Економија
Бислимоски за мерките за штедење: Дојдов на работа по скали, не го користев лифтот
Државните институции од денес имаат задолженија за намалување на потрошувачката на електрична енергија, а мерки за штедење ќе преземе и Регулаторната комисија за енергетика.
Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, на денешната прес-конференција рече дека регулаторното тело веќе почнало да штеди, а тој ги сфатил мерките најсериозно и не користел лифт кога дошол на работа.
„Како што гледате, јас денеска дојдов по скали на работа. Имам проблеми со тежината и планирам да ја намалам. Осветлението е ограничено, немаме пуштено ладење и сите мерки што се за штедење ќе ги преземеме. Целата јавност треба посериозно да се однесува кон мерките за штедење во услови на цени од 700 до 800 евра за мегават-час на слободниот пазар“, рече Бислимовски, кој како прв човек на РКЕ ќе треба да ја намали сметката за септември за 15 % во однос на сметката од лани за истиот период.
Првиот човек на РКЕ зборуваше и за новиот начин на пресметка на фактурите од „ЕВН хоум“, кој ги збуни граѓаните кои мислат дека се работи за нова давачка.
„Нашите одлуки ги усогласивме со европската пракса и сега граѓаните добиваат сметка со посебни ставки за користење на преносната и дистрибутивната мрежа. Не постои никаква нова давачка. Кога ќе се собере трошокот за мрежарината и со потрошената енергија ќе се добие вкупната цена. Сѐ е исто, само сега е издвоено да гледаат потрошувачите колку ги чини струјата и колку ги чини преносот на електрична енергија.
Сега граѓаните може да видат дека евтината струја ги чини 10 евра за мегават-час. Кога ќе се спореди оваа цена со она што е на берзата во Унгарија, која е референтна берза за нашиот регион, се гледа дека цените за граѓаните се неколкукратно пониски, објасни тој.
На сметките преносот и дистрибуцијата се повисоки од цената на електричната енергија, што предизвика сомнежи кај граѓаните дека ЕВН им наплатува повеќе за електрична енергија.
„Единствена причина за зголемувањето на цената на преносот и мрежата е набавката на загуби за електрична енергија. Во 2021 година загубите на слободниот пазар се набавуваа помеѓу 50-60 евра за мегават-час. Со цел да не се предизвика криза, ЕСМ како државна компанија понуди цена од 143 евра за мегават-час за загуби. Доколку ЕВН ги набавуваше овие загуби на слободниот пазар како што го прави тоа од 2012 година, цените ќе беа од 500 до 800 евра.
Мрежните услуги се природен монопол и се регулирани од регулаторите секаде во Европа. Ова кај компаниите што се излезени на слободниот пазар функционира беспрекорно од 2014 година, истакна Бислимовски.
Орце Костов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Николоски: Градежништвото повторно со двоцифрен раст
Вицепремиерот Александар Николоски соопшти дека градежниот сектор бележи раст од 14,6 проценти во четвртиот квартал од 2025 година, истакнувајќи дека во земјата се реализираат бројни капитални проекти.
„Раст од 14,6% бележиме во време кога ги градиме капиталните проекти, автопатите, железницата, регионалните и локални патишта и голем број комунални проекти“, напиша Николоски на Фејсбук.
Тој посочи дека градежништвото бележи континуиран пораст во текот на 2025 година.
„Особено ме радува фактот што градежништвото е во континуиран пораст и тоа во 2025 година во третиот квартал имавме 21% раст, а четвртиот квартал бележиме 14,6% раст (и покрај зимскиот период каде поради природните услови градежните активности се намалуваат)“, наведува Николоски.
Според него, Македонија е меѓу земјите со најголем раст на БДП, при што во четвртиот квартал економијата пораснала за 3,8 проценти.
„Македонија се гради и се развива – следуваат нови инфраструктурни проекти“, објави Николоски на својот Фејсбук профил.
Економија
Од полноќ поскап бензин, цената на дизелот останува иста
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,13% во однос на одлуката од 27.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,977%, кај дизелот за 0,464%, кај екстра лесното масло за 0,370% и кај мазутот зголемувањето е за 3,965%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,1035%.
Од 3.3.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 35,542 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,022 ден/кг и сега ќе изнесува 35,542 ден/кг.
Економија
ТИТАН Усје: Работиме согласно сите закони, емисиите се мерат 24 часа со независен мониторинг – нема надминувања на лимитите
ТИТАН Усје соопшти дека повеќе од 70 години работи како одговорна компанија во земјата, придонесувајќи за националниот развој, локалната економија и снабдувањето со основни материјали за клучни инфраструктурни објекти, меѓу кои болници, брани, патна и јавна инфраструктура.
Од компанијата наведуваат дека грижата за животната средина е нивна основна вредност и дека ја следат јавната дебата поврзана со квалитетот на воздухот и заштитата на животната средина, давајќи, како што велат, транспарентен придонес кон решавање на овие прашања.
„Работиме целосно во согласност со сите важечки закони, подзаконски акти и барањата на нашата А – Интегрирана еколошка дозвола – честопати применувајќи внатрешни стандарди кои се и построги од законските обврски. Нашите емисии континуирано се мерат преку 24-часовен независен мониторинг, со податоци јавно достапни и редовно доставувани до надлежните органи и до медиумите. Редовните и ненајавените инспекции од страна на надлежните тела не констатираат никакви надминувања на законските лимити“, велат од ТИТАН Усје.
Како членка на Групацијата ТИТАН, компанијата информира дека ги следи меѓународно признатите практики и ESG стандарди, со долгорочна посветеност на заштитата на животната средина, вклучувањето на заедницата и современото корпоративно управување.
Во изминатите 15 години, ТИТАН Усје инвестирала повеќе од 29 милиони евра во одржливо производство и еколошки технологии, а дополнителни три милиони евра се планирани до 2029 година.
Од компанијата посочуваат дека нивни приоритети остануваат партнерствата, благосостојбата на вработените и континуираната поддршка на заедницата.

