Економија
Битиќи и Деспотовски: Kреираме развој со поддршка на инвестиции на домашни и странски компании
Можностите за инвестиции и поддршка од државата особено за домашните компании, идни мерки како и презентација на примери на македонски компании кои со поддршката од државата градат успешни приказни беше во фокусот на денешната панел дискусија посветена на економијата и инвестициите. Настанот го организираа заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, а на панелот учествува и стопанственици и поранешниот премиер Димитар Ковачевски. Заменик-премиерот Битиќи нагласи дека за првпат домашните компании имаат поголема финансиска поддршка споредено со странските инвеститори, како и дека поддршката во последниве шест години е порасната за речиси 13 пати.
„Со гордост можам да кажам дека нашите напори во поддршка на домашните компании преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции покажуваат конкретни резултати. Прво што направивме е изедначување на условите за финансиска поддршка на домашните со странските компании. Од нула поддржани компании во 2016 година до 919 денес, нашата заложба за економски развој и иновации станува реалност. За шест години, Владата ги има поддржано со околу 100 милиони евра за нивните инвестиции кои се над 500 милиони евра”.
Овој панел на кој учествуваа и стопанственици и експерти, стави акцент на синергијата меѓу Владата и приватниот сектор за стимулирање на економскиот раст. Учесниците имаа ретка шанса не само да се запознаат со најновите трендови во инвестициите, туку и активно да учествуваат во креирањето на стратегија за иднината на македонската економија.
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски посочи дека само во ТИРЗ во последниве три години се постигнати договори во вредност од една милијарда евра што е еднакво на нивото на инвестиции во ТИРЗ од 2006 до 2020 година.
„Покажавме дека знаеме и дека можеме. Од револуционерни до стратешки инвестиции, одново и одново докажавме дека не само што ја разбираме играта, туку и одлично ја играме постојано, не само на полувреме. Почнавме да играме и во европска и светска лига, со Јагео, Гересхајмер и други, а имаме и многу домашни успешни приказни“.
Сања Лазаревска сопственичка на компанијата Фор Лејди и Филип Арсов, ко-сопственик на Синапс Авиејшн ги споделија своите успеси и предизвици, давајќи увид во реалното влијание на владините политики врз домашните компании. И двајцата посочија дека програмите за поддршка на домашните компании им помогнале во реализација на плановите и развој на компаниите.
Поранешниот премиер Ковачевски истакна дека – „економската стабилност и поддршката на инвестициите секогаш беа на врвот на нашите приоритети, и денес можеме да ги видиме плодовите од тие напори“.
„Владата која ја предводев вложи значителни ресурси во приватниот сектор, што овозможи раст на инвестициите и зголемување на платите, дури и во време на големи предизвици. Поставивме таргет за 500 вера просечна плата, денеска е 650 евра или 290 евра повеќе од времето пред 2017 година. Нашата евроатлантска ориентација донесе највисоко ниво странски директни инвестиции од 754 милиони евра затоа што инвеститорите сакаат стабилен и безбеден амбиент за вложувања. Можностите за развој на компаниите ќе се зголемат уште повеќе со членството на Северна Македонија во ЕУ и затоа е важно да се продолжи европскиот пат. Овој пат носи подобар животен стандард за граѓаните, подобра работа за компаниите, дополнителни фондови за развој на нашата економија. Има уште многу што да се сработи“.
На оваа панел дискусија стопанствениците дадоа свои предлози за идни мерки кои им се потребни на домашните компании, како и конкретните чекори што треба да се преземат за да се осигура одржлива економска иднина за земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Потпишан договор за реализација на новата инвестиција на турската компанија Шахтерм во ТИРЗ
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, потпишаа договор за реализација на новата турска инвестиција во Македонија. Со договорот кој го потпишаа во Бурса, се предвидува закуп на земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со површина од над 20.000 м2 и изградба на објект со површина од над 13.000 м2. Ова е прва од двете фази на реализација на инвестицијата.
Потпишувањето на договорот следи само 4 месеци по најавата за новата турска инвестиција во земјава. Турската компанија ја зголеми и првично планираната инвестиција од 70 милиони евра на 100 милиони евра. Според деловниот план компанијата во наредните 10 години предвидува отворање на 1000 нови работни места. Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.
Потпишувањето на договорот е во рамки на посетата на Турција на делегација на ТИРЗ предводена од Деспотовски во рамки на која е предвидена и презентација на инвестициските можности пред турски компании. На потпишувањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.
Инаку компанијата “Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.
Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.