Економија
Божиновска се сретна со британскиот амбасадор: се разговараше за можностите за размена на искуства во управувањето со природните ресурси и енергетската транзиција
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со британскиот амбасадор Н.Е. Метју Лосон.
На состанокот присуствуваа и Никола Стојаноски, директор за меѓународна трговија и инвестиции во Амбасадата на Обединетото Кралство, како и претставници на меѓународната компанија „Англо Американ“, една од водечките светски корпорации во областа на рударството и металургијата.
Средбата се одржа во духот на континуирана и конструктивна соработка меѓу Македонија и Обединетото Кралство во областа на енергетиката и рударството. Разговарано беше за актуелните активности на Министерството и можностите за размена на искуства и добри практики во управувањето со природните ресурси и енергетската транзиција.

Министерката Божиновска ја истакна одличната соработка со британската амбасада, која, како што нагласи, претставува значаен партнер во процесите на развој на енергетските политики, унапредување на регулативата и поттикнување на одржливи практики во секторот.
Амбасадорот Лосон и претставниците на „Англо Американ“ ја поздравија досегашната соработка со Министерството, изразувајќи интерес за понатамошен институционален дијалог и заеднички иницијативи во насока на зајакнување на билатералните односи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Николоски – Грубер: Австрија се вбројува како еден од најголемите инвеститори во Македонија
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, денеска во рамки на работната посета на Виена, оствари средба со Северин Грубер, генерален секретар во федералното Министерство за економија.
На средбата на која беа потврдени добрите билатерални односи, се разговараше и за економската и трговска соработка меѓу двете земји.
Двајцата говорнци истакнаа дека Македонија и Австрија имаат одлична економска, соработка, Австрија се вбројува како еден од најголемите инвеститори во Македонија, а во таа насока соработката се темели на доверба, пријателски односи меѓу земјите и поволните услови за инвестирање.
Вицепремиерот Николоски истакна дека Македонија е влезена во силен инвестициски циклус во развој на инфраструктурата и модернизација на транспортните коридори. Во таа насока го презентираше проектот за брза пруга на коридот 10, економските и транспортни бенефти од реализација на овој проект за регионот и Југоисточна Европа.
Вклученоста на Австрија во овој регионален проект ќе ги поттикне економските перспективи на регионот, потенцира вицепремиерот Николоски и додаде дека истиот ќе придонесе за стабилизација, брз и сигурен транспорт на добра и патници.
На средбата се разговараше и за реализација на заеднички инвестиции во гасоводната мрежа, економските политики на владите, а разменија и мислења и во однос на актуелните политички случувања и нивното влијание врз регионот.
Економија
САД го продолжуваат рокот за продажба на странските средства на „Лукоил“
Канцеларијата за контрола на странските средства на Министерството за трговија на САД го продолжи рокот за завршување на трансакциите поврзани со преговорите и склучувањето договори за продажба на меѓународни средства на руската нафтена компанија „Лукоил“ до 13 декември, објави американската агенција.
Американската страна исто така го продолжи рокот за завршување на трансакциите со бугарските подружници на „Лукоил“ до 29 април 2026 година.
Обединетото Кралство воведе санкции врз „Лукоил“ кон средината на октомври, со рок до 29 ноември за завршување на трансакциите. Потоа се приклучи и Вашингтон, со санкции што требаше да стапат во сила на 21 ноември.
Кон крајот на октомври „Лукоил“ потврди дека поради санкциите, одлучил да продаде средства во странство и ја прифатил понудата на швајцарскиот „Гунвор“. Но, „Гунвор“ ја повлече понудата на почетокот на ноември по сигналите од Вашингтон дека дозволата нема да биде издадена додека трае војната во Украина.
Според извори на „Ројтерс“, американскиот фонд „Карлајл“, кој управува со средства во вредност од 474 милијарди долари, размислува за купување на меѓународните средства на „Лукоил“ како целина.
Поединечни клиенти се заинтересирани за индивидуални проекти: „Шел“ наводно ги сака платформите на „Лукоил“ во Гана и Нигерија, „Џенгиз холдинг“ вели дека не се откажува од купувањето на бугарската рафинерија „Нефтохим Бургас“.
Од „Лукоил“ велат дека се во преговори со неколку потенцијални купувачи и дека неговата цел е да обезбеди континуирано работење на сите странски проекти за време на продажбата со цел да се избегнат прекини во снабдувањето со енергија и да се зачуваат работните места.
Компанијата поседува во странство: рафинерии во Бугарија, Романија и Холандија, удели во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Ирак, Мексико, Гана, Египет, Нигерија и мрежа од речиси 2.500 бензински пумпи во 19 земји, вклучувајќи ја и Македонија.
Вкупно, произведува околу 2 % од светската нафта, од која 0,5 % е надвор од Русија.
Вредноста на странските средства се проценува на речиси 22 милијарди долари, според берзанските поднесоци од 2024 година.
Економија
Николоски на Виенскиот економски форум: На земјите од Западен Балкан им е потребна силна економска соработка
На земјите од Западен Балкан им е потребна силна економска соработка, повеќе инвестиции, поголема трговска размена, повеќе бизниси и тоа е нешто што ќе придонесе кон поголема демократија, просперитет, владеење на правото и заедничка соработка меѓу нас. Никој не веруваше дека во 21 век на европска почва ќе има војна, наместо да зборуваме за економија, зборуваме за војна. Ова е аларм за сите нас, истакна вицепремиерот Александар Николоски во своето експозе на отворањето на Виенскиот економски форум.
Тој потенцираше дека перцепцијата од придобивите од членството во ЕУ е се уште голема, но го истакна примерот со Македонија и нејзината неизвесност кон приклучување на Унијата. Додаде дека економската соработка е клучен фактор за стабилизација и соработка меѓу државите.
„Мислам дека никој не веруваше дека во 21-от век ќе има војна на европско тло и мислам дека таа перцепција дека само позитивни работи ќе се случуваат во Европа, дека ќе има постојан економски раст, дека ќе зборуваме само за прашања поврзани со храна, остави простор за Европската Унија да биде релаксирана, да остави процесот да тече сам, ако се случи – добро, ако не се случи – нема проблем, секако се дел од континентот, сега зборувам за целиот Западен Балкан, но она што се случи во 2021 година, сметам дека е аларм за сите нас, бидејќи мислевме дека нешто сме оставиле зад нас, а тоа ни се враќа. Повторно зборуваме нуклеарни проби, ракетни системи, за радари, дронови, анти-дронови, зборуваме за војна, за милиони изгубени животи досега, што не’ води до реалноста дека европскиот континент е само мал дел од слобода, демократија и економски просперитет и за жал, некои од големите играчи го перципираат светот поинаку од нас, не ги споделуваат нашите вредности, нашите заеднички цели и не живеат како што живееме ние и сакаат конфликт наместо просперитет“, рече Николоски.
Тој смета дека најслабиот дел од европскиот континент, не се Грузија или Молдавија, како што некои би рекле, туку тоа е Западен Балкан.
„И затоа сметам дека фокусот е многу важен – јасен фокус и јасна визија. Она што ме плаши и ќе бидам искрен е дека ќе се разбудиме во 2029 година, тука, ако не’ поканите и се’ уште ќе зборуваме за проширувањето, дека ќе биде убаво и дека ќе се случи. Бидејќи ова не е првпат да сме тука, да има динамика. Во 2000 беше Самитот во Солун, потоа во 2007 кога се приклучија Бугарија и Романија, ни велеа дека ние сме следните, а да не ви ги кажам сите отворени прозорци за кои сме слушале и сите клучни моменти. Она што е позитивно е што енергијата во регионот се’ уште е висока, јавното мислење е во полза на приклучување на Европската Унија и другите сили се’ уште не ѝ се конкуренција на ЕУ. Но прашање е дали тоа ќе биде засекогаш и затоа сметам дека треба да бидеме мудри и храбри, но и да зборуваме отворено и директно и да бидеме фер: ако нема проширување, тогаш да видиме што ќе се случува, ако е пакет, тогаш да дискутираме дали може да функционира или не. Подобро е на луѓето да им се каже вистината отколку постојано да ги лажеме или да им даваме лажни ветувања или да подгреваат очекувања кои потоа нема да се остварат“, рече Николоски.
Вицепремиерот додаде дека економската соработка е суштината на приоритетот во регионот.
„Може да видиме голем број на луѓе кои го напуштаат регионот. Ќе ви кажам еден мал пример: пред еден месец имавме локални избори и некои општини немаат градоначалник бидејќи не можат да дојдат до цензус од 33% излезност. Зошто? Најголем дел од луѓето не се тука, преселени се во централна или западна Европа. Затоа мислам дека е важно да се фокусираме на економијата. Австрија игра огромна улога во регионот, многу австриски компании се присутни во регионот, работат добро, добредојдени се и мислам дека тоа е најдоброто што можеме да го направиме заедно – да носиме повеќе инвестиции, да имаме поголема размена, повеќе бизниси, што мислам дека потоа ќе придонесат кон други работи што ги споделуваме – демократија, просперитет, владеење на право и заедничка соработка меѓу нас“, рече Николоски.

