеност и унапредувањето на животниот стандард на граѓаните.

Координираниот институционален пристап, инклузивноста и хармонизираноста со светските трендови според кои се водиме во конципирањето на решенијата предвидени со оваа Стратегија како и силната определба на Министерството за финансии за нивна реализација, ќе бидат препознаени и ќе се одразат преку зголемена доверба кон финансиските пазари и ефектуирање на нивниот потенцијал во економијата.

Економија

Македонско возило привлече внимание на улиците на Будимпшета: GREEN MACHINES чисти снег кај будимската тврдина

Објавено пред

Деновиве, возило на Green Machines на БРАКО – Велес, привлече внимание на улиците на Будимпешта, додека ја чистеше од снег Будимската тврдина, едно од најзначајните културно-историски обележја на унгарската престолнина.

dobivaj vesti na viber

Иако по димензии е значително помало во споредба со класичните камиони за чистење снег, Green Machines возилото се покажа како исклучително ефикасно токму таму каде што големата механизација има ограничен пристап – на пешачки зони, патеки и тешко достапни делови, особено во културно заштитените подрачја и објекти.

Додека тешките машини се користат за расчистување на главните сообраќајници, возилото произведено во БРАКО обезбедува прецизно и безбедно одржување на јавната хигиена и зимската проодност во чувствителни урбани средини, каде што се бара внимателен пристап и современа технологија.

Истото возило кое во текот на годината ја одржува чистотата на градските улици, паркови и плоштади, во зимски услови успешно се користи и за чистење снег, што уште еднаш ја потврдува универзалноста и мултифункционалноста на возилата на Green Machines на БРАКО.

Фактот што вакво македонско индустриско решение е ангажирано во една европска метропола како Будимпешта претставува силна потврда дека нашите возила не само што се извезуваат, туку и се избираат за работа во најсложени и најчувствителни услови – од секојдневна урбана хигиена до зимско одржување, во повеќе од 60 држави низ светот.

(ПР)

Прикажи повеќе...

Економија

Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти

Објавено пред

Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.

dobivaj vesti na viber

Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.

На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.

Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.

Прикажи повеќе...

Економија

Македонија добива можност да учи AI од Google, Microsoft, Amazon и IBM

Објавено пред

AIatWork од денес овозможува 14-дневен целосно бесплатен пристап до својата платформа, со цел вештачката интелигенција да стане разбирлива, применлива и достапна за поширок круг корисници во Македонија.

dobivaj vesti na viber

Со бесплатниот 14-дневен пристап, корисниците добиваат можност практично да ја испробаат платформата и да користат водечки AI модели како ChatGPT, Gemini и Claude, над 50 практични AI алатки за пишување, анализа, дизајн и автоматизација, како и онлајн курсеви во живо, водени од AI практичари со искуство во глобални технолошки гиганти како Google, Microsoft, IBM и други.

Во Македонија вештачката интелигенција сè уште често се доживува како нешто нејасно и тешко совладливо за луѓето без ИТ позадина. Исто така AI често се поистоветува со една алатка, наместо да се разбере како поширок сет на практични решенија што веќе се користат во секојдневната работа низ светот. Голем дел од популацијата би сакала да знае да користи AI, но не знае кои алатки се навистина релевантни и како AI реално може да им помогне во работата.

Токму тука AIatWork се појавува како практичен одговор, нудејќи јасна насока за практична употреба на AI во секојдневната работа.

Во видеото што е дел од објавата, тимот на AIatWork објаснува дека изминатите месеци биле посветени на унапредување на корисничкото искуство и поддршката на платформата, со јасна цел: секој нов корисник уште од првиот момент да знае точно од каде да започне со изучување на вештините и алатките на иднината.

Само овој месец, на платформата се одржуваат 12 активни AI курсеви, во соработка со експерти и компании како Boeing, Google и Salesforce.

Во време кога AI станува составен дел од работата ширум светот, за земји како Македонија таа претставува можност за побрза дигитална трансформација и зголемена конкурентност. Бесплатниот пристап им овозможува на корисниците самите да проверат како AI може да им помогне во секојдневната работа, без ризик и без обврска.

Прашањето повеќе не е дали AI ќе стане дел од работата, туку дали ќе бидете подготвени кога тоа ќе се случи.

Пробајте AIatWork бесплатно – 14 дена, без обврска.

 

(ПР)

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија3 часа

Војници во влага, на перници стари со децении, со прибор стар 20 години и руинирани тоалети – синдикатот алармира по појавата на шуга во велешката касарна

Независниот синдикат на професионални војници, реагира поради појавата на шуга кај новопримените професионални војници во касарната „Алексо Демниевски – Бауман“...

Македонија5 часа

Српската полиција се огласи по киднапирањето на Даниел Кајмакоски: Се трага по двајца осомничени

Министерството за внатрешни работи на Србија соопшти дека полицијата трага по две лица осомничени за киднапирање на македонскиот пејач Даниел...

Македонија7 часа

(Видео) Договорено покачување на платите за околу 11.000 административци до 2028 година

Околу 11.000 вработени во јавната администрација, судовите и обвинителствата ќе добијат покачување на платите од речиси 40 отсто до 2028...

Македонија8 часа

Кајмакоски е дома; Рашиќ: „Смирено и храбро се соочил со киднаперите, но му треба мир“

Mиланка Рашиќ, која е задолжена за односи со јавноста за Даниел Кајмакоски, соопшти дека разговарала со него по ноќта помината...

Македонија10 часа

ВМРО-ДПМНЕ реагира: Заев се јави во одбрана на својот криминал, тој е таткото на бизнисот со канабис

Олицетворението на криминалот, главата на октоподот во корупцијата и лидерот на СДС од сенка, Зоран Заев се јави во одбрана...

Македонија11 часа

Заев се закани со тужба, тврди дека не е поврзан со конфискацијата на канабисот и облакодерите во Дубаи: „Шират лаги и клевети“

Поранешниот премиер Зоран Заев преку статус на Фејсбук порача дека по пет години молк, сега е подготвен да одговори со...

Култура12 часа

Почина Бред Арнолд – пејачот на американскиот бенд 3 Doors Down

Бред Арнолд, пејачот и основач на американскиот рок-бенд 3 Doors Down, најпознат по хитовите „Kryptonite“, „When I’m Gone“ и „Here...

Свет12 часа

Во Дубаи уапсен сторителот на обидот за атентат врз рускиот генерал Алексеев, ФСБ уапси и соучесник во Москва

Сторителот на обидот за атентат врз генерал-полковникот на руската воена разузнавачка служба, Владимир Алексеев, беше приведен во Дубаи и предаден...

Свет23 часа

(Видео) Протести против Зимските олимписки игри во Милано: демонстрантите фрлаа димни бомби и шишиња кон полицијата

Илјадници луѓе се собраа во Милано на протест против Зимските олимписки игри само еден ден по церемонијата на отворање во...

Македонија1 ден

(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат

Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на...

Македонија1 ден

Двегодишно дете со тешки телесни повреди од Битола пренесено во Скопје, го нападнале кучиња скитници додека си играло

Лекарите од Клиничката болница во Битола вчера во полиција приавиле дека примиле двегодишно дете со тешки телесни повреди по напад...

Македонија1 ден

(Видео) Петрушевски: Од 27 тони запленета дрога, повеќе од две третини е на фирма на соработник на Зоран Заев

Над 2/3 од 27 тони запленета дрога е од фирма на кадар на СДС, соработник на Зоран Заев, рече денес...

Македонија1 ден

Левица ќе иницира разрешување на Ристовска, имаат информации за понижување, викање и навреди во ДКСК

Наместо да ја насочи својата енергија кон расчистување на корупцијата, членката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Цвета...

Свет1 ден

Низ разузнавачките канали протекоа детали за „Дмитриев пакет“, вреден е 12 трилиони долари, вели Зелениски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека постои ризик САД и Русија да склучат билатерални договори кои се однесуваат на Украина,...

Свет1 ден

Судот нареди на администрацијата на Трамп да врати од Хондурас три депортирани семејства и да ги плати трошоците за враќање

Окружниот суд во Сан Диего пресуди федералната влада на САД да ги врати трите семејства од Хондурас, наведувајќи дека нивното...

Македонија1 ден

Независниот полициски синдикат утре организира протестен марш во Битола: За закани за тепање и убивање полицајци се оди во притвор

Независниот полициски синдикат (НСП) утре во Битола организира марш за еднакво спроведување на законите кон сите сторители на кривични дела,...

Македонија2 дена

Магла ја намали видливоста до 60 метри на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица

Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози соопшти Авото-Мото Сојузот на Македонија (АМСМ), Намалена видливост...

Македонија2 дена

Најдоцна до јуни реконструкција на владиниот кабинет, Ковачки е нов генерален секретар на партијата, соопшти Мицкоски

Денес заседаваше Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на кој беа донесени важни одлуки за понатамошното јакнење и модернизација на партијата, истакна...

Македонија2 дена

Полицајци, наставничка и пожарникар земале пари од граѓани за да им средат побрзо да извадат лични документи

Двајца полицајци, наставничка и пожарникар се осомничени за примање поткуп и примање награда за противзаконито влијание односно за пари овозможувале граѓаните...

Македонија2 дена

Воени возила и дронови во Охрид и Радожда, од утре обука на специјалците од војската на Белгија

Од 07 до 20 февруари 2026 година, на подрачјето на Охрид и струшкото село Радожда, ќе се реализираат активности за...