Економија
Бесими: Финансирање на мерките за ублажување на ефектите од постојната криза, сo задржување на контурите на фискална консолидација
На крајот на јануари државниот и јавниот долг се намалија неколку проценти поени во однос на нивото од 2020 година и изнесуваат 48,7% и 57% соодветно. Во собраниска процедура е Законот за буџети со кои се пропишува лимит за јавниот долг од 60%. ММФ проценува дека за земјите од регионот 70% е нивото на долг кој нема да го загрозува економскиот раст. Намалување на буџетскиот дефицит, во насока на стабилизирање на долгот е политика која ќе се спроведува на среден рок, додека на кус рок, фискалната политика ќе се концентрира на заздравување на економијата и поддршка на стандарот на граѓаните, пишува во најновата колумна министерот за финансии Фатмир Бесими.
„Според проценките на Меѓународниот монетарен фонд и на експертите за земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа, прагот од 70% нема да делува негативно на економскиот раст на овие економии. Нашиот јавен долг е далеку под овие прагови. Според последните податоци за државниот и јавниот долг кај нас, на крајот од јануари годинава тие изнесуваат 48,7% и 57% соодветно. Гарантираниот долг изнесува 7,95%. Во однос на крајот на 2020 година, ова е намалување од 4 процентни поени кај јавниот долг и 3,2 процентни поени кај државниот долг. Инаку, според фискалните правила дефинирани како Мастришки критериуими, кои веќе се составен дел на предложениот Закон за буџети, кој е во собраниска процедура, предвидуваат прагови од 60% за долгот на општата влада и 15% гарантираниот долг како процент од БДП, според кои кумулативно јавниот долг може да достигне ниво од 75% од БДП. Секако, во новиот предлог закон за буџети се дефинира и буџетскиот дефицит да не надмине ниво од 3% од БДП“, пишува министерот за финансии.
Тој посочува дека согласно ревидираната Стратегија за јавен долг 2022-2024 (со изгледи до 2026 година) очекувањата беа дека 2021 година ќе ја завршиме со јавен долг од 61,2% и државен долг од 52%. Сепак, остварувањата се нешто пониски од оваа проекција. За годинава очекувањата за јавниот и државниот долг согласно Стратегијата е дека истите ќе изнесуваат 63,5% и 53,4%, но мора да се има предвид и пониската стартна основа, како и новонастанатите случувања со Украина.
„Годинава, согласно Буџетот за 2022, за финансирање на буџетскиот дефицит и на обврските кои достасуваат за отплата на странскиот и домашниот пазар потребни се 894,9 милиони евра (од кои 545,2 милиони евра за покривање на буџетскиот дефицит, 186 за отплата на надворешен и домашен долг и 164 милиони евра за отплата на камати). Изворите од кои ќе се финансираат овие потреби се државните хартии од вредност на домашниот пазар во износ од 350 милиони евра, еврообврзница која е иницијално планирана на сума од 250 милиони евра, заеми од меѓународни институции за финансирање проекти во износ од околу 95 милиони евра и користење на депозитите во износ од околу 203 милиони евра. Притоа, како што понатаму во текстот објаснува, за поддршка на стопанството и избегнување на евентуална стагфлација, препорачливо е да се фокусираме на надворешни извори на финансирање, посочува Бесими.
Буџетскиот дефицит за 2022 е проектиран на 4,3%. Согласно фискалната стратегија 2022-2024 (со изгледи до 2026), се планира буџeтскиот дефицит да се намали на 3,5% во 2023 година, 2,9% во 2024 година, 2,5% во 2025 година и 2,2% во 2026 година. Согласно тоа, очекувањата за јавниот и државниот долг се дека до 2026 ќе се сведат до 56,5% и 50% соодветно.
„Фискалната консолидација е дел од нашата фискална стратегија. Се оди кон максимално рационализирање на расходите, со истовремено зголемување на развојната компонента на буџетот. Истовремено, се преземаат повеќе системски активности за зголемување на приходната страна – како мерките и активностите во борбата против сивата економија и подобрувањето на капацитетите на институциите за наплата на давачките“, вели министерот за финансии.
Тој посочува дека мора да се има предвид и новонастанатата ситуација со растот на цените на енергентите.
„Исто како и во ковид-19 кризата, доколку не се реагира на време, ќе има значајни социјални и економски последици. Досегашната реакција значи помалку даночни приходи и дополнително повеќе фискални издатоци за поддршка на граѓаните и фирмите. Оттука, најважно е да се продолжи со поддршка на закрепнувањето на економијата, бидејќи бавното и долго економско закрепнување може, исто така, да придонесе кон раст на јавниот долг како процент од БДП“, истакнува министерот за финансии во колумната.
Следни чекори остануваат ребалансот (со ревидирани макроекономски и фискални проекции), како и начинот на финансирање на мерките за ублажување на ефектите од постојната криза, а притоа да се задржи компонентата на раст на економијата, а во исто време да ги задржиме контурите за фискална консолидација на среден рок во услови на раст на цените и каматните стапки.
Бесими истакнува дека Владата е подготвена да презема и нови мерки во насока на заштита на стандардот на граѓаните и поддршка на заздравувањето на економијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.

