Економија
Бислимоски: Произведената струја од обновливи извори може да снабди 65.700 домаќинства

За една година Регулаторната комисија за енергетика издала 267 лиценци за производство на електрична енергија од обновливи извори, најмногу за фотоволтаични централи, а во првите работни денови пристигнати се 13 нови барања за фотоволтаици.
Минатата година инсталирани се производни капацитети што се приклучени или на преносна или на дистрибутивна мрежа. Најмногу 106,5 мегават-часа се произведени од фотоволтаични електрани, 36 мегават-часа се од ветерната електрана во Свети Николе, која е прва приватна компанија, 7,2 мегавати се од мали хидроелектрани и 2,5 мегавати се од електроцентрали што користат биомасло.
„Вкупниот инсталиран капацитет за производство на инсталирана електрична енергија е зголемен за седум проценти во однос на 2021 година. Инсталираниот капацитет на овие електрани од обновливи извори одговара на капацитетите на ХЕЦ ‘Козјак’, ХЕЦ ‘Света Петка’ и ветерниот парк во Богданци. Оваа произведена струја од обновливи извори може да снабди 65.700 домаќинства или приближно шест града заедно како Охрид, Тетово, Кратово, Крушево, Крива Паланка и Свети Николе. На овој начин се доаѓа до чиста енергија и ние во регионот сме напред во транзицијата. Во 2023 година имаме добиено нови 13 барања за фотоволтации и верувам дека ќе имаме нови 250-300 мегавати само оваа година“, соопшти претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.
Тој рече дека регулаторот ќе се концентрира на воведување подзаконска регулатива за поставување батерии со цел да се олесни балансирањето на целиот енергетски систем.
„Батериите како технологија се релативно скапи и може да ја зголемат цената од 20 до 30 %. Но, има субвенции што драстично ќе ја намалат таа разлика. Некои искуства покажуваат дека во производствената цена на струјата, батеријата ќе учествува со удел помеѓу 10 и 20 отсто“, додаде Бислимоски.
Орце Костов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
АД ЕСМ со најповолна понуда за електрична енергија, соопшти „ЕВН хоме“

ЕВН Хоме како универзален снабдувач на електрична енергија, на тендерот за набавка на електрична енергија за задоволување на потребите на корисниците за периодот јули-декември 2025 доби најповолна понуда од АД ЕСМ со купопродажна цена на електрична енергија од 62 евра за мегаватчас, за покривање на 100% од вкупно планираните количини, соопштија од таму.
Оваа цена, како што појаснуваат, е идентична со претходната која беше добиена на последниот тендер на Универзалниот снабдувач (јануари-јуни 2025), кога АД ЕСМ понуди купопродажна цена од 62 евра за мегаватчас.
„Под комплетен надзор на Регулаторната комисија за енергетика и согласно законските обврски и претходно утврдената методологија, во наредниот период ЕВН Хоме ќе ја пресмета цената на електрична енергија по однапред утврдени влезни параметри.
Како и секогаш, во крајната цена влегуваат: цената по која АД ЕСМ ја продава електричната енергија на ЕВН Хоме, цената на Преносниот систем оператор МЕПСО, цената на Операторот на пазар на електрична енергија МЕМО, како и цената на Дистрибутивниот систем оператор Електродистрибуција“, се истакнува во соопштението.
Економија
„Угостителскиот сектор и градежништвото со најголем раст од 7,1 отсто, зголемувањето на вработеноста, платите и на пензиите ја зголемија потрошувачката“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Во услови на сериозни економски предизвици во државата и во поширокиот регион, кога земјите од Европската унија се соочуваат со сериозни проблеми во економијата, Македонија покажа како со добро смислени мерки и политики, успешно се надминуваат предизвиците. Од преземањето на одговорноста ВМРО-ДПМНЕ да ја води Владата, македонската економија бележи последователен раст“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Растот од 3% на БДП во првиот квартал од годинава е продолжување на трендот на раст на економијата од втората половина на минатата година.
Широкиот опфат на мерки и на поддршка на стопанството и граѓаните кои Владата ги презема и реализира до сега, го даваат својот резултат.
Тоа може да се заклучи и по тоа што растот на БДП, не е само поради раст на само една гранка во стопанството, туку тој се заснова на широка основа во сите стопански гранки.
Двигатели на овој раст се услужниот сектор и градежништвото со по 7,1 проценти, при што со инвестицискиот циклус кој што престои, градежништвото ќе биде главен двигател и во иднина.
Како резултат на досега преземените мерки за раст на вработеноста, на платите и пензиите се зголеми и потрошувачката на граѓаните, која заедно со зголемената побарувачка поттикната од значително зголемување на бруто инвестициите за 18% и на потрошувачката за 1,9%, имаат значителен придонес во растот на БДП.
Значителен раст има и кај стручните и научни технички дејности од 4,8%, информации и комуникации 3,6%, како уметноста, забава и рекреација, како и индустријата од 2,1 проценти и преработувачката индустрија од 3,7%.
Индустријата забележа раст од 2,1 процент во услови на зголемено производство во преработувачката индустрија од 3,7%, а позитивниот тренд на раст продолжи и во земјоделството.
Сиот овој раст не е случаен, туку тој е резултат на посветена работа и на добро проектирани мерки и активности за подобрување на економската состојба во државата.
За таа цел, од почетокот на годината скоро 11 милијарди денари од Буџетот се влезени во економијата преку компаниите коишто работат на изведба на инфраструктурни проекти, близу 500 милиони денари кон компаниите кои работат на општинските проекти, над 125 милиони евра за инвестиции на домашните компании преку Развојната банка.
И овде нема да се застане. Македонија ќе продолжи со засилено темпо да се трансформира, а македонската економија ад расте и да се развива.
Крајната цел на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е Македонија да ја направи земја на можности, и во таа насока посветено работи“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Економија
„Влен“: Ја носиме најголемата поддршка досега за младите, за жените и за претпријатијата

„Влен“ го најавува започнувањето на мерка 2.1 Вработување и раст на претпријатијата, дел од Оперативниот план за вработување, за којашто велат дека е една од најконкретните, најдиректните и најмоќните иницијативи за промовирање нови вработувања и развој на претпријатијата во нашата земја.
„Оваа мерка има за цел не само да создаде нови работни места, туку и да ги зајакне локалните бизниси, што е голем чекор кон посилна, пофер и поинклузивна економија!
Право на аплицирање имаат: Микро, мали и средни претпријатија; Граѓански организации заинтересирани за создавање нови работни места; Нови претпријатија основани преку Програмата за самовработување во 2024 година“, велат од „Влен“.
„Финансиската поддршка за секој вработен е следнава: 250.000 денари за млади лица до 29 години; 220.000 денари за жени, Роми и корисници на минимална помош; 160.000 денари за вработени над 29 години кои не припаѓаат на горенаведените категории.
Корисниците мора да потпишат договор за вработување со вработениот во период од 9 до 15 месеци.
„Влен“ продолжува да докажува дека промената не е само зборови, туку конкретни дејствија во корист на граѓаните и локалната економија“, се додава во соопштението на „Влен“.