Економија
Бељули: Со активни мерки за вработување ќе го намалиме јазот помеѓу понудата и побарувачката на работна сила
Проблемот со невработеноста и недостатокот на работна сила во Република Северна Македонија е доста комплексен и е условен од повеќе фактори. И покрај тоа што во Агенцијата за вработување во месец август 2024 година, евидентирани се 99.142 активни баратели на работа, работодавачите сè почесто изразуваат загриженост поради тешкотиите во наоѓање квалификувани работници. Една од причините поради која работодавачите се соочуваат со потешкотии при пополнување на слободните работни места е недостатокот на работници со соодветно образование и соодветни квалификации“, кажа директорот на Агенцијата за вработување на Северна Македонија, Сељатин Бељули на првата трибина од Платформата 100 % за тебе.
Според директорот, 61% (60194) од евидентираните баратели на работа се без образование или со завршено основно образование. Тие во најголемиот број не поседуваат никакви знаења и вештини за извршување на конкретни работни задачи, односно тоа се лица без никакво занимање. Тоа ги прави овие лица тешко вработливи, а долгорочното отсуство од пазарот на трудот, дополнително го отежнува нивното вклучување на истиот.
„Од друга страна, голем број од овие невработени лица се корисници на социјална парична помош, бидејќи Законот за социјална заштита ги обврзува да се пријавуваат во Агенцијата за вработување како активни баратели на работа“, потенцираше Бељули и кажа дека тоа значи дека тие имаат некаков приход по основ на парична помош во семејството, со кој покриваат основни животни трошоци, а сето ова ја намалува нивната мотивација да се вклучат во некои обуки за подигање на нивните знаења и вештини кои ќе им овозможат побрза интеграција на пазарот на трудот. „Токму тука е и предизвикот на Агенцијата за вработување и другите надлежни институции за да креираме и преземеме мерки за нивна активација и интеграција на пазарот на трудот, со што ќе се намали нивната пасивност и зависност од социјална парична помош“, кажа директорот на Агенцијата за вработување.
Директорот потенцираше дека исто така работодавачите се соочуваат и со други потешкотии при пополнување на работните места, како што се: недостаток од поседување на практични знаења и вештини за извршување на работните задачи во конкретното занимање; недостаток од основни или напредни компјутерски вештини; непознавање на странски јазици (за работни места каде овие знаења се неопходни) и сл.
„Меѓутоа, би сакал и да напоменам дека многу често и понудената плата од страна на работодавачите е причина за слабиот интерес за пополнување на работните места. Работодавачите најчесто бараат работници кои, покрај дипломата за завршено образование, треба да поседуваат и низа сертификати за стекнати знаења и вештини надвор од процесот на формалното образование. Но, наспроти тоа, недоволно ги вреднуваат нивните знаења и понудената плата за потенцијалните кандидати за вработување не е соодветна. Тоа се главно причините поради кои се јавува јазот помеѓу понудата и побарувачката на работната сила, па оттука е и клучната улога на Агенцијата за вработување и нејзините активности се насочени кон поуспешно поврзување на понудата и побарувачката на работна сила“, кажа Бељули и потенцираше дека во изминатите 100 дена откако е именуван за директор на Агенцијата за вработување покренати се повеќе иницијативи за развивање активности за вклучување на ранливите категории на пазарот на трудот, особено младите лица и долгорочно невработените.
„Во насока на намалување на невработеноста, Агенцијата за вработување спроведува голем број активни програми, мерки и услуги за вработување, како дел од годишните оперативни планови. Од година во година се одделуваат се повеќе средства за реализација на активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот, а со тоа се повеќе граѓани добиваат можност да се вклучат на пазарот на трудот. Со програмите и мерките за вработување се обезбедува: од една страна, креирање на нови работни места (како што се Програмата за самовработување, Програмата за поддршка за креирање на нови работни места, каде спаѓаат Субвенционирано вработување, Вработување и раст на правни субјекти и Поддршка за вработување на лица со попреченост). Oд друга страна, програми и мерки кои овозможуваат зголемување на вработливоста на невработените лица, преку подигање на нивните знаења и вештини (како што се Програмата за практикантство, и различни видови на обуки, односно обуки за побарувани занимања, Обука за стручни квалификации според барањата на работодавачите, Обука на работно место кај конкретен работодавач, Обуки за напредни ИТ вештини и др.)“ кажа директорот.
Според него, Агенцијата за вработување развива и спроведува и услуги за зголемување на конкурентноста на работната сила и задоволување на потребите на пазарот на трудот. Притоа, се применува индивидуален пристап во работењето ориентиран кон потребите на невработените лица и работодавачите.
„Во овој контекст би ги споменал услугите за вработување за невработените лица, и тоа: Посредување при вработување по барање на работодавач, Помош при барање работа, Организирање инфо средби, Мотивациски обуки, Професионална ориентација и кариерно советување, Советување и мотивација за корисници на гарантирана минимална помош и друго. Во наредниов период ќе бидат анализирани сите ефекти од досегашната имплементација на мерките за вработување и ќе се земат предвид при креирање на новиот ОП за 2025 година. Нашата цел не е само да се пресликаат досегашните мерки, наша цел е да се креираат мерки кои ќе дадат ефекти и одржливост на работните места, да се избалансира понудата и побарувачката на работната сила, земајќи ги предвид дигитализацијата и праведната транзиција кон зелена економија. Притоа, посебен фокус ќе биде вклучувањето на младите лица, со цел да спречиме одлив на младата работна сила во странство и да се создадеме услови нашите студенти кои студираат во странство практично да го спроведат своето знаење во државава“, кажа Бељули.
Директорот потенцираше дека сите овие активности ќе бидат координирани во тесна соработка меѓу надлежните министерства од областа на пазарот на трудот и образовниот сектор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

