Економија
Божиновска: Праведната транзиција ќе успее само ако ја водиме заедно
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, учествуваше на Националниот настан за вмрежување на Локалните економско-социјални совети, каде што уште еднаш ја потврди силната определба на Министерството да работи отворено, во соработка и директен дијалог со сите засегнати страни.
„Транзицијата мора да донесе подобар живот за сите нас. А тоа е можно само ако сме отворени, достапни и ако работиме заедно. Министерството е партнер за секоја општина, секоја организација, секој работник и секоја компанија што носи иницијатива. Можете да ни се обратите во секој момент“, изјави министерката Божиновска.
Локалните економско-социјални совети – се платформа којашто ги обединува општините, синдикатите, бизнис-заедницата, граѓанските организации и институциите во процесот на праведната енергетска транзиција.
„Ако не работиме заедно, ако работниците, општините, локалниот бизнис и граѓанските организации не се во процесот – тогаш процесот нема да успее. Многу е едноставно“, истакна Божиновска.
Божиновска се осврна и на Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција, која веќе функционира и создава можност за финансирање на локални проекти:
„Со тоа се отвора реален простор за инвестиции што ќе ја придвижат транзицијата напред. Но мора, сите вклучени чинители, посебно општините, да се поодговорни, да се понудат реални издржани проекти за да ги користиме средствата ефикасно. Нашата задача е да обезбедиме јасна политичка насока, координација меѓу институциите и поддршка за квалитетни локални проекти. Ние не сакаме транзиција само на хартија. Сакам секоја општина да има шанса да развие проект, секој работник да има пристап до нови можности, а секоја заедница да почувствува дека ова е процес што создава вредност — не страв. Затоа сме тука, затоа сме отворени“, додаде Божиновска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска–Мелинвуд: Започнува најобемната енергетска обнова на јавните згради досега
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари работна средба со Мелани Мелинвуд, претставник на Француската агенција за развој (AFD), а во врска со реализацијата на Планот за реконструкција на јавните згради – еден од клучните столбови на Реформската агенда на државата.
Фокусот на средбата беше ставен на имплементацијата на Планот за реконструкција на зградите што ги користат институциите на јавниот сектор на државно ниво за периодот 2025–2028 – стратешки документ што поставува јасна, тригодишна рамка за најмасовната и најсистемска енергетска обнова на јавни објекти во земјата досега.
Станува збор за План што веќе е усвоен од Владата по сеопфатен процес на усогласување со вкупно 33 институции, што ја потврдува неговата институционална тежина и стратешко значење за модернизација на јавниот сектор.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, како носител на оваа стратешка реформа, интензивно работи на обезбедување финансиски средства за реализација на обврските што произлегуваат од Реформската агенда, како и од постојните законски обврски. Согласно законската рамка, секоја година е предвидено да се реконструираат најмалку 3% од вкупната корисна подна површина на јавните згради, при што мерките за енергетска ефикасност се задолжителен и нераздвоен дел од секоја реконструкција, истакнуваат од таму.
На средбата беше истакнато дека во моментов е во подготовка таканаречената scoping студија (студија за определување на опфат), со која детално ќе се утврдат параметрите за рехабилитација и обнова на зградите, како и јасни критериуми за приоритизација на објектите што први ќе влезат во процесот на реконструкција.
Со ова, е нагласено во соопштението, државата прави крупен исчекор кон намалување на потрошувачката на енергија, пониски трошоци за јавниот сектор, подобри услови за работа во институциите и значително намалување на емисиите на штетни гасови, во согласност со европските климатски политики.
„Оваа реформа претставува конкретен чекор кон позелена, поекономична и поодржлива јавна администрација – со директни придобивки за граѓаните и за државниот буџет“.
Економија
Трипуновски: Досега се откупени 25,3 милиони килограми тутун во вредност од 170 милиони евра
Денес, заедно со директорот на Државниот инспекторат за земјоделство и претседателот на Сојузот, посетивме неколку откупни пунктови со цел да се направи увид во завршната фаза од откупот на тутунот, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„Според последните податоци, досега се откупени 25,3 милиони килограми тутун од последната реколта, просечната цена е 419,15 денари за килограм“, посочи тој.
Министерот Трипуновски додаде дека вкупната вредност на откупениот тутун изнесува околу 170 милиони евра, од кои 95,6% веќе се исплатени на тутунопроизводителите кои го имаат предадено својот род.
„Останува уште мала количина тутун која согласно предвидената динамика, ќе биде откупена во наредниот период. Секоја откупна компанија ќе има отворен пункт до крајниот рок за откуп, кој трае до крајот на месец февруари“, појасни министерот.
Економија
COMBO.mk – Новата онлајн дестинација за алат, апарати за домаќинство и многу повеќе
COMBO официјално ја пушта во употреба својата нова онлајн продавница, со цел купувањето да стане побрзо, поедноставно и подостапно за сите корисници низ државата. Со новата платформа, COMBO ја пренесува својата богата понуда во дигитално искуство што овозможува лесна нарачка, преглед на производи и безгрижна набавка од дома.
COMBO е современо продажно одредиште со продажен простор од 6.000 м² и асортиман од над 15.000 производи, внимателно селектирани за секојдневни потреби и професионална употреба. Понудата опфаќа девет главни категории: машини и алат, градинарски алат, апарати за домаќинство, автокозметика, лепила и силикони, електрика, оков за мебел, чешми и туш системи, како и производи за домашни миленици. Компанијата посветува внимание на брза достава и професионална услуга, со фокус на практичност и доверба при секоја нарачка.
Што добиваат купувачите
- Онлајн купување со широк избор на производи во девет различни категории.
- Практична набавка од едно место – од професионални алати и градинарска опрема, преку апарати за домаќинство и електрика, до чешми, туш системи и производи за домашни миленици.
- Брза достава и флексибилни опции за испорака низ цела Македонија.
- Стручна поддршка и советување при избор на производи.
- Сервисна поддршка и гаранција за производите.
- Услуга насочена кон лесно, сигурно и безгрижно корисничко искуство.
За повеќе информации и новитети, посетете ја веб-страницата на Combo.
(ПР)

