Економија
Битиќи: Со соработка да го позиционираме регионот како атрактивна дестинација за нови инвестиции
Вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи присуствуваше и се обрати на првиот регионален „Иновациски бизнис-форум Пеперутка“ (Butterfly Innovation and Business Forum), кој е во заедничка организација на Регионалниот совет за соработка (Regional Cooperation Council – RCC) и универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и во соработка со Европската претриемачка мрежа (European Enterprise Network), INNO и Фондот за иновации и технолошки развој, а со поддршка на Европската Унија.
Обраќајки се на форумот, Битиќи посочи дека иновациите отвораат нови врати, при што се отвораат големи можности кои привлекуваат нови инвеститори, се креираат нови работни места и се генерираат дополнителни приходи за националните економии, но и за целиот регион на Западен Балкан. Развојот на иновативноста во земјите во регионот, во изминатите неколку години, го позиционира регионот на Западен Балкан на светската мапа за иновации, како атрактивна дестинација со забележлив технолошки развој и евидентен напредок.
„Северна Македонија има отворена и конструктивна комуникација со сите земји од Западен Балкан. Мило ми е што сите ние ги разбравме предностите коишто ги имаме како регион, а кои доколку се обединиме неминовно се поголеми и посилни. Како влади, создаваме политики кои ќе ги намалат границите меѓу регионалните партнери преку создавање пристапен дијалог за многу важни теми како што се дигитализацијата, иновациите и човечкиот капитал. Фондот за иновации и развој на технологија нуди многу инструменти кои ја поврзуваат Северна Македонија со нејзините регионални партнери, со перспектива да стане важен регионален стартап-центар кој не познава граници. Никогаш не сум се сомневал за важноста и придобивките од регионалната соработка, не само затоа што тоа е нашиот најинтелигентен начин да станеме посилни, туку можеби затоа што тоа е и нашиот најодржлив начин во однос на нашите ресурси“, нагласи Битиќи.
Вицепремиерот се осврна и на мерките на Владата за поддршка на иновативноста на домашните претриемачи, кои во голема мера се имплементираат преку инструментите на Фондот за иновации и технолошки развој.
„Северна Македонија сериозно влегува во дигиталната ера и ние постојано правиме нови чекори напред. Со задоволство можам да кажам дека во последните четири години нашиот Фонд за иновации и развој на технологија создаде разновидно портфолио од над 780 поддржани проекти, од кои околу 56% се стартап-претпријатија.
Со имплементирање на различните инструменти за поддршка на Фондот, ја покажуваме намерата да ги поддржуваме стартап-компаниите, кои имаат огромен потенцијал. Затоа, од година во година издвојуваме сè повеќе средства за поддршка на овие компании. Дозволете ми да споделам со вас дека во изминатите четири години преку инструментите на Фондот се реализирани инвестиции во вредност од над 88 милиони евра, а кофинансирањето од Фондот е 58% или околу 51 милион евра. Финансиската поддршка што Фондот ја понуди и продолжува да ја обезбедува на многу ентузијастички ориентирани претприемачи е од витално значење за солиден почеток. Горд сум што дизајниравме директен начин да им помогнеме на иновативните луѓе да ги претворат своите идеи во реалност. Ова е мотивирачко за стартап-заедницата и за целото општество, бидејќи сме сведоци на многу успешни приказни кои се изградени од нула и развиени со помош на инструментите на Фондот. Нашата главна цел е да создаваме можности и благодарен сум што го постигнавме и продолжуваме да го правиме тоа“, потенцираше во своето воведно обраќање вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Освен вицепремиерот Битиќи, на отворањето на иновацискиот бизнис форум се обратија и ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Никола Јанкуловски, генералната-секретарка на Регионалниот совет за соработка, Мајлинда Брегу, заменичката генерална директорка на директоратот за истражување и иновации во Европската комисија, Сигне Рацо, и директорот на Европскиот иновациски совет и Агенцијата за поддршка на мали и средни компании во Европската комисија, Жан Давид Мало.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
СДСМ: Кратењето 40 милиони евра субвенции за земјоделците Трипуновски го претставува како „реформа“
Владата на Мицкоски ги намали субвенциите на земјоделците за огромни 40 милиони евра. Денеска Трипуновски сака ова кратење на субвенциите за 2026 година да го престави како некаква мала реформа, велат од СДСМ.
„Во 2024 година за субвенции се исплатија 140 милиони евра, сега во буџетот се предвидени само 100 милиони евра. Кај тутунот, субвенцијата за прва класа е намалена од 100 на 80 денари по килограм, што претставува директен удар врз тутунопроизводителите. Со зголемувањето на минималните површини за лозарство, овоштарство и поледелските култури, неколку илјади земјоделци за прв пат од 2004 година наваму ќе останат без денар субвенции. Дали за „реформа“ Трипуновски и владата на Мицкоски го сметаат елиминирањето на илјадници земјоделски семејства од системот на државна поддршка? Што е следно, дека и најголемиот криминален скандал со ИПАРД Програмата ќе го прогласат за „реформа“?“, прашуваат од СДСМ.
Од партијата обвинија дека владата на ВМРО-ДПМНЕ ги оставила земјоделците и без европска помош и со намалени субвенции.
„Оваа влада не ги крати парите за тендери туку ги кратат субвенциите од кои живеат земјоделците. 161 тендер за една фирма, 51 тендер за втора, 74 тендери за трета, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку пошта, 9 милиони евта за фирма со двајца вработени. Не се крати тука ништо, како колачи се делат тендери. Нема пари за субвенции, нема пари за минимална плата од 600 евра, има пари само за криминални тендери, нов авион и за луксузирањата на Мицкоски и неговите министри“, велат од СДСМ.
Економија
Трипуновски: Нема кратење на субвенциите, средствата ќе одат кај вистинските земјоделци
На владина седница е усвоена новата Програма за директни плаќања за 2026 година, информира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„Како новина, односно како мала реформа, направено е минимално зголемување на површините што се услов за користење на субвенциите, со цел да ја зголемиме домашната продукција на храна“, истакна министерот Трипуновски.
Тој нагласи дека сериозен акцент ќе биде ставен на теренските контроли што ќе ги спроведуваат надлежните институции, со цел средствата да завршуваат кај вистинските земјоделци.
„Минатата година беше потпишан Меморандум за соработка, со кој инспекторите од Државниот инспекторат за земјоделство се ставени на располагање на Платежната агенција, за да се спречи одлевање на државни средства кај лица кои досега користеле субвенции, а не обработувале земјоделска површина“, појасни Трипуновски.
Според него, дел од производството земјоделците ќе треба да го докажат преку предавање во преработувачки или откупувачки центри.
„Сето ова се става во законска рамка за да се следи нивото на производство и на тој начин да се потврди дека површините навистина се обработуваат“, додаде министерот.
Трипуновски ги отфрли обвинувањата од опозицијата, посочувајќи дека нема кратење на субвенциите, туку воведување дополнителни услови поврзани со реалното производство.
„Реформите што ги спроведуваме имаат цел да постават јасен правец на движење во наредниот период. Субвенциите треба да бидат насочени кон луѓето што навистина работат и произведуваат. Ова е чекор кон зголемување на домашното производство“, истакна министерот.
Економија
Поскап бензин од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,69% во однос на одлуката од 9.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,599%, кај дизелот за 0,154%, кај екстра лесното масло за 1,247% и кај мазутот намалувањето е за 1,530%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,3576%.
Од 17.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 33,883 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,233 ден/кг и сега ќе изнесува 33,883 ден/кг.

