Економија
Божиновска во ветерен парк Богданци: Нови турбини, повеќе струја, помалку загадување – Македонија поблиску до енергетска независност
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, го посети Паркот на ветерни електрани (ПВЕ) Богданци, првиот ваков објект во Република Македонија кој го користи ветерот како погонска сила за производство на електрична енергија. Во придружба на официјални претставници од АД ЕСМ, г. Иван Стојановски, директор за финансии, и г. Гоце Џамбазовски, помошник директор за обновливи извори, министерката се запозна со тековните активности и идните планови на овој значаен енергетски капацитет.
Министерката беше запознаена со инфраструктурата на паркот, вклучувајќи ја командната соба, сервер салата и трафостаницата, која е клучна за функционирањето на целиот комплекс. Посети и една од турбините, каде министерката имаше можност да го види влијанието на проектот во реални услови. Инсталираната моќност на секоја од турбините е 2.3 MW, висината на столбот изнесува 80 метри, а дијаметарот на елисата изнесува 93 метри.
„Ветерните паркови не се само економски исплатливи, туку и еколошки одговорни. Тие се клучот кон одржлива иднина и економски раст кој не ги загрозува ресурсите на идните генерации“, истакна министерката Божиновска.
Во текот на обиколката, Џамбазовски истакна дека ПВЕ Богданци не само што е пример за успешна инвестиција во обновлива енергија, туку и значаен придонес кон националниот електроенергетски систем.
„Турбините се производство на Сименс – Данска и се вбројуваат меѓу најдобрите во својата класа. Паркот, со своите 16 турбини, има инсталирана моќност од 36,8 MW и годишно произведува околу 100 GWh природно одржлива енергија, што е доволно за снабдување на околу 60.000 граѓани, намалувајќи ја зависноста од фосилните горива и придонесувајќи за намалување на емисиите на CO2“, рече Џамбазовски.
Министерката Божиновска беше информирана за плановите за втората фаза на проектот, ПВЕ Богданци 2, која ќе додаде дополнителни 13,2 до 15 MW капацитет. Оваа фаза е дел од пошироката стратегија на владата да го зголеми учеството на обновливите извори на енергија до 45% од вкупното производство до 2030 година.
Во оваа фаза е предвидено поставување на дополнителни 4 ветерни турбини, секоја со инсталирана моќност од 3,4 МW, со што вкупната инсталирана моќност ќе се зголеми на околу 50 MW, обезбедувајќи дополнително годишно производство од 37 GWh.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на ваквите проекти за енергетската независност и одржливиот развој на земјата:
„Ветерните паркови не само што придонесуваат за заштита на животната средина, туку и обезбедуваат стабилно и одржливо снабдување со електрична енергија за нашите граѓани. Паркот на ветерни електрани Богданци останува симбол на енергетската иднина на нашата земја, покажувајќи дека со правилни инвестиции и посветеност кон одржливи решенија, можеме да обезбедиме подобра и почиста иднина за сите нас.“
Ветерните паркови, како оној во Богданци, се клучни за намалување на емисиите на стакленички гасови и за борба против климатските промени. Тие обезбедуваат чиста енергија, намалувајќи ја зависноста од увоз на енергија и создавајќи нови работни места. Покрај економските придобивки, ветерните паркови придонесуваат за енергетска независност и стабилност, што е особено важно за земјите како Македонија.
Со изградбата на втората фаза, ПВЕ Богданци ќе стане уште поголем играч на македонскиот енергетски пазар, придонесувајќи за економски раст и зелена транзиција. Ова е јасен сигнал дека Македонија е посветена на одржливи економски решенија кои ги балансираат економските, социјалните и еколошките интереси.
1. Тековна состојба на ПВЕ Богданци:
• Број на турбини: 16
• Инсталирана моќност: 36,8 MW (16 x 2,3 MW)
• Годишно производство: околу 100 GWh
• Снабдување со електрична енергија: доволно за околу 60.000 граѓани
2. Планирана втора фаза (ПВЕ Богданци 2):
• Број на дополнителни турбини: 4
• Дополнителна инсталирана моќност: 13,2 до 15 MW (секоја со инсталирана моќност од 3,4 МW)
• Годишно производство: дополнителни 37 GWh
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.
Економија
Компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска со донација за погодените семејства од поплавите во Кичево
По поплавите во Кичево што доведоа до евакуација на околу 250 луѓе од 63 домаќинства, компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска уште еднаш ја потврдија својата општествена одговорност преку донација на средства за лична хигиена за лицата кои се привремено згрижени во градската спортска сала „Христо Узунов“.

Пакетите, кои содржат основни производи за секојдневна хигиена, како и вода и храна се наменети за најзагрозените домаќинства со цел да им помогнат полесно да се справат со последиците од природната непогода.


Со оваа хуманитарна иницијатива, компанијата испраќа силна порака за солидарност и поддршка во моменти кога заедништвото е најпотребно, останувајќи доследна на својата општествено одговорна мисија.
(ПР)

